Зошто е важен самитот во Скопје за иднината на ОБСЕ
30 ноември 2023До пред само неколку дена се наѕираше ситуација без преседан во историјата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ): цела година без легитимно избран претседавач. Таква ситуација не е предвидена во документите на ОБСЕ. Дали во таква ситуација воопшто можат да функционираат институциите, канцелариите и секретаријатите? Дали Постојаниот Совет, телото во Виена во кое се претставени сите 57 земји-членки на оваа најголема регионална безбедносна организација во светот, би можел да продолжи да се состанува?
Причина за неизвесноста се геополитичките тензии. Се почесто се блокираат важни одлуки. Доволно е само една од 57-те држави-членки меѓу Ванкувер и Владивосток, да каже не. Во ОБСЕ учествуваат држави од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Во последно време, Русија е таа која најчесто ги блокира одлуките.
На пример, уште од 2021 година не е донесен нов буџет - институциите, чии барања за почитување на човековите права се несомнено проблематични за некои членки, од месец во месец работат со проценките на буџетот стари три години. Доколку е потребно, секретаријатите и канцелариите би можеле да функционираат и без шеф. Но, без претседавање - тоа би било без преседан.
Затоа е важен изборот на претседавачот за 2024 година.
Доаѓањето на Лавров
Сите одлуки во ОБСЕ се донесуваат едногласно. Оттука, без гласот на Русија, или на било која друга земја, организацијата е блокирана.
До почетокот на оваа недела, имаше само еден пријавен апликант за претседавање со организацијата следната година. Тоа беше Естонија. За Русија, членката на НАТО и на Европската унија, која како поранешна советска република е крајно критична кон поранешната империја, не беше прифатлива. За разлика од Финска, на пример, која во 2021 година веќе беше едногласно избрана да претседава со 50-годишнината од Завршниот акт на Хелсинки, т.е. во 2025 година. Се разбира, тоа беше пред нападот на Русија врз Украина и приклучувањето на Финска во НАТО.
Неколку дена пред Северна Македонија да го заврши своето претседавање за 2023 година со Советот на министри, беше постигнат начелен договор: Малта ќе претседава со ОБСЕ во 2024 година. Недостасува само формалната одлука. Се очекува да биде донесена на дводневната средба во Скопје, која почнува денеска (четврток).
Од таа причина, официјално Скопје, но и соседните Бугарија и Грција, дозволија прелет на авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, и негово учество на конференцијата. Откако беше потврдена информацијата за доаѓањето на Лавров, веднаш реагираа Украина и трите балтички држави: Литванија, Летонија и Естонија, и го откажаа своето учество во знак на протест поради руската воена агресија врз Украина.
Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи се обиде да го смири незадоволството, објаснувајќи дека ситуацијата со доаѓањето на Лавров е иста како и неговото присуство во Њујорк, на собранието на Обединетите нации.
„Лавров не доаѓа во Скопје, на некој начин. Лавров доаѓа во ОБСЕ, исто како што беше и во ОН во Њујорк“, изјави Османи во Брисел во вторникот.
„Јас нема да го пречекам како министер за надворешни работи на Северна Македонија, туку како претседавач со ОБСЕ“, дополни Османи.
Што е ОБСЕ?
Организацијата, со седиште во Виена, ги влече своите корени во напорите за дијалог и соработка за време на Студената војна. Хелсиншкиот процес, кој започна по Завршниот акт на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа во 1975 година, значеше дека ќе се разговара за теми како разоружување, но и за економија и човекови права, а земјите се обврзаа на принципите.
По завршувањето на Студената војна, овој процес беше зацврстен во ОБСЕ. Постои генерален секретаријат кој се грижи за секојдневното функционирање, и канцеларии за поглавја како човековите права, националните малцинства и слободата на медиумите. Врвните позиции во овие канцеларии исто така се во опасност наскоро да останат празни, доколку не се избере претседавач. И позициите на актуелните функционери, како што е германската дипломатка Хелга Шмид како генерален секретар на ОБСЕ, се загрозени бидејќи таа тешко би добила втор тригодишен мандат.