Русковска: Никој не може да се меша во предметите
1 август 2022Јавното обвинителство на РСМ излезе надвор од законските овластувања, вели за ДВ шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, откако изутринава преку соопштение беа изнесени низа забелешки до нејзиниот тим за постапката којашто ја воделе за Управата за финансиска полиција. Републичкото јавно обвинителство, на чие чело е Љубомир Јовески, даде упатства предметот да биде прераспределен кај друг обвинител во Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
„При заведувањето на оформениот предмет нарушена е хоризонталната надлежност и организацијата на Јавното обвинителство. Кривичната пријава се однесува на лица од Управата за финансиска полиција, кои имаат полициски овластувања, а по таквите пријави надлежно е да постапува Специјализираното одделение. Според тоа, тројцата јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализираното одделение, ненадлежно постапувале по кривичната пријава“, смета Јовески.
Што вели законот?
Но, според член 56, став 4 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители на јавните обвинителства не може да донесуваат упатства и насоки кои се однесуваат на работата на конкретни предмети на јавните обвинители.
„Покрај тоа што немаат законско право да се мешаат во постапување по конкретен предмет, прашање е дали директорот има полициски овластувања со оглед на тоа што го именува Владата. Во секој случај предметот може да се презаведе од еден уписник во друг и тоа е законски. Секогаш предистрагите ги водиме под РО, а тоа се презаведуваат во друг усписник, на пример во КО, КОПС...“, вели Русковска.
Во уписникот ,,КО” се заведуваат пријавите против познати извршители на кривични дела и се евидентира текот на кривичната постапка, додека во уписникот ,,КОПС” се заведуваат пријавите против познати извршители на кривични дела од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција и се евидентира текот на кривичната постапка.
Ваквата реакција следи откако Јавното обвинителство на Северна Македонија (ЈОРСМ) се вмеша во судирот и меѓусебните обвинувања меѓу првиот човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми и шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. ЈОРСМ смета дека има низа пропусти со случајот, откако Муареми испрати претставка за претресите во Управата, со коишто смета дека е нарушен и неговиот углед и на институцијата со која што раководи.
Случајот бил отворен по анонимна кривична пријава на 3.5.2022 година, а на 18.7.2022 започна претресот. Директорот на Управата за финансиска полиција, се жалеше на суштествени недостатоци на наредбата за претрес и начинот на постапувањето при неговото спроведување. Тој тврдеше дека има „низа недоследности, нелогичности, излегувањето надвор од рамките на законската практика, како и неоснованоста на примена на мерката претрес, кои упатуваат на прилично самоволие во постапувањето на Обвинителството од страна на Управата за финансиска полиција“. Русковска возврати дека се работи за притисок врз работата на судот и обвинителството и дека не гледа причина за паника и нервоза доколку се работело според законите.