1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Пендаровски: Измените на КЗ не значат амнестија

БГ
7 септември 2023

Претседателот Стево Пендаровски ќе ги потпише измените во Кривичниот законик. Шефот на државата смета дека тие не предвидуваат амнестија за кривични дела на функционерите.

https://p.dw.com/p/4W4y6
Стево Пендаровски
Претседателот на РСМ, Стево ПендаровскиФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Измените на Кривичниот законик кои кренаа голема прашина во јавноста ја минаа и последната пречка, откако претседателот на државата Стево Пендаровски во четвртокот соопшти дека ќе го потпише новото решение.

Собранието во средата во скратена постапка и со европско знаменце ги изгласа измените кои предвидуваат укинување на еден и измена на неколку други членови од Кривичниот законик во однос на делата „злоупотреба на службена положба“ и „злосторничко здружување“.

„Со измените во Кривичниот законик, усвоени од Собранието, не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата. Напротив, казни и понатаму се предвидени за сторителите на тие дела, со тоа што со овие измени акцентот е ставен и на т.н. проширена конфискација на имот“, соопшти во четвртокот кабинетот на Пендаровски. Во тој дел, измените на Законикот се усогласени со eвропската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела, дополнува шефот на државата.

Апели од невладините

Група граѓански организации обединети околу Платформата за борба против корупција во четвртокот побараа од Пендаровски да не ги потпишува измените во Кривичнот законик и наведоа две причини за тоа.

Според Платформата, со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со застарување на многу случаи од висок профил како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил. Дополнително, измените ќе ја урнисаат довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција, а ќе ја намали и превентивната функција на системот на кривична правда, посочуваат од Платформата.

Втората причина која ја наведуваат од граѓанските организации е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема