Протест за „Монструм“: навреди за Фатиме Фетаи
29 јануари 2021Со скандирања, неколкучасовна блокада на скопските улици, скршени прозорци, навреди и барања за разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи, заврши неколкучасовниот протест за случајот „Монструм“, којшто беше најавен во МВР. Учесниците на протестот скандирајќи „УЧК“, побарааа меѓународната заедница да интервенира за да се обезбеди правда за случајот со петкратното убиство на Смилковското езеро, за кое што тврдат дека се гонат невини луѓе. Протестот го организираа семејствата и поддржувачи на обвинетите за петкратното убиство што се случи кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.
Протестот почна во Чаир, продолжи по улицата „Цветан Димов“, а потоа групата се упати до плоштадот „Скендер Бег“, од каде преку Стоковната куќа „Мост“ требаше да се упати до Основното јавно обвинителство. Пристапот до зградата на обвинителството беше блокиран од силното полициско присуство. Демонстрантите се упатија кон зградата на Министерството за надворешни работи пред мостот на реката Вардар во центарот на Скопје. Ситуацијата во еден момент ескалираше при што беше скршено стаклото од влезната врата на Министерството за надворешни работи. Набргу потоа демонстрантите се повлекоа.
Бедри Ајдари од иницијативниот одбор на протестите изјави дека бараат само да се спроведуваат актуелните закони кои важат во нашата земја. Тој рече дека „некој наредил да се убијат пет македонски државјани коишто се од македонска националност, за да ги најдат и да ги обвинуваат Албанците за да се држи некаков можеби контролиран конфликт“.
За убиствата кај Смилковското езеро се обвинети Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири избегаа на Косово и се чека нивна екстрадиција во С.Македонија. По првото судење, петмина од групата добија доживотна казна затвор, но Врховниот суд ја укина пресудата во 2017 година. Случајот го презеде СЈО и судењето почна од почеток.
На последното рочиште, во своите завршни зборови, обвинителкатаФатиме Фетаи побара високи казни за обвинетите, освен за Сами Љута, за кој побара ослободителна пресуда поради недоволно докази. Таа побара доживотен затвор за Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ за делото тероризам и долгогодишни казни затвор за Фејзи и Хаки Азири, кои се обвинети за помагање во петкратното убиство.