1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инфлацијата го изеде стандардот

Костадин Делимитов
13 септември 2022

Рецептот за одбрана од кризата не е нималку едноставен, а е ургентно потребен. Се бара помош за најранливите категории граѓани, таргетирано субвенционирање на стопанството, но и повисоки плати.

https://p.dw.com/p/4GlEb
Минималната потрошувачка кошничка за многумина е недостижна
Минималната потрошувачка кошничка за многумина е недостижнаФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Цените растат, сиромаштијата се продлабочува, стопанството тоне. Македонската економија е под тежок удар на енергетската криза која е главна причина за рекордната инфлација, која во август достигна 16,8% на годишно ниво. Статистичките податоци во континуитет отсликуваат негативни тенденции кои влијаат серизоно врз стандардот на граѓаните. Растот на цените ја јаде вредноста на парите со кои од ден за ден граѓаните можат да си дозволат сѐ помалку. Минималната потрошувачка кошничка од 48.234 денари веќе одамна е недостижна - за неа едно четворочлено семејство треба да издвои една и пол месечна просечна плата.

„Тешко нам“

Граѓаните реагираат дека секојдневието станува неиздржливо:

„Да ти е страв веќе да влезеш во маркет. Купувам она што е најопходно, оти сѐ е прескапо. Не знам каде ќе ни биде крајот ако нешто не се направи. Ова станува неиздржливо, а допрва слушаме дека ќе нѐ удри кризата со почетокот на грејната сезона. Тешко нам“, реагира жител на скопската општина Карпош кого го сретнавме пред еден од локалните маркети.

Статистиката пресмета дека за една година, храната во просек е поскапена за речиси 26%, лебот дури за 44%, доминантно како резултат на поскапата струја и гас, чии цени се повисоки за 20% односно 43,3%. Ударот од ден на ден е сѐ поголем и ќе стане уште подраматичен ако државата не воведе дополнителни заштитни мерки.

Синдикатите веќе губат трпение, бараат итна средба со Владата:

„Бараме итна средба во Владата, да се одржи седница на Економско социјалниот совет, оти состанок немало од март. Да се види што може да се направи, какви мерки се можни оти ваквата состојба станува веќе неиздржлива. Доколку нема никаква конкретна активност, ќе бидеме приморани да правиме протести, што веќе и го подготвуваме. Откако се потпиша договорот за минималната плата, нема ништо. Ова не било досега со ниту една влада, вакво нешто не паметам“, реагира Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.

Минималецот и просечната плата ја губат вредноста, па затоа синдикатите бараат итно решавање на проблемот со утврдување на висината на платите согласно зголемениот минималец.

За една година, храната во просек е поскапена за речиси 26%
За една година, храната во просек е поскапена за речиси 26%Фотографија: P. Stojanovski

„Мора да се реагира со платите, чекаме да видиме каков ќе биде епилогот од тужбите на ССМ пред домашните и меѓународните судови околу непочитувањето на законот за утврдување на платите, за што даваме поддршка. Но стопанството мора да реагира. Кога имаше времиња кога правеа и огромни профити, се расфрлаа со пари. И сега, кога е криза, сите кукаат, а трпат граѓаните и работниците. Не велам дека шоковите не се големи, но ако имавме сериозни и одговорни стопанственици ќе предвиделе една ваква состојба. Сите само гледаат профит и некој да помогне и толку. Затоа го креваме гласот оти не можеме да издржиме“, реагира Ристески.

Компаниите да се одржат во живот

Апелот за помош не доаѓа само од синдикатите. Реагира и стопанството, кое бара државата да донесе конкретни мерки кои ќе го амортизираат ударот од кризата, пред сѐ енергетскиот.

„Мерки треба да има, но да не се повторат грешките од Ковид-кризата. Тие сега треба да бидат таргетирани онаму каде што треба“, предупредува Ангел Димитров, стопанственик и претседател на Организацијата на работодавачи.

Тој се согласува со ставот на Владата дека треба да се штеди, но не по секоја цена. Клучно е, вели, да се дејствува максимално за да се одржат компаниите во живот:

„Просторот за помош од Владата можеби е мал, но мора најитно да се реагира онаму каде е најкритично. За жал, оние компании каде струјата има големо учество во вкупните трошоци очигледно ќе мора да затворат. Барем компаниите кај што може да се издржи притисокот да се задржат во живот, бидејќи ако луѓето останат дома, тогаш нема да имаат никаква плата. Најважно е да се задржат компаниите, што помалку да затворат, да останат вработените да си ја заработуваат плататат, а не да дојдат на товар на буџетот, оти тој не е вреќа без дно“, укажува Димитров.

Стопанството бара државата да донесе конкретни мерки кои ќе го амортизираат ударот од кризата, пред сѐ енергетскиот
Стопанството бара државата да донесе конкретни мерки кои ќе го амортизираат ударот од кризата, пред сѐ енергетскиотФотографија: DW/Petr Stojanovski

Потребни се целни мерки

Рецептот, според него, треба да се бара во комбинирани и таргетирани мерки, а не преку зголемување на платите, што може да биде погубно во моментов:

„Ако компанијата во ваква ситуација ги качува платите и дојде во ситуација да не може да плати струја, тогаш ќе мора да го затвори погонот и работниците да си одат дома. Мора да се мисли и на опстанокот, кој сега е најважен, а не само на стандардот. Инфлацијата е резултат на тоа што во минатото трошевме повеќе отколку што произведувавме. Без пораст на продуктивноста качувавме плати со желба, ете, дека со тоа ќе се зголеми продуктивноста. Минатата година, кога ја донесовме минималната плата на 18.000 денари, утврдивме критериуми како таа ќе се коригира во зависност од инфлацијата и растот на другите плати. Значи 50% од трошоци на живот и 50% од порастот на просечната плата. Тоа ќе може да се случи, но во март наредната година. Но најголем проблем се трошоците за енергија, за струја растат енормно и тоа ќе биде страшен проблем за да се покријат зголемените плати“, предупредува Димитров.

- повеќе: Беџети: Патиме од цинични политичари кои не знаат и не прашуваат

Затоа, според него, треба да се делува поединечно, во зависност од потребите, но и од реалните состојби:

„Да се оди таргетирано, индивидуално, да ја научиме грешката од корона-кризата кога субвенциониравме плати на секој кој што има пад од 30% на приходите. Компании кои имаа добивки и кои можеа сами тоа да го поднесат добиваа субвенција затоа што имаа пад на приходи. Само еден таков критериум не е доволен показател за таргетирано да реагирате. И сега не може на секој кој што има зголемување на цената на струјата, да речеме за пет пати, да му ја субвенционира државата. Мора да се се види колку цената учествува врз вкупните трошоци и така да се реагира. Вториот критериумот се добивките, колкаво е учеството на струјата во добивките. Ако имаш голема добивка, а струјата малку учествува во таа добивка, тогаш со таа добивка ќе се покријат трошоците. Мора да се направи добра математика за субвенционирање само за оние на кои тоа им е итно и неопходно потребно, ако сакаме со малку пари да добиеме повеќе ефекти“, укажува Димитров.

Се зголемува стравот од рецесија
Се зголемува стравот од рецесијаФотографија: Fotolia/P.Fleet

Поддршка за најранливите

Надлежните во Владата уверуваат дека мерки има, а се размислува и за дополнителни целни мерки. Сепак, освен најави, за нив засега нема ништо поконкретно:

„Во однос на инфлацијата веќе имаме мерки како Министерство за економија кои ги носиме. Во делот на директна помош ние сме го кажале нашиот став, тоа колку што имам информација е ставот и на Министерството за финансии, а и препорака на меѓународните финансиски институции за мерките да бидат таргетирани за најранливите категории на граѓани и на таков начин ќе постапиме“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

- повеќеЕвропската унија, енергетската криза на Балканот и најтешката зима

Експертската јавност предупредува дека владата треба да делува поагилно, оти напорите кои се прават се недоволни. Сугерираат дека итно треба да се делува во делот на поддршката за социјално најранливите категории граѓани:

„Државата треба да направи рационализација на сопствените трошења и пренасочување на средствата кон потребите на граѓаните, особено кон социјално ранливите категории како најпогодени. Ќе дојде време кога нема да можат да ги платат сметките“, предупреди универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Страв од рецесија

Актуелниот развој го зголемува и стравот од рецесија. Оттука и сугестиите да се внимава и во делот на потезите кои ги влече монетарната власт. Народната банка веќе реагираше и ја зголеми референтната каматна стапка, но дел од упатените предупредуваат дека доколку овој тренд продолжи може да има последици. Инфлацијата веројатно би се намалила, но од друга страна би се ограничиле средствата во оптек, што ќе ја забави економијата. Институтот „Фајнанс тинк“ веќе предупреди од рецесија:

„Неизвесноста во економијата останува висока, додека видливата стагфлација во вториот квартал од 2022-ра ќе станува поинтензивна до крајот на годината, со зголемена веројатност од рецесија од почетокот на идната година“, се вели во анализата на „Фајнанс Тинк“.

Надлежните се под притисок да најдат ефикасен одговор и околу струјата, чија цена расте и допрва ќе расте. Прогласената кризна состојба ѝ дава одврзани раце на Владата да делува ургентно, а неодамна на седница на Советот за безбедност падна одлука да се обезбедат 300 милиони евра од буџетот за покривање на потребите. Опозицијата предупредува дека цехот ќе биде двојно поголем, или уште поскап ако се земат предвид и потребите за набавка на гас.

Предупредуваат дека власта е неспособна да се справи со кризата и доцни со мерките за помош на граѓаните и стопанството.