1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Директорката на Тајната служба си поднесе оставка

БГ /АП
23 јули 2024

Директорката на американската тајна служба Кимберли Читл се повлекува, по атентатот врз поранешниот претседател Доналд Трамп кој предизвика бура од реакции за работата на агенцијата.

https://p.dw.com/p/4idib
САД Кимберли Читл
Директорката на американската тајна служба Кимберли Читл Фотографија: Kevin Mohatt/REUTERS

Директорката Кимберли Читл ги информирала вработените во агенцијата со и-мејл за своето заминување од функцијата, објави агенцијата Асосиејтед Прес.

Читл, која е директорка на агенцијата од август 2022 година, беше соочена со повици да си даде оставка и со истраги за тоа како атентаторот успеал да пријде толку блиску до републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп за време на митинг во сојузната држава Пенсилванија. 

„Ја преземам целосната одговорност за безбедносниот пропуст“, напишала Читл во пораката до сорабониците. „Со оглед на последните настани, со тешко срце ја донесов тешката одлука да поднесам оставка како ваш директор“. 

20-годишниот напаѓач, Томас Метју Крукс успеа да се приближи на само 135 метри од бината каде што говор држеше Трамп.

Оставката на Читл се случува само еден ден по нејзиното испрашување пред конгресниот комитет. Таа го нарече атентатот врз Трамп „најзначајниот оперативен неуспех“ во последните децении и рече дека презема целосна одговорност за безбедносните пропусти. Притоа, таа тогаш одби да поднесе оставка и рече дека е „вистинската личност“ да ја предводи Тајната служба.

Американската тајна служба (УССС) е сојузна агенција која потпаѓа под Департментот за домашна безбедност, со задача да спроведува истраги и да ги штити американските политички лидери, нивните семејства, како и странски државници кои доаѓаат во посета на САД.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема