Oбид за атентат врз Трамп: Напаѓачот демнел 12 часа
17 септември 2024Вооружениот осомничен напаѓач очигледно останал во грмушките на голф-клубот на Трамп речиси дванаесет часа. Барем така докажуваат податоците за локацијата од неговиот мобилен телефон, кои ФБИ во меѓувреме ги провери. Дури во неделата попладне телохранителите на Трамп го забележале него и цевката од неговото оружје.
Еден од агентите на Тајната служба го забележал вооружениот маж додека вршел проверка на околината и веднаш пукал во него, изјави сегашниот шеф на Тајната служба Роналд Роу на прес-конференција во Вест Палм Бич, Флорида. Осомничениот не испукал ниту еден истрел, никогаш не го имал Трамп на видик, беше дециден Роу.
Дебата за безбедноста
По вториот обид за атентат врз Трамп, повторно изби дебата околу неговата безбедност. Поранешните американски претседатели не ја уживаат истата лична заштита како актуелните претседатели.
Голф мечот во неделата попладне не стоел во официјалниот календар на Трамп, се правдаше Роу. Затоа, клубот за голф не бил детално претресен претходно. Шерифот на округот Палм Бич, Рик Бредшо, нагласи дека безбедноста на Мар-а-Лаго е на највисоко можно ниво во моментов.
Критики по првиот обид за атентат
По обидот за атентат врз Трамп на 13 јули на настап во предизборната кампања во Пенсилванија, Тајната служба се најде на тапет и беше мета на масивни критики. Трамп беше погоден во уво од огнено оружје. Службениците од Тајната служба беа обвинети за пропусти и неуспеси и тогашната шефица, Кимберли Читл, мораше да поднесе оставка.
Оттогаш, Тајната служба ги засили своите безбедносни мерки по наредба на претседателот Џо Бајден, изјави привремениот шеф Роналд Роу. „Зголемената будност и брзата акција беа вистински примерни", истакна тој, додавајќи дека е исклучително горд на своите луѓе.
Во меѓувреме, уапсениот осомничен напаѓач е изведен пред судија. Против него се поднесени обвиненија, меѓу кои и недозволено поседување оружје. Дополнителни обвиненија ќе следат кога ФБИ ќе дознае повеќе за позадината и неговиот можен мотив.
Повици за умереност
Многу политичари од двете партии во меѓувреме предупредија дека омразата и жестоката агитација во изборната кампања во САД мора да престанат. Нема место за политичко насилство во Америка, порача и претседателот Бајден на митинг во рамките на изборната кампања во сојузната држава Пенсилванија.
Трамп, од друга страна, се обиде да го искористи инцидентот политички за своја корист. Тој ги обвини Камала Харис и Бајден за соодговорност за обидот за атентат. На платформата за кратки вести Х тој буквално напиша: „Поради комунистичката левичарска реторика летаат куршуми, а ќе биде само уште полошо.“
Телефонски разговор меѓу Бајден и Трамп
Сепак, Трамп подоцна зборуваше позитивно за Бајден, откако претседателот Бајден му се јавил телефонски: „Не можеше да биде пољубезен“, рече тој. Белата куќа соопшти дека Бајден изразил олеснување што Трамп е безбеден во текот на „пријателскиот разговор“. Трамп пак му се заблагодарил за повикот.
Автор: Клаудија Заре, АРД