Навални ја доби наградата Сахаров на Европскиот парламент
20 октомври 2021При доделувањето на наградата Сахаров на Алексеј Навални, Европскиот парламент ја апострофираше неговата „голема лична храброст“. 45-годишниот активист беше отруен со нервен агент минатата година, а потоа и уапсен по враќањето во Москва од третманот во Германија.
„Тој водеше постојана кампања против корупцијата на режимот на Владимир Путин, а преку неговите профили на социјалните мрежи и политичките кампањи, Навални помогна да се откријат злоупотребите и да се мобилизира поддршката на милиони ширум Русија. За ова, тој беше отруен и фрлен во затвор“, соопшти претседателот на ЕП Давид Сасоли. Тој повика и на итно ослободување на Навални.
Наградата за навални дополнително ќе ги наруши односите на ЕУ со Русија. Тие и онака се во надолна линија повеќе години, особено по анексијата на украинскиот полуостров Крим од Русија и сепаратистичкото востание во источна Украина.
Најблискиот соработник на Навални, Леонид Волков рече дека наградата покажува оти стотици парламентарци од различни земји и партии постигнале консензус дека борбата против корупцијата е главна задача за цела Европа и дека Навални е „политички затвореник број. 1 во светот и личен затвореник на Путин“.
„Европа разбира дека ние се бориме за од Русија да направиме нормална европска држава, која што тоа и ќе стане, и таа го поддржува тоа“, напиша тој на Фејсбук.
Наградата вредна 50.000 евра ќе биде презентирана на 15 декември на седница на Европскиот парламент во Стразбур. Останатите кандидати беа група авганистански жени, затворен боливиски политичар и поранешната привремена претседателка Жанин Ањез.
Наградата на ЕУ, именувана по советскиот дисидент Андреј Сахаров, беше востановена во 1988 година во чест на поединци и групи кои ги бранат човековите права и основните слободи. Нобеловиот лауреат за мир Сахаров почина во 1989 година.