1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Три доживотни казни за „Монструм“

ДТЗ
23 февруари 2021

Судот денеска изрече пониски казни од 15 и 9 години затвор за двајца од обвинетите, додека еден е ослободен од вина.

https://p.dw.com/p/3pk7g
Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Staatsanwältin Fatime Feta
Фотографија: Petr Stojanovski

Три доживотни казни затвор изрече денеска Основниот кривичен суд Скопје за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Судот смета дека бегалците Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, се виновни за тероризам и ги осуди на казни доживотен затвор, а иста казна доби и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Хаки Азири е осуден за две кривични дела помагање на сторител по извршено кривично дело, за што доби единствена казна во траење од 9 години. Фејзи Аризи, пак, е осуден за помагање на сторител по извршено кривично дело на 15 години затвор. Судот го офрли обвинението за Сами Љута. Ова е пресудата којашто ја донесе Кривичниот суд во повторениот судски процес за случајот „Монструм“. На изрекување на пресудата присуствуваа роднини на обвинетите и членови на семејствата на жртвите. Пресудата беше донесена под засилено полициско обезбедување. 

-повеќе на темата: Фетаи бара доживотен затвор за тројца обвинети во „Монструм“

„Притворот ми е определен и минатиот пат, кога се знаеше дека ќе се смени членот од обвинението, јас не сум бегал и нема да бегам. Го повикувам јавниот обвинител Љубомир Јовески, обвинителката Вилма Русковска да ме посети во затворот во Шуто Оризари да им приложам докази за нарачателите и организаторите на ова убиство, за помагачите на ова убиство, со прецизни докази. Во рок од 10 дена ако не ме повикаат, или ако не ме посетат, ќе ги дадам доказите на јавноста и на странските амбасади за да се утврди кој е извршител, нарачател и помагач“, изјави пред судот обвинетиот Фејзи Азири, кој е прогласен за виновен за 2 кривични дела за помагање во извршување на кривично дело со единствена казна затвор од 15 години.

Blockierte Autobahn nach Tod von 5 Menschen in Mazedonien
Петкратното убиство кај Смилковско Езеро се случи на 12 април 2012 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Пресудата ја донесе петчлен судечки совет од двајца судии, Огнен Ставрев и Осман Шабани, и тројца поротници. Повторениот судски процес трае околу три години. Беше проследен со бројни протести на семејствата на обвинетите кои бараа нивно ослободување. Првите двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, се во бегство во Косово и со години се чека нивна екстрадиција.

Обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови побара доживотен затвор за првите тројца обвинети за тероризам, за Хаки и Фејзи Азири за помагање побара максимални затворски казни од 9 до 10, односно 15 години, додека за Сами Љута побара ослободителна пресуда поради недостиг на докази. Одбраната бараше ослободителна пресуда, со тврдење дека не се гонат вистинските извршители.

-повеќе на темата: Протест за „Монструм“: скандирања, скршени прозорци, навреди за Фатиме Фетаи

Петкратното убиство кај Смилковско Езеро се случи на 12 април 2012 година, кога животот го загубија четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од скопската населба Радишани, како и 45-годишен рибар од селото Црешево.

Во претходна постапка за убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.
По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторно судење. Во март 2018 година случајот го презеде поранешното СЈО. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.