1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов обид за екстрадирање на Никола Груевски

ДТЗ
12 септември 2022

Министерството за правда повторно ќе бара Груевски и осудените во случајот „Монструм, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, да бидат испорачани во Северна Македонија

https://p.dw.com/p/4Gj45
Никола Груевски Будимпешта
Додека во Скопје се нижат судски пресуди, експремиерот во бегство, Никола Груевски во Будимпешта го развива бизнисотФотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

Македонското Министерство за правда најави дека во наредниот период ќе поднесе нови барања за екстрадиција на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како и за осудените во случајот „Монструм“за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири. 

Барање до Будимпешта

За Никола Груевски досега е испратено едно барање за екстрадиција од ноември 2018 година и едно дополнување на барањето за екстрадиција од јуни 2019 година. „Екстрадицијата е побарана за сите случаи за кои имавме сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите постапки за кои е распишана потерница. Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 05.08.2019 година со образложение дека на Никола Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да биде предадено на државата од која избегало“, велат од Министерството за правда. 

Додека во Скопје се нижат судски пресуди, експремиерот во бегство, Никола Груевски во Будимпешта го развива бизнисот. Тамошните медиуми уште минатата година објавија дека регистрирал компанија во село оддалечено 20 километри од Будимпешта. Според документите објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми, Груевски, при отварањето на фирмата планирал широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори.

Американското министерство за финансии на 11 април 2022 година ја прошири црната листа, на која се најде името на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски и фирмата која што ја отвори во Унгарија. Американската влада во образложението наведува дека се одлучила на ваков чекор како одговор на неговата вмешаност во значителна корупција. 

Груевски беше осуден во Скопје на две години затвор во 2018 година за недозволена набавка на луксузно возило и на уште седум години за перење пари во април во отсуство, откако побегна во Унгарија во 2018 година. Тој доби азил од владата на Виктор Орбан по забрзана постапка. Против него се водат уште судски постапки во Северна Македонија. 

Како ќе одговори Косово?

Уште две екстрадиции изминатиов период се заглавени, откако Косово не одговори позитивно на барањето на Министерството за правда да ги испорача Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, осудени за случајот „Монструм“. Прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција  на 15.03.2013 година.

Смилковско Езеро случај „Монструм“
Косово не одговори позитивно на барањето на Министерството за правда да ги испорача Алил Демири и Африм Исмаиловиќ за убиствата кај Смилковското ЕзероФотографија: DW/P. Stojanovski

„Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово во јануари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 05.09.2018 година. На 08.10.2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор. Во постапките, се што беше побарано од косовските власти беше доставено“, тврдат од Министерството за правда.

Официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати - во февруари 2016 година и во октомври 2021 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година.

Барањето за нивна екстрадиција се активира откако Апелациониот суд во Скопје донесе пресуда со која ја потврди првостепената одлука за ,,Монструм” со која Демири и Исмаиловиќ се правосилно осудени на доживотна казна затвор. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи