Може ли Украина да се надева на членство во НАТО?
11 јули 2023Секако, од самитот на НАТО во Вилнус треба и ќе биде испратен демонстративен сигнал на солидарност со Украина. Зашто, сојузниците во секој случај сакаат да продолжат да ја поддржуваат одбранбената борба на земјата против рускиот агресор со модерни оружени системи и муниција.
Целта е, според зборовите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на Украина да ѝ се обезбеди долгорочна помош и земјата да се приближи кон НАТО. Меѓу другото, станува збор за испорака на гориво, апарати за отстранување на мини, мобилни мостови или медицинска опрема.
Украина бара покана и гаранции
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ќе биде исто така во Вилнус, сака многу повеќе, сметајќи дека е дојдена „решавачката година“ и барајќи на самитот Украина официјално да добие покана за членство, а во преодната фаза до фактичкиот прием, да ѝ бидат дадени безбедносни гаранции.
Меѓутоа, Зеленски не би требало да има превисоки очекувања. Имено, посакуваната покана Украина нема да ја добие во скоро време, исто како ни одреден временски план до членство, каков што многу радо би сакале пред сѐ балтичките и источноевропеките земји.
„Де факто, одамна веќе интегрирана во НАТО“
Литванскиот претседател Гитанас Науседа сепак се надева пред Украина да биде исцртан „јасен пат до НАТО“, а летландската премиерка Крисјанис Каринс изјави: „Преку снабдувањето со оружје и обучувачките мисии, Украина де факто одамна е интегрирана во НАТО“.
Други се многу повоздржани. Првенствено САД и Германија претпочитаат да не даваат конкретни ветувања. Наместо тоа, од аспект на германскиот канцелар Олаф Шолц во фокусот треба да биде трајна воена, економска и политичка поддршка на Украина.
Нема шанса за делумен прием
Никаква шанса веројатно нема ни идејата која циркулира неколку денови и која се вели дека потекнува од поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, кој денес е советник на украинската влада. Расмусен смета дека може да дојде предвид во НАТО да бидат примени само деловите од Украина во кои Киев фактички ја има контролата.
Во поглед на прашањето за безбедносни гаранции, мислењата се разијдуваат. Мнозинството Источноевропејци и францускиот претседател Емануел Макрон сметаат дека е нужен итен соодветен сигнал на НАТО во правец кон Русија, но и овде Вашингтон стиска на кочницата.
Помош во оружје наместо солидарни гаранции
Наместо тоа, се зборува резервирано за „безбедносни ветувања“, што на пример може да значи натамошна воена помош, но не и „солидарна гаранција“ како онаа што е запишана во Членот 5 од договорите на НАТО, која предвидува дека партнерите во сојузот би морале да ѝ притекнат на Украина на помош при повторен руски напад.
Американскиот претседател Џо Бајден катко пред да тргне на патување во Европа, во игра воведе уште една варијанта. До полноправно членство на Украина, Вашингтон на земјата би можел да ѝ понуди заштита, како во случајот со Израел, но под претпоставка да дојде до прекин на огнот или мировен договор.
Нема „програма за приближување“
НАТО сака посебно да ја подвлече принципиелната перспектива за членство на Украина, но тоа важи уште од самитот во Букурешт во 2008 година. За таа цел, треба да бидат зајакнати политичките врски меѓу Киев и Брисел преку формирање Совет НАТО-Украина, кој прв пат се состанува во Вилнус.
Освен тоа, Алијансата сака да се воздржи од инаку вообичаената програма за приближување. Обично, НАТО со потенцијалните кандидати за членство договара „Акциски план за членство“, во кој се договараат не само воените, туку и политичките стандарди.
Факт е меѓутоа дека НАТО соработува со Украина веќе толку тесно, како со ниеден друг партнер. Државите –членки ги тренираат украинските војници, во Украина одамна во акција се западни оружја како системите за противракетна одбрана Ирис-Т и Патриот, како и германските тенкови „Леопард 2“.
Барања за јасна перспектива
Според мислењето на одбранбени експерти, како шефот на Минхенската безбедносна конференција и поранешен советник на екс-канцеларката Меркел, Кристоф Хојсген, НАТО сепак треба на Украина многу појасно да ѝ сигнализира дека таа припаѓа тука и со Киев да се изработи конкретна програма за членство.
Премиерката на Естонија Каја Калас верува дека членство во западниот одбранбен сојуз не би бил само најефикасната безбедносна гаранција, туку и наевтината за да се одвратат можни агресори, како Русија. Најдобар пример за тоа практично е нејзината сопствена земја.
Во секој случај, а во тоа се согласни сите 31 држава од НАТО, заедно со генералниот секретар Јенс Столтенберг:шансите за одамна ставените изгледи и итно посакуваното членство во НАТО, Киев ги има дури тогаш кога ќе заврши војната.