Кривични пријави од УФП чмаат во обвинителски фиоки
3 август 2022Директорот на Управата за финансиска полиција (УФП), Арафат Муареми најавува дека ќе поднесе кривична пријава за обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа.
Причина за тоа е неодамна спроведениот претрес во УФП од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Проблемот не е - зошто се постапувало, туку - начинот на кој постапувало.
Според директорот на УФП, постапката била незаконска и со низа нерегуларности, за што конкретни наоди даде надзорот и увидот што ЈОРСМ го изврши по претставка од Муареми. За овој случај, освен до ЈОРСМ, Муареми поднесе претставки и до Советот на јавни обвинители и до Судскиот совет.
Како се врши претрес во државен орган?
Прво, посочените обвинители ненадлежно постапувале по кривичната пријава, а второ - во образложението на барањето за претрес на Судот погрешно му дале податоци дека Јавното обвинителство има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, додека во списите од предметот имало само анонимна кривична пријава. Но, тоа не е сѐ. Од УФП посочуваат дека член 191 став 6 од Законот за кривична постапка точно го пропишува начинот на вршење на претрес во државен орган. Според Управата, извршителите на наредбата за претрес - истражителите и двајцата припадници од МВР, како и јавниот обвинител кој раководел со претресот, постапиле спротивно на тој член од ЗКП, кој гласи: „Кога претрес се врши во простории на државни органи, институции што вршат јавни овластувања, ќе се повика нивниот старешина да присуствува на претресувањето“.
Со оглед дека претресот бил во Управата за финансиска полиција, а имало и наредба за личен претрес на директорот, истражителите на ОЈО ГОКК не смееле ни да почнат претрес без присуство на министерот за финансии или од него назначено лице, со оглед дека Управата за финансиска полиција е орган во состав на Министерството за финансии.
Ќе се бараат одговори од ЈОРСМ
Од УФП тврдат и дека се неточни изјавите на обвинителката Вилма Русковска за постоење анонимни кривични пријави кои наводно биле отворени, а потоа и затворени од УФП без да биде известен јавен обвинител.
„Обвинителката во јавност пласира невистинити, неточни и лажни информации со цел да креира некаква перцепција дека некој е виновен, дека некој ѝ прави притисок и слично. Го руши угледот на Управата со тоа што алудира дека УФП не работи, што не е така. Но, го руши угледот и на ОЈО ГОКК“, велат од Управата.
Оттаму прашуваат - дали претресот е начин Русковска да дојде до предметите кои што Управата ги работи, само за да види за кого сѐ водат постапки?
- повеќе: Русковска: Не е во ред да се расправаме преку медиуми
Од друга страна, УФП во изминатиот период до ОЈО ГОКК доставило кривични пријави поткрепени со доказен материјал, за кои до денес нема информација до која фаза се: дали се отворени истражни постапки или се отфрлени, дали од ОЈО ГОКК се преземаат дејствија согласно нивните надлежности во насока на докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела во тие пријави?
- повеќе: Русковска: Јавното обвинителство излезе надвор од законските овластувања
Такви примери имало повеќе: три кривични пријави за Општина Карпош, кривична пријава за Фудбалска федерација, за Министерство за транспорт и врски, за Министерство за финансии, за АД ТЕТО и за други случаи, во кои, како што велат имало предистражни постапки водени со месеци и доказен материјал носен во пакети.
Одговор за ова деновиве УФП ќе побара и од ЈОРСМ.
- повеќе: Јовески утврдил низа пропусти во случајот со Финансиската полиција
Од УФП прашуваат и зошто ОЈО ГОКК не одговорило позитивно на Барањето на Управата за спроведување на финансиска истрага за физичко лице за кое Управата констатирала основи на сомнение дека истотото е поврзано со неуспешната конфискација во предметот за Трансмет? По доставено барање со содржани пет точки, ОЈО ГОКК дало наредба само за две.