Мишел: До 2030, ЕУ мора да биде спремна за ново проширување
28 август 2023„Сметам дека до 2030 година мора да бидеме подготвени за проширување“, рече Мишел. „Ова е амбициозно, но неопходно, и ќе покаже дека сме сериозни".
Шесте држави од Западен Балкан - Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово - се во различни фази во процесот на приклучување кон Европската унија.
Минатата година Молдавија и Украина добија кандидатски статус, а Грузија чека да го добие тој статус.
Мишел рече дека, со цел да се приклучат на Унијата, државите аспиранти би морале да спроведат реформиза да обезбедат независност на судството, да ја унапредат борбата против организираниот криминал и против корупцијата и да извршат усогласување на нивната надворешната политика со онаа на земјите членки на ЕУ.
Тој ги повика сите аспиранти да ги решат своите билатерални конфликти пред да влезат во Европската Унија.
„Треба да бидете сигурни дека нема место за конфликти од минатото во ЕУ, тие не треба да се увезуваат во ЕУ, затоа предлагам таканаречена'клаузула за доверба' во договорите за пристапување, за да се осигураме дека земјите кои штотуку се приклучиле, не можат да ги блокираат идните земји-членки,“ изјави претседателот на Советот на Европската унија Шарл Мишел во својот говор на денешниот Бледски самит во Словенија.
Мишел додаде дека Европскиот совет ќе разговара за проширувањето на следниот состанок.
Според Мишел, пакетот за проширување на Европската комисија, кој се очекува да биде дефиниран во октомври, може да даде дополнителни детали за прогресивна интеграција која би можела да им овозможи на идните членови да ги чувствуваат придобивките од целосното учество во некои институции на ЕУ и политики пред формално да станат членка на заедницата.
Мишел истакна дека и самата ЕУ ќе треба да спроведе некои реформии да биде подготвена за проширување.
На 18-тиот стратешки форум во Блед, кој годинава се одржува на тема „Солидарност за глобална безбедност“, учествува и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.