1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатите удрија и по власта и по опозицијата

ДТЗ
12 октомври 2022

Над 70.000 членови на ССМ се непријатно изненадени и од премиерот, но и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Критикуваат дека станува збор за „заговор“ против работниците и бараат товарот на кризата да не падне само на нивниот грб.

https://p.dw.com/p/4I4mc
работници
Работниците им се само гласачка машинерија, критикуваат синдикатитеФотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) упати критики и кон власта и кон опозицијата, коишто деновиве излегоа со свои планови за излез од кризата. Критикуваат дека станува збор за „заговор“ против работниците и бараат товарот на кризата да не падне само на нивен грб. Над 70.000 членови на ССМ се непријатно изненадени и од премиерот Димитар Ковачевски, но и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Првиот најави дека Владата ќе им наложи на јавните претпријатија, институции и агенции да ги намалат трошоците. Тоа ќе треба да биде направено со штедење на струја, но и со намалување на плати.

Мицкоски, пак, предложи вишоците струја што ги произведува АД ЕСМ, кои се јавуваат во текот на ноќта и викендот, да му бидат отстапени на стопанството. Втората мерка е секоја компанија што ќе плати цена на струја за мегават-час над цената на регулираниот пазар, половина од разликата да ја преземе државата со субвенција, како и викенд без ДДВ за основните прехранбени производи.

Заговор против работниците

„Со последните изјави Ковачевски и Мицкоски како договорени во исти ден заговараат и бараат уназадување на работничките права - едниот планира преку намалување на платите да намалува трошоци, а другиот ќе троши вишоци на струја, но сите работници да работеле во недела, иако недела е неработен ден за 92% од работниците“, реагираат од ССМ. 

Според нив, владата на која ѝ се случува генерален штрајк во јавниот сектор онаму каде што не се зголемени платите, сега планира да штеди и да им ги намали платите на работниците. Во услови на 18,7% инфлација и до 100% зголемени цени на основните прехранбени производи, на тој начин дополнително ќе ги осиромаши граѓаните и работниците за дополнителни 10%.

„Сето ова е поради тоа што владејачката партија СДСМ, односно Владата, не ги зголеми платите на работниците, а опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми платите на локално ниво, а истото го сторија и други совесни градоначалници и други политички партии онаму каде што имаат функционери“, укажуваат од синдикатите.

денари пари
Во услови на 18,7% инфлација и до 100% зголемени цени на основните прехранбени производи, се најавува намалување на платитеФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Опозицијата бетер од Владата

Тие оценуваат дека од друга страна опозицијата настапува бетер од Владата. „Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, како една од главните мерки за надминување на енергетската криза предлага да се укине недела неработен ден и работниците да работеле во недела оти имало вишоци на струја, а работодавачите да бирале сами друг ден во неделата за неделен одмор. Уште пострашно е што ваквата изјава доаѓа по произнесувањето и на судиите од Уставниот суд дека ова право недела да биде ден за неделен одмор требало многу порано да биде утврдено на работниците и како такво задолжително мора да остане во примена“, критикуваат од ССМ.

Тие се децидни дека е недозволиво главните начини за излез од која било криза да бидат на грбот на работниците, на грбот на оние кои ја изградиле државата, на грбот на оние кои со својот глас ги избираат владините и локалните функционери.

„Ковачевски и Мицкоски веројатно сметаат дека работниците им се само гласачка машинерија и дека работниците не се свесни за нивните работнички права и не се свесни за нивната моќ.

Реакцијата е последица на најавите на премиерот дека ќе се крати од високите плати.  „Еден од начините за намалување на трошоците, таму каде што има плати што се далеку над просекот сметам дека во услови на ваква криза треба да се намалат, а додека таму каде што приходите не соодветствуваат на она што би требало да биде, исто така да направат напори да ги зголемат приходите“, изјави Ковачевски. Тој исто така посочи дека има јавни претпријатија во која има голем број на вработени. Тие треба да направа анализа дали имаат потреба од сите луѓе во секое време или дел од нив може да одат на одмор, со цел да се заштеди енергија. Ќе се прави и ревизија на менаџерските договори на јавните претпријатија.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, предложи свои пакет мерки за справување со кризата.