„Екстремизам“: Пред новата пресуда против Алексеј Навални
4 август 2023Руското правосудство сака да го осуди Алексеј Навални за „екстремизам“. Судскиот процес против опозиционерот се одвиваше зад затворени врати во Московскиот градски суд. Но, сослушувањата беа одржани во Казнената колонија бр. 6, во местото Мелехов, на околу 250 километри од Москва, каде што Навални се наоѓа по пресуда во претходен процес.
На 4 август треба да биде објавено колку години плус ќе добие покрај досегашната затворска казна од девет години. Обвинителите бараат 20 години во колонија со строги услови, каде одат особено опасните рецидивисти, осудените на доживотен затвор и лицата на кои смртната казна им е заменета со доживотен затвор. Навални по 17 пат е во самица, од која нема да биде ослободен до пресудата.
„Навални првпат на суд поради политички активности“
Леонид Волков, од тимот на Навални, смета дека „постапката за екстремизам“ против опозиционерот има за цел да даде пример. Затоа тој очекува строга казна. „Навални за првпат се суди врз основа на политички закон, односно за политички активности“, нагласи тој во поткастот на ДВ „ДВ Новости шоу“. Особеноста на новиот случај лежи во неговиот исклучиво политички карактер.
Првиот голем судски процес против Навални, кој се одолговлекуваше долги години и заврши со петгодишна условна казна, беше за проневера. Во 2009 година, тој како гувернер на регионот Киров, наводно убедил државно шумско претпријатие да понуди граѓа под пазарната цена. Подоцна беше осуден на 3,5 години затвор за измама и перење пари во случајот „Ив Роше“, иако претставници на компанијата потврдија дека не е направена никаква штета. Заедно со неговиот брат Олег, Навални организираше испорака на производи од француската козметичка групација. Конечно, во март 2022 година, Алексеј Навални беше осуден на девет години затвор за „измама и непочитување на судот“.
„Кремљ секогаш велеше: 'Гледајте, тој е измамник... Тој е само крадец'. Затоа тие се обидоа да ги претворат максимално овие судења во шоу судења. Меѓутоа, новиот случај на Навални е чисто политички по природа. Тој едноставно е обвинет за сите негови политички активности, кои Кремљ ги прогласи за екстремни ретроспективно од 2011 година“, вели Волков.
Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, смета дека секоја можна пресуда е незаконска и дека целиот случај е целосно измислен. „Затоа, секако, ќе се потрудиме да го информираме целиот свет за тоа“, потенцираше таа во интервју за ДВ по првото рочиште за случајот „екстремизам“.
Во сегашниот случај против Навални, кој вклучува 196 фасцикли, станува збор и за прекршување на неколку членови од Кривичниот закон. Се вели дека Навални создал „екстремистичка“ организација. Ова тврдење се однесува на неговата Антикорупциска фондација (ФБК) и неговата канцеларија. Освен тоа, се вели дека „јавно повикал на екстремистички активности“. Овде Навални е обвинет врз основа на изјави на трети лица. Тој е обвинет и за „оживување на националсоцијализмот“ и „вклучување малолетници во активности опасни по живот“. Ова е поврзано со неговите повици за митинзи. Навални доби само десет дена да се запознае со целиот материјал.
Како течеше судскиот процес за „екстремизам“?
Според Кира Јармиш, руското правосудство сака да го спроведе судењето за „екстремизам“ што е можно потивко поради „недостиг на докази“. А Леонид Волков вели: „Кремљ ќе направи сѐ за да не протечат никакви информации“.
Прелиминарното рочиште првично беше одложено од 31 мај за 6 јуни. Потоа судењето од Градскиот суд во Москва беше префрлено во казнената колонија каде што се наоѓа Навални. По прелиминарното рочиште беше кажано дека првото рочиште на 19 јуни ќе биде јавно. Печатот требаше да може да влезе и во судницата на територијата на казнената колонија. Сепак, на 16 јуни се дозна дека новинарите може само во посебна просторија да го следат преносот на судењето. Меѓутоа, на последното судење против Навални, преносот постојано се прекинуваше и беше целосно исклучено на неговите завршни зборови.
Бидејќи судењето за „екстремизам“ се одвиваше зад затворени врати, детали беа откриени само од оние кои беа вклучени во судскиот процес. Главните извори на информации беа сведоците на одбраната кои присуствуваа на рочиштата преку видео врска. Меѓу нив се и поранешниот градски советник во Москва, Алексеј Горинов и опозициските политичари Владимир Кара-Мурза и Илја Јашин, кои се веќе осудени по политички обвиненија.
Не само Навални и членовите на неговиот тим, туку и сведоци постојано нагласуваат дека целиот процес е апсурден. Владимир Кара-Мурза, кој е осуден на 25 години затвор за велепредавство, го спореди она што се случува со „судењето“ на Кафка и го цитираше Навални, кој за време на неговото „испитување“ на сведоците за време на судењето рекол: „Само во нашите судови може екстремист (Навални, н.з.) како сведок именува предавник на татковината (Кара-Мурза)“.
Ниту на новинарите ниту на слушателите не им беше дозволено да присуствуваат на завршните зборови на Навални. Затоа соработниците на Навални побараа нив да го изведат познати руски музичари, уметници и научници. Соодветно видео снимија пејачката Лиза Монеточка, актерот Дмитриј Назаров, режисерот Андреј Свјагинцев, економистот Сергеј Гуриев и други личности од културата и познати личности. Алексеј Навални во завршните зборови нагласува дека секој мора да жртвува нешто за да се „создаде нова земја“. Тој потсетува и на зборовите на советскиот книжевен научник Јуриј Лотман дека луѓето во животот секогаш треба да се потпираат на две „нозе“: разум и интелект. „Не сакајќи да се потпре на разумот, мојата Русија направи неколку големи скокови, туркајќи ги сите наоколу, но потоа се лизна и се урна со тресок - уништувајќи сè околу себе“, ги цитира Навални неговите зборови.