1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најтемно е пред да...

14 септември 2023

Наместо интеграциите да бидат индикатор на падот на криминалот, корупцијата, непотизмот..., тие прераснаа во амнестија за секој можен политички гангстер близок до дипломатиите на Брисел, Берлин, Париз, Виена, Вашингтон.

https://p.dw.com/p/4WJO1
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Не знам дали ќе врне попладнево или утре, но сигурно знам дека во 2028 од високи функционери во Брисел и Вашингтон ќе ни биде ветено дека нашето зачленување во Европската Унија ќе се случи до 2035 година. Готова работа, плукни и дај рака. Дежурните критичари, оние кои само црно гледаат и живеат од песимизам нешто ќе мрчат, ќе тврдат дека не е за верување, но министрите за надворешни и за евроинтеграции, заедно со премиерот и одговорните новинари ќе не уверуваат дека овој пат е поинаку, дека Брисел е сериозен. Онака како што само Брисел умее да биде сериозен и за верување достоен на неполна година пред европски избори.

Петгодишните „верувај да не кинисаш“ ветувања од Брисел веќе станаа традиција. Први со ветувања за петгодишни планови за зачленување на Балканот во ЕУ беа Јункер и Могерини, кои во 2018 година ветуваа или веруваа дека во 2025 година ќе има проширување со примање на најдобрите од Балканот. Дежурните скептици и песимисти реагираа со фаќање за глава поради последиците кои ќе уследат во регионот, натпреварот во трчање и меѓусебно саботирање. Некои од Европарламентот укажуваа дека ветувањата и верувањата на Јункер-Могерини се избрзани. Особено пред европските избори во 2020 година. 

Традиција на мамење

Пет години подоцна, иста реторика, изменети улоги, иста предизборна евро-шема.. Шарл Мишел вети членство во 2030 година, Урсула вели „не, не баш”.​​​​​​​ Но тоа не е пречка да секој и сенекој се вдаде во толкување на уште оваа порција сендвичи со детелина, сервирани од Брисел. И онака веќе секому му е јасно дека ветувањата се даваат за предизборен спас на пријателите функционери од Балканот, не поради некаква издржана политика и искрена намера на Брисел и земјите членки на Европската Унија. Старото правило дека патот е побитен од дестинацијата се отсликува низ флоскулата дека интеграциите се побитни од самото членство. И тоа нашите лидери добро го разбраа и го практицираат до коска. 

Да беше само до традицијата на мамење воспоставена од Јункер-Могерини, дури и би рекле дека, ај, можеби овој пат ќе ја биде. Но што да правиме со редица други индикатори кои укажуваат дека нашата интеграција е пуста желба, мисловна именка и предизборна измама. За членство во ЕУ зборуваат и се надеваат земји кои сеуште се под оpсервација на ОБСЕ теренски мисии напакувани со јуниор-бирократи од САД и сениор-разузнавачи од Русија. Убави се „жими мајките” на Урсула и подршките на Бајден, но делата укажуваат на диаметрално спротивното – дека не сме нотирани во ниеден нивен битен план. Како што се плановите за Карпатскиот Коридор (Via Carpathia), автопат од Балтикот, преку Полска, Унгарија, Романија, Бугарија се до Грција со кој се заобиколуваат сите земји кандидати и се планира да биде отворен до 2025 година. Или Патот на Мирудиите, договорен помеѓу Индија, САД, ЕУ, Саудиска Арабија кој треба да води од Индија, преку арапскиот свет, околу Турција, до Грција, па демек преку Албанија, Црна Гора и Република Српска. Да бевме планирани за ЕУ, ќе бевме планирани и за транспортни коридори низ, а не околу нас, како шугави држави и вошливи народи.

ЕУ мора да биде подготвена да прими нови членки до 2030 година, изјави неодамна претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел
ЕУ мора да биде подготвена да прими нови членки до 2030 година, изјави неодамна претседателот на Европскиот совет, Шарл МишелФотографија: Daniel Novakovic/Slovenian Government Press Service/AP/picture alliance

Нашата болка- сериозна закана за ЕУ 

Доколку не сте уверени од геополитиката, консултирајте ја локал-политиката. Сета оваа подршка на ЕУ и САД за досега најкриминализираните администрации во регионот, ви личи ли на причина за верување дека не очекува членство во Унијата во разумно блиска иднина (следните 20 години)? Зборовите се едно, делата се нешто сосема поинаку. Наместо интеграциите да бидат индикатор на падот на организираниот криминал, корупција, непотизам, анархија, расуло како навестување на скорешно членство, на овој Балкан во овие времиња интеграциите прераснаа во амнестија за секое можно злосторство и секој можен политички гангстер близок до дипломатиите на Брисел, Берлин, Париз, Виена, Вашингтон.  

На очајните кои мора да веруваат во нешто, ниту ова нема да им биде доволно цврст аргумент. Ним не им вршат работа ни дискретните укажувања на дипломатските соговорници дека „никој во Унијата не сака да прими ВАКВИ земји за членки”. Нагласено и подвлечено: вакви земји. Проследено со аргумент дека „интензитетот и доминацијата на корупцијата, неформалните врски, криминалот во владините администрации е веќе толку усовршен и софистициран што претставува директна инфективна закана за сета унија и владеењето на правото во секоја од земјите членки”. Цитиран цитат. Накратко, нашата домашна болка стана заразна закана за Унијата. Се разбира, никој од сегашните мандатлии на ЕУ, Франција, Германија, Австрија, Италија, САД нема да ја потврди и бунтовно нема да се согласи со таквата оценка на нивните анонимни колеги. А за после мандатот, па зависи кој ќе плаќа и кон која опција ќе треба да се определат.

Вистината, таква како што е, е горка, но ослободувачка. Доколку би се судело според некогашните европски вредности и стандарди, наместо сегашните двосмислености на Брисел, тековната дебата би требало да се води не за наградување со членство за земјите кандидати, туку за одземање, повлекување, нулифицирање на кандидатските статуси на земјите од западниот Балкан. Тоа е јавната тајна која никој не сака да ја признае. Бидејќи, рака на срце, реално, искрено, објективно и отворено кажано: со вакви администрации, не заслужуваме членство во ЕУ. Ниту ние, ниту останатите земји кандидати. Тоа е вистината. И никакво тешење со „а Бугарија, а Романија” не вршат работа и не ја амортизираат бруталната вистина за нас. 

Приказните за дивиот Западен Балкан 

Доколку не верувате во предупредувањата за иднината, тогаш барем ќе се согласиме околу меморијата за драматичната дегенерација на општествата, системите, институциите на земјите кандидати кои се имаат случено пред, но особено во време на мандатите на Јункер-Могерини-Хан и особено во мандатот на Лајен-Мишел-Борел. Не знаевме тогаш, но сега е сосема јасно дека периодот 2002-2008 беше последниот нормален период на какво-такво владеење со усул во регионот. И се што следеше потоа, беше мачно, долго патување во темницата на ноќта. За платените оптимисти, ова е само причина да не убедуваат дека „најтемно е пред мугри”. За политичките ветерани, повеќе е причина да се потсетат на омилената изрека на Мао Це Тунг дека „секогаш е најтемно пред да стане целосно мрачно”.

Петгодишните ветувања од Брисел за зачленување на земјите од Западниот Балкан во ЕУ веќе станаа традиција.
Петгодишните ветувања од Брисел за зачленување на земјите од Западниот Балкан во ЕУ веќе станаа традиција.Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Во секој случај, она што е евидентно јасно видливо од сета псевдо-дебата за нашите интеграции е тоталната импотенција и вредносна тежина на нашата политика, поточно, политичарите. Сегашната власт тоа го знае, сегашната опозиција го знае уште од порано. А тоа е дека нивната употребна вредност е единствено во држење на нашите носови за да не ни одлетаат душите и вербите дека „ете, само што не влеговме во ЕУ”. Но во реалноста, капацитетот на сегашната политичка – владина или опозициска - каста не влева надеж дека е способна да убеди детуле да исплука расклатено забче, камо ли да влее надеж дека сме на сигурен пат кон членството.  

Нашите политичари, првенци, не се ликови кои ги краси доблеста на достоинството. Па затоа е беспредметно од оние кои не се ценат себе си, да бараме да ги ценат сопствените граѓани. Елементарно е Вотсони, нашето згрозување, плачење, врескање, кукање и колнење не врши работа и не ги тангира, не ги засега, не ги потресува министрите на владата и министрите на опозицијата. Залудно е да се бара, уште позабегано е да од таквите се очекува отчетност. Нашата острица на критиката треба да биде свртена кон оние од Брисел и од Вашингтон кои сопствената неодговорност, лажливост и дрскост предолго ја кријат зад нивните инсталации извлечени од нашите редови. Не заради „членството во 2030 година” кое нема да се случи. Туку како предупредување да не им текне повторно да не лажат во 2028 година за нашето членство во 2035 година. Какви и да сме, а за машала не сме, барем да се избориме да не не третираат како малоумници од бореловата џунгла и нивните колонијални приказни за дивиот Западен Балкан. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи