1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоРусија

Случај Навални: зошто му се закануваат 30 години затвор

Кирил Букетов
19 јуни 2023

Во Русија започнува нов процес против Алексеј Навални. Рускиот опозиционер наводно прекршил седум члена од Кривичниот законик, меѓу кои и за „тероризам”.

https://p.dw.com/p/4SkKR
Критичарот на Кремљ, Алексеј Навални
Критичарот на Кремљ, Алексеј Навални Фотографија: Vladimir Kondrashov/AP/picture alliance

Денеска (19.06.2023) московскиот суд започнува нов процес против дисидентот Алексеј Навални, кој се товари за серија кривични дела. Рочиштето се одржува во казнена колонија во регионот Владимир каде веќе одлежува 9-годишна затворска казна заради измама и непочитување на судот.

Со оглед на новите обвиненија и самиот Навални смета на затворска казна до 30 години. И неговите истомисленици стравуваат од строга пресуда. „Сметаме дека процесот ќе биде релативно брзо завршен и дека Алексеј навистина ќе биде осуден на незамислива казна од 30 години затвор”, вели портпаролката на Навални, Кира Јармиш за ДВ.

Прво политичко обвинение против Навални

„За првпат Навални е изведен пред суд заради политички закон, односно заради политички активности”, нагласува неговиот поддржувач Леонид Волков во Подкаст на ДВ Новости шоу. Спецификата на новиот случај е исклучиво политичкиот карактер.

„Кремљ велеше цело време - видете дека е измамник, ја украде цела шума, цела пошта, сите донации. Тој е крадец. Затоа се обидуваа овие процеси колку што е можно да ги претворат во претстава. Но, новиот случај на Навални е од чисто политичка природа. Обвинет е само заради неговите политички активности кои Кремљ од 2011 ретроактивно ги декларира за терористички”, вели Волков. „Секоја пресуда однапред ја сметаме за противправна и целиот случај за целосно измислен”, нагласува Јармиш. „Затоа ќе дадеме сѐ од себе за да го информираме целиот свет за ова”, додава таа.

Градскиот суд во Москва
Градскиот суд во МоскваФотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP/Getty Images

196 папки и без присуство на новинари

Според Јармиш руското правосудство сака процесот „заради недостиг на докази” да го истурка со што е можно помалку внимание на јавноста. Подготвителното рочиште од 31. мај беше поместено на 6.јуни, а потоа и подготвителното и другите рочишта беа префрлени во казнената колонија во која го држат затворен Навални.

На 5.јуни Волков во разговор со ДВ оцени дека процесот нема целосно да помине зад затворени врати. „Ќе ја дознаеме само пресудата. Кремљ ќе направи сѐ за да не продрат информации надвор”, рече Волков.

Но, по подготвителното рочиште на 6 јуни судот одлучи првото рочиште на 19 јуни да се одржи јавно. На 16 јуни судот соопшти дека ниту еден од новинарите нема да биде пуштен во салата во која се одржува рочиштето, туку ќе може да престојуваат во засебна просторија и од таму да го следат процесот. Но, при последниот процес против Навални приемот беше со постојани прекини и при завршните зборови на обвинетиот комплетно исклучен преносот.

Новиот случај опфаќа 196 папки и му се префрлаат прекршувања на седум члена од Кривичниот законик. Тука се вбројува и основањето на екстремистичко здружение („станува збор за Анти-корупциската фондација која на 9. јуни 2021 беше категоризирана како „екстремистичка организација”), рехабилитирањето на националсоцијализмот и учеството на малолетни лица во дејствија опасни по живот (се мисли на повиците за учество на јавни собири).

Како и на оваа фотографија, обвинетиот Алексеј Навални и на новиот судски процес ќе се гледа само на екран
Како и на оваа фотографија, обвинетиот Алексеј Навални и на новиот судски процес ќе се гледа само на екранФотографија: Moscow City Court Press Service/dpa/picture alliance

Судот за човекови права одлучува за Навални

Токму на денот на подготвителното рочиште Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја соопшти пресудата за тужба поднесена од адвокатите на Навални во 2020 година. Се работи за одбивањето на руските власти да го истражат нападот со отровен гас врз Навални што се случи истата година. Европскиот суд му даде за право и посочи на повреда на членот за право на живот од Европската конвенција за човекови права. Судот пресуди дека Русија треба да му плати 40 илјади евра на Навални заради нанесена морална штета. Бараните 300 илјади евра од страна на тужителот Навални судот го отфрли како превисоки.

Сепак, невозможно е од Русија да се наплати и пресудената сума затоа што Руската федерација не ги признава пресудите на Европскиот суд и веќе не потпаѓа под негова ингеренција. Сепак пресудата значи дека “животот на Алексеј навистина бил во опасност и дека Руската федерација е одговорна за тоа”, Dennoch вели Јармиш. "Од аспект на чистото барање на вистината ова е важна пресуда. И покрај сите пртивења на руските судови да го проверат случајот, ова докажува дека нашите адвокати беа во прави”, заклучува портпаролката на Навални.

Претставник на Советот на Европа за ДВ соопшти дека Европскиот суд може да разгледува жалби од Руси ако се однесуваат на повреди на правата на руски граѓани кои се случиле до средината на септември 2022 година затоа што Русија дури од тој момент се повлекла од ингеренциите на Европскиот суд за човекови права - шест месеци откако Москва во март 2022 година најави дека ќе истапи од Советот на Европа.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема