На Украина и се заканува губење на американската помош
5 декември 2023Директорката за канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг во писмо до претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон и лидерите на Конгресот, предупреди дека на САД им снемува време и пари да ѝ помогнат на Украина во војната со Русија.
Во октомври, администрацијата на претседателот Џо Бајден побара од Конгресот речиси 106 милијарди долари за финансирање на амбициозните планови наменети за Украина, Израел и за безбедност на американската граница.
Претставничкиот дом е контролиран од републиканци кои имаат тесно мнозинство и сметаат дека финансирањето на Украина станало политички контроверзно.
Во писмото објавено од Белата куќа, Јанг истакна дека прекинот на финансирањето и испраќањето оружје за Украина може да ја зголеми веројатноста за руска победа.
„Сакам да бидам јасна: без акција на Конгресот, до крајот на годината, ќе снемаме ресурси за да набавиме поголема количина оружје и опрема за Украина, како и за набавка на опрема од залихите на американската војска“, напиша таа.
„Нема магичен фонд со средства на располагање во моментов. Останавме без пари и речиси без време“, наведе таа.
До средината на ноември, американското Министерство за одбрана искористи 97 отсто од дополнителните 62,3 милијарди долари што ги доби, а Стејт департментот ги искористи сите 4,7 милијарди долари од фондот за воена помош што му беше доделен, напиша Јанг.
За економска помош се потрошени околу 27,2 милијарди долари, а за хуманитарна помош уште десет милијарди долари.