Муареми до Русковска: Криминал се докажува во институциите
4 август 2022Шефицата на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска ги повика сите меѓународни амбасади да ги проверат фактите кој се бори против криминал, а кој го прави криминалот. Нејзината реакција уследи по вчерашна најава на директорот на Управата за Финансиска полиција (УФП) Арафат Муареми, дека ќе поднесе кривична пријава за Русковска и за обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа, за начинот на кој е постапено во однос на неодамнешниот претрес на ОЈО ГОКК во УФП.
Одговорот на вчерашните забелешки од УФП за незконско постапување на ОЈО ГОКК, Русковска го почна со потсетување на нејзиниот професионален бекграунд, но и семејната историја.
„Јас како обвинител со стаж повеке од 34 години, во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постапувањето да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ги градела. Честа, угледот, ги имам научено од мали нозе од моите родители, кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија - татко ми потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум, и мајка ми партизанка, која лежела во бугарски затвор и која се борела и на Сремски фронт“, напиша Русковска.
Вистината - на виделина!
Во одговорот Русковска ги повика сите надлежни институции во државата, но и сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти - кој во државата се бори против криминалот, а кој го прави криминалот.
„Исто така ја замолувам и европската обвинителка Лаура Ковеши, доколку е во можност да дојде и да ги провери сите предмети на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зеќири и овој најновиот за Муареми“, повика Русковска.
Притоа оцени дека е „згрозувачки притисокот врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, како и мешање во предмет на ОЈО ГОКК кое е стриктно забрането, согласно со Законот за јавно обвинителство“.
„Доколку Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР преку медиумите, вистината мора да излезе на виделина. Сакам да прашам - како тоа се напаѓаат клучните обвинители кои ги водеа случаите против Катица, Ременски, Рашковски и Зекири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери? Токму поради овој атак и притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК, треба и меѓународните институции како и амбасадите на САД на ЕУ сериозно да преземат мерки, затоа што ова најмалку доликува на земја-членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ каде владеењето на правото е императив. Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија, во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери, за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта“, порача Русковска.
Потенцира дека во периодот што следува „таа е подготвена со јавноста да ги сподели информациите кои ОЈО ГОКК ги има и ќе ги обезбеди за лицето за кое се проверува постапувањето, АМ, сѐ уште директор на финансиска полиција, па јавноста нека суди кој е криминалец, а кој се бори против криминал“.
Муареми: Се придружувам кон вашиот повик до амбасадите
На ваквите ставови на Русковска, утрово со реакција се огласи и директорот на УФП, Арафат Муареми.
„Улогата на еден јавен обвинител најмалку од сѐ е да изјавува дека ќе сподели сознанија и информациии со јавноста, за таа да суди кој е
криминалец. Обвинителката Русковска како намерно да заборава дека криминалот се докажува во рамки на институциите, а граѓаните се тие кои им укажуваат доверба врз основа на нивната работа“, вели Муареми во реакцијата.
Притоа ја потсетува обвинителката на последните анкети, според кои, довербата на јавноста не е многу наклонета.
„Ја повикувам Вилма Русковска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал од моја страна - истите да ги докаже и на јавноста да и пласира обвинителен акт против мене, а не празни и неосновани сознанија и информации, дискредитирајќи ја во целост функцијата која ја извршува. Негонење на криминал поради притисоци претставува кривично дело, обвинителке. А вашата чест и углед е беспредметнo да ги коментирам. Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за ‘помош’ - нека го потврдат и тие она што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има“, порача директорот на УФП.
Тој вчера уште еднаш ја оцени ако незаконска и со низа нерегуларности постапката на ОЈО ГОКК со претресот извршен во државен орган, повикувајќи се и на конкретните наоди што за таа постапка ги даде надзорот и увидот извршен од ЈОРСМ, по претставка од Муареми. За овој случај, освен до ЈОРСМ, Муареми поднесе претставки и до Советот на јавни обвинители и до Судскиот совет.
Од УФП потенцираа и дека се неточни изјавите на обвинителката Вилма Русковска за постоење анонимни кривични пријави кои наводно биле отворени, а потоа и затворени од УФП без да биде известен јавен обвинител.