Данела Арсовска со Нова алтернатива ќе оди на избори
18 јануари 2024Растат политичките амбиции на скопската градоначалничка Данела Арсовска. Во пресрет на пролетните избори таа стана лидер на Нова алтернатива, партија зад која досега стоеше Ѓорѓи Оровчанец. Промената на курсот на Арсовска, која што победи на локалните избори во 2021 година со помош на ВМРО-ДПМНЕ, сега наиде на остри критики на опозицијата. Порачаа дека „само со превара може да стане лидер на партија“. Но, најголемо внимание во јавноста предизвика присуството на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ на конвенцијата на партијата Нова алтернатива во средата (17.01) во Скопје, кога таа беше промовирана за нова лидерка. Тоа ги подгреа шпекулациите во јавноста дека е можна соработка меѓу Арсовска со владејачката СДСМ, за што обвинува опозицијата веќе подолго време, по ескалацијата на судирот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Нова Алтернатива досега беше во коалиција со СДСМ, но Арсовска сега вели дека партијата донела одлука за да излезе од коалицијата.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска одговарајќи на новинарски прашања денеска оцени дека присуството на основање на партија не значи по дефиниција веднаш дека ќе се направи коалиција или дека ќе има некаква соработка. „Едноставно, тоа е дел од политичката култура“, вели Петровска, коментирајќи го присуството на Зечевиќ на конвенцијата.
Пет постулати
„Јас сум најнапаѓана личност во Македонија. Сите напади врз мене и моите соработници се инспирирани од многу страв. Ако сме толку небитни, зошто тогаш нè напаѓаат?. Ова го порача градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која на конвеција на партијата Нова алтернатива во Скопје, стана и лидер на партија.
Таа понуди пет постулати за кои ќе се залага по влезот во политиката. „Исклучително горда сум што не припаѓам на овој деформиран и ретрограден, корумпиран политички естаблишмент и горда сум што можам да кажам дека припаѓам на генерација којашто е од една страна сведок на сите неправди, а од друга страна што знаеме како да ги исправиме истите“, рече Арсовска.
Порача дека време е политиката да биде натпревар на идеи, натпревар на проекти, а не да се гледа како начин на стекнување на привилегии и брзо збогатување. „Политиката не смее да биде извор на раздор, на поделби, таа треба да биде точка на зближување и мост за надминување на сите проблеми преку дијалог“, рече Арсовска и најави целосна реевалуација на правосудниот систем, ослободување на економијата од стегите на крупниот капитал и воведување еднакви можности, како и борба со корупцијата и криминалот.
Арсовска порача дека Нова Алтернатива ќе учествува на претстојните парламентарни избори и дека за нив остануваат отворени сите опции за коалицирање.
„Преку превара до лидер“
Меѓу гостите од политичките партии на конвенцијата можеше да се забележи и генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ. Тоа што од сите вести за формирање на партијата на Данела Арсовска главна вест секаде е присуството на Миле Зечевиќ, кој е и идеен творец на таа партија, според ВМРО-ДПМНЕ може да се сфати колку всушност тежи таа партија.
„Воедно е јасно дека Арсовска само преку превара може да стане лидер на партија. Во салата освен Зечевиќ, можеше да се забележи градската администрација на Скопје, директорите на јавните претпријатија чиј шеф е Арсовска, градоначапникот во сенка и пријател на Арсовска, Драги Книга, како и редовните самопрогласени медиумски чувари на столчето на Љупчо Палевски и маши на Зечевиќ, со партии зад себе повеќе од прстите на двете дланки. Тајната коалиција СДС-Арсовска стана јавна“, порача опозицијата.
„Политичка култура“
Министерката за одбрана Славјана Петровска, која е и член на ЦО на владејачката СДСМ, денеска коментираше дека секое основање на која било политичка партија чии основи за формирање се црпат од демократските вредности е за поздравување.
„Формирање на нови политички партии е одлика всушност и на плурализмот“, вели таа. Во однос на тоа дали СДСМ стравува од одлив на гласови од која било политичка партија, Петровска одговори: „Мислам дека во периодот кој претстои, особено во изборната кампања и за претседателските и за парламентарните избори имаме доволно простор да соопштиме и уште еднаш да потсетиме што се’ изминатиов период беше направено, она што е интересно, она што е важно за граѓаните. Меѓутоа, исто така, уште поважно е да понудиме концепт, да понудиме програма за тоа како ќе настапиме и на изборите, како и што ќе правиме и во идната влада“.