1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Измените на КЗ се во согласност со ЕУ

ДТЗ
13 септември 2023

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека измените се согласно европската регулатива и се повика на законодавствата во Германија и во Словенија.

https://p.dw.com/p/4WHBF
Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски застана во одбрана на измените во Кривичниот закон, кои предизвикаа бурни реакции во јавностаФотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Димитар Ковачевски денеска застана во одбрана на измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа бројни реакции во јавноста и потикнаа стравувања дека тие се вовед во амнестија на поранешни функционери и избегнување на правдата. Ковачевски тврди дека законот не е правен наменски за никого и дека станува збор за подобрување на системот. 

„Затоа сметам дека ова се позитивни измени во законот, кои ќе го помогнат во ефективноста и ефикасноста на судскиот систем“, порача Ковачевски на настан во Скопје, одговарајќи на новинарски прашања. Тој смета дека измените се согласно европската регулатива и се повика на законодавствата во Германија и во Словенија. 

Измени во согласност со ЕУ

Ваквите изјави на премиерот следат по констатациите на Европската комисија дека некои од измените на Кривичниот законик усвоени на забрзан начин од Собранието на Северна Македонија, кои ги намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста, влијаат на голем број случаи на корупција на високо ниво. 

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во РСМ, Дејвид Гир, порача дека измените се проучуваат од колегите во Брисел, а потврда дојде дека ги разгледува и правниот тим на  американската амбасада во Скопје.

Ковачевски вели дека со Европската Унија се разговара на дневно ниво, со оглед на тоа дека се во тек скрининг процеси со земјава и со Албанија. „Така што сите процеси се на некој начин комуницирани со ЕУ“, вели тој.

„Кај нас повеќепати се забележува на бавноста, оти работите во многу области одат бавно, па кога нешто ќе оди брзо не треба тоа да му се забележува. Колку што видов, Американската амбасада ќе го разгледа тоа што е донесено, а истото тоа го кажаа и од ЕУ. Измените кои беа напревени се во согласнот со законодавството во Европската Унија“, вели премиерот.

Северна Македонија и ЕУ
Димитар Ковачевски вели дека измените на Кривичниот закон се во согласност со законодавството на ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Странски искуства

За експертската и поширока јавност најспорени беа измените кои се однесуваа на „злоупотреба на службената положба и овластувања“ (член 353) и „злосторничкото здружување“ (член 394), со чие усвојување се намалија пропишаните казни за двете кривични дела, се воведе горна граница на максималната казна и се овозможи порано застарување на делата.

Ковачевски посочува дека членот кој „највеќе се коментира кај нас го има во германското законодавство, а ако се погледне висината на казните и се споредите со Словенија, ќе се види дека се на исто ниво“.

Проширена конфискација

„Претходно имавме казни на ниво на 'комунистичко време' оти беа направени во време на 'Дарт Вејдер' на македонското судство. Што се добива со измените – се воведува проширена конфискација, низ поедноставна постапка ќе може да се заплени имот стекнат на незаконски начин, што е најголема забелешка на граѓаните дека некои случаи се водат над деценија, а никаков имот кој е незаконски стекнат, не е конфускуван. Има судски провеси што се водат во недоглед, па некои се водеа над 10 години и никогаш не завршија“, вели Ковачевски. 

Ефикасен судски систем

Овие промени, додава тој, ќе влијаат на ефикасноста и ефективноста на целиот систем и се воведуваат казни кои дозволуваат проширена конфискација и казнување со сторители на незаконски дела. Со новиот Кривичен законик се дефинираат 422 кривични дела, врз основа на кои може да биде гонет секој кој злоупотребил одредена позиција, и прекршил одреден закон, а не тоа да биде направено врз општо одредби кои на крај резултираат со бескрајни судски случаи во коишто никогаш нема разрешница.

„Затоа сметам дека ова се позитивни измени во законот, кои ќе помогнат во ефективноста и ефикасноста на судскиот систем. Само за пример, поранешна директорка која била дел од обвинение во една компанија кога почнал случајот имала 55 години и тогаш и бил одземен пасошот, сега таа има 65 години, пензионирана е, но судскиот случај не е решен, а таа е се уште без пасош,. Како тргнало, животот ќе го заврши без пасош и без да заврши судската постапка“, вели премиерот.

Тој смета дека треба да се овозможат законски решенија – како германскиот и словенечкиот пример и да се зголемат капацитетите на обвинителските и судските органи.

Новите законски измени за дел од обвинетите ќе значат многу пониски казни, а за дел и крај на судските постапки. Според Коалицијата Сите за правично судење, во најмалку 14 судски процеси,  ќе настапи застареност на кривичните дела  злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања. Речиси сите судски случаи се предмети кои ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а во кои се опфатени над 80 лица. Станува збор за „ТНТ“, „Талир“, „Талир 2“, „Таргет-Тврдина“, „Трезор“, „Тарифа“, „Дизајн“, „Топлик“, „Титаник“, „Тендери“, „Титаник 2“, „Траекторија“, „Шпански скали“, предметот за градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи