Навални потврди дека е во затвор во поларниот регион
26 декември 2023Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, за кој соработниците утврдија дека е префрлен во затвор на Арктикот, денеска на социјалните мрежи објави дека е „добро“.
Патувањето до новиот затвор траеше 20 дена и беше „прилично заморно“, напиша Навални на платформата X.
„Во секој случај, не грижете се за мене. Добро сум. Ми олесна што конечно пристигнав“, додаде тој.
Објавата на платформа X која жестокиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин ја објави преку неговите адвокати доаѓа откако неговите сојузници загубија контакт со него повеќе од две недели додека тој беше во транзит, без информации каде е одведен. Ова, исто така, предизвика загриженост кај западните политичари.
Неговата портпаролка во понеделникот рече дека успеала да дознае дека Навални е испратен во затворската колонија ИК-3 северно од Арктичкиот круг која се наоѓа во Харп во регионот Јамал-Ненец, околу 1.900 километри североисточно од Москва.
Новиот дом на Навални, познат како колонијата „Поларен волк“ се смета за еден од најсуровите затвори во Русија. Повеќето од затворениците таму се осудени за тешки кривични дела. Зимите се сурови, а температурите ќе се спуштат до околу минус 28 Целзиусови степени во текот на наредната недела.
Во август, Навални беше осуден на 19 години затвор, откако беше прогласен за виновен, меѓу другото, за создавање екстремистичка заедница и финансирање екстремистички активности.