Добриот резултат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори значајно ја консолидираше позицијата на Христијан Мицкоски во партијата, и го позиционираше како сериозен претендент за централна власт. Овој впечаток беше дополнително засилен со победата во Скопје на Данела Арсовска, имајќи предвид дека непишано правило е оти победата во главниот град, каде впрочем и живее најмалку една третина од вкупното населени во државата, е предвесник на резултатите на следните парламентарни избори. Така, се создаде впечаток, кој ВМРО-ДПМНЕ меѓу другото активно го стимулираше, дека нивната победа на следните централни избори е безмалку гарантирана, само се чека кога истите ќе се одржат. Со тоа, во голема мерка заради освоеното Скопје, изгледаше дека партијата е на добар пат кон фотелјите на Илинденска.
Но, како што често бива во македонската политика, сметките си ги поматија самите. Со филмска брзина, излегоа обвинувања за коруптивни зделки, меѓусебни препукувања, оставки, разрешувања, па молскавично, довчерашните блескави пофални зборови се претворија во обвинувања, пинг-понг прес-конференции и - расколот експлодираше во епски размери. Се поставува прашањето како оваа шизма ќе се развива натаму и дали овој конфликт може да ја измести позицијата на Мицкоски во партијата, или значајно да ги смени изгледите на ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори.
Кусиот одговор е - рано е да се каже. Тоа, сепак, зависи од повеќе варијабли. Најнапред, треба да имаме сознанија за тоа во каков политички контекст се одвиваат овие настани. Постои општ цинизам, апатија, и намалување на поддршката за двете големи македонски партии. Гласачите, со секој изборен циклус, покажуваат дека статичната ситуација во македонскиот блок (тука ја исклучувам Левица, бидејќи е позиционирана како релативно радикална и таргетирана партија, надвор од мејнстримот), создава вакуум на политичка понуда, во кој поголемиот дел од граѓаните се разочарани од сегашната власт, но не се подготвени за целосна поддршка на опозицијата. Во овој контекст, најголемиот хендикеп на ВМРО-ДПМНЕ во моментот е впечатокот дека не се доволно реформирани, па со тоа се и антипод на сегашниот евроатлантски курс на земјата. Овој впечаток дополнително се засили со шпекулациите дека зад настапите и позицијата на Данела стои Груевски, кој се обидува да влијае на сегашното раководство и политики на партијата која ја напушти пред неколку години.
Дали конфликтот ќе ескалира?
Ова, доколку се покаже како точно, не би било ново сценарио. Повеќепати во Македонија, но и на Балканот, старите политички лидери добиваат порив за повторно влијание на партиите од кои потекнуваат, па на новите лидери тешко им оставаат целосна автономија и бришан простор за делување. Така, Љубчо Георгиевски, на пример, дури направи и сателит партија на ВМРО-ДПМНЕ, не можејќи да одолее на поривот за повторно влијание во сопствената матична партија. Сепак, десницата во Македонија досега се покажа релативно отпорна на такви потези – судбината на таквите одвоени партии досега беше релативно лоша, осудена на маргинализација или гол политички опортунизам.
Но, овој случај може да се покаже различен, зависно од тоа како ќе се одвиваат настаните во наредниот период. Првото прашање е дали овој раскол ќе ескалира дотаму што ќе се постави прашањето за ново раководство во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во основа, некакво ребрендирање на опозицијата ѝ е потребно, особено поради причините за кои зборував погоре, но прашање е дали за тоа има време до 2024, и дали од таквите реформи опозицијата би излегла посилна или послаба. Подолго време постои впечаток дека Мицкоски треба целосно да расчисти со наследството на Груевски - тоа впрочем не е големо откритие - но по која цена, и дали таквото расчистување Мицкоски може во моментов да го преживее? Најлошото сценарио, во оваа смисла, е конфликт без епилог – скарани, поделени, но без исчистен бренд и без чист победник – таквото сценарио навистина би оневозможило победа на следните избори. Второто прашање е, дали, дури и ако конфликтот не ескалира до борба за лидерската позиција, постои можност да се повтори историјата, па од ВМРО-ДПМНЕ да се одвои нова партија, со Данела на чело, со наводна поддршка одГруевски, која би црпела гласачи директно од Мицкоски. И таквото сценарио би било на штета на најголемата опозициска партија со нејасни последици во овој политички контекст, каде значен дел од гласачите бараат опција.
- повеќе од авторот: Дали ни треба референдум?
Власта губи избори, опозицијата не ги добива
Во основа, во овој момент, на ВМРО-ДПМНЕ му одговара темата да атрофира, а на Данела Арсовска ѝ одговара ескалација на конфликтот. Постојат повеќе причини за ова, но наједноставната е дека градоначалничката на Скопје во моментов има политичка употребна вредност само доколку со своите настапи стимулира прелевање на гласови од конто на нејзината претходна матична партија на свое конто.
За неа нема логика конфликт со СДСМ, за разлика од СДСМ, на кои им одговара конфликт со Данела, зашто најголемиот дел од нејзините гласачи се од базата на ВМРО-ДПМНЕ, па само со атак на таа база гласови има политичка шанса за акумулација на сопствено гласачко тело.
Сепак, на крајот, исходот на следните парламентарни избори нема да зависи само од однесувањето во опозицискиот блок, без оглед на можните перипетии. Правилото вели - власта губи избори, опозицијата не ги добива. Во оваа ситуација, иако темата е фокусирана на опозицискиот кампус, најголемата варијабла е однесувањето на сегашната власт, нивната испорака и комуникација, и тоа е сепак поголемото влијание на гласачите, бидејќи другите маневри се сконцентрирани кај гласачи кои се за СДСМ секако изгубени.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.