Место ред - хаос со платите во јавниот сектор
15 февруари 2023Иако законскиот рок до 15-ти во месецот изминува, многумина во јавниот сектор ќе останат без очекуваните плати. Со проблем за првпат по речиси четири години од неговото назначување се соочи Кабинетот на претседателот, Стево Пендаровски, а врие и во здравството, откако хакерски напад предизвика вистински хаос во функционирање. Откако Фондот за здравство го пречекори законскиот рок за исплата на плата на медицинарите,тие најавуваат протести и штрајк. Незадоволство има и кај вработените во здравството, но и кај граѓаните, кои веќе девет дена не можат да земат пари за породилно отсуство, да рефундираат средства за лекови или пак за боледување.
Има решение за Кабинетот на Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски и шеесетина вработени во неговиот кабинет деновиве ќе ја добијат јануарската плата, која за дел од нив ќе биде за 5 проценти повисока. Претседателот, именуваните лица и посебните советници нема да имаат покачување на платите. Ваков договор бил постигнат со Министерството за финансии, откако настана застој во исплатата на средствата.
„Платата ќе биде исплатена во наредните денови, во согласност со Колективниот договор и утврденото покачување од 5% за административните службеници во Кабинетот. Постигнатото решение предвидува внатрешна прераспределба на средства во рамките на постоечкиот и одобрен буџет за 2023 година за Кабинетот. Со ова решение целосно се почитува Колективниот договор“, посочуваат од Кабинетот на претседателот.
За првпат по неговото назначување за шеф на државата пред речиси четири години, Кабинетот остана без плата. Застојот се лоцираше во Министерството за финансии од каде што не беше извршена уплата на почетокот на месецот, како што досега било вообичаено. Спорно беше покачувањето на платите за дел од административните службеници, за коишто Министерството за финансии имаше став дека во буџетот за 2023 година нема дополнителни средства за исплата на плати.
Од Кабинетот на Пендаровски, пак, објаснија дека не се бара исплата на екстра пари од буџетот, туку со веќе заштедени средства треба да им се зголемат платите за 5% на 55 државните службеници.
Претходно турбуленции настанаа и со зголемувањата на платите во Министерството за финансии, каде ресорниот министер Фатмир Бесими најави зголемување на платите за 30 отсто, па потоа ја повлече одлуката, по критиките во јавноста. Откако Бесими ги повлече веќе потпишаните решенија, дел од вработените излегоа на протест.
Решение ќе се бара во новиот систем на плати, кој треба да донесе ред во јавниот сектор. Овој закон ќе ги опфати сите 1.346 јавни институции со околу 132.088 вработени кои се вклучени во Законот за вработени во јавниот сектор. Идејата е платите да бидат хиерархиски подредени од највисоко до најниско ниво. На врвот е платата на претседателот на државата.
Владата најави дека од март освен што ќе има зголемување на минималната плата, во јавниот сектор ќе има усогласување на платите. „Во март линеарно ќе биде зголемена платата во јавниот сектор за толку за колку што е зголемена минималната плата. Со Законот за административни службеници сите ќе бидат опфатени“, изјави неодамна вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Во последните неколку години имаше неколку зголемувања на платите во различни области: во судство и обвинителство 15%, во образованието 15%, во високото образование 8% и 7%. Инспекторатите, три последователни години добија по 10%, а зголемување имаше и во здравството, МВР, Армијата и други институции.
Кај едни крати - кај други давај
Незадоволство поради платите има и во судството. Управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) реагира дека „откако го среди сопственото министерство, Кабинетот на претседателот на државата (кои се уште немаат плата) и вработените во судовите, нова жртва на министерот за финансии се Јавните обвинителства“.
„Македонскиот Робин Худ, наместо да им помага на вработените со ниски плати, истите уште повеќе ги крати за да им даде на тие со поголеми плати. Ова е новата ситуација во јавните обвинителства каде што министерот за финансии ги скрати додатоците на плата за службениците, а ги зголеми кај обвинителите“, реагираат од УПОЗ.
Според нив, со ваквите бесмислени потези, министерот за финансии ги доведува вработените во Јавните обвинителства во нееднаква позиција, а воедно создава револт и раздор меѓу различните групи на вработени во јавните обвинителства.