1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Самит на НАТО: кога Украина ќе стане членка?

Бернд Ригерт
10 јули 2023

Алијансата планира повторно да ù вети на Украина дека -некогаш - ќе може да се приклучи на НАТО. Или сепак на самитот во Вилнус ќе има нешто поконкретно?

https://p.dw.com/p/4Telx
зграда во Вилнус: „Путин, Хаг те очекува“
Транспарент на зграда во Вилнус: „Путин, Хаг те очекува“Фотографија: Bart Maat/ANP/picture alliance/dpa


Претседателите на држави и влади ретко кога на редовните самити во 74-годишната историја на НАТО биле толку блиску до непријателот. Вилнус, главниот град на Литванија, се наоѓа на само 200 километри од границата на рускиот агресор во ексклавата Калининград. До границата на нападнатата Украина се 360 километри. Сојузничката на Русија, Белорусија, во која се очекува пристигнувањето на платениците од групата Вагнер, се наоѓа на само 35 километри од Вилнус. Во 2006 година НАТО се сретна во Рига во Летонија, но во тоа време Русија уште важеше за партнер во безбедносната политика.
Најголемата средба на претседатели на држави и влади во историјата на земјата, литванската влада и НАТО ја штитат со 4000 војници. Ако се додадат и полицајците и тајните служби, вкупно околу 12 илјади лица се грижат за безбедноста на дводневниот самит. Мора да се смета на „провокации” од Русите, велат литванските дипломати.
Вклучен е и германскиот Бундесвер кој привремено постави антиракетни системи од типот Патриот. Тие уште од четвртокот се функционални, соопштија од воздухопловните сили преку Твитер. Вклучени се и специјални сили на Бундесверот за кои не се соопштуваат дополнителни информации.

Што сака да постигне Литванија?

Саемскиот простор во Вилнус беше реновиран и проширен специјално за самитот, за што земјата потроши 38 милиони евра, кои според претседателот Гитанас Наузеда, се добро инвестирани средства. Со добро организиран самит Литванија демонстрира дека е доволно „созреана” за да ја овозможи оваа историска средба, рече тој при посетата на сајмиштето, веќе украсено за НАТО, пред неколку дена. Сега веќе не се работи за инфраструктура, туку за содржини и заклучоци.
Наузеда кој е профилиран поддржувач на Украина и на нејзината желба за членство во НАТО,сака пред сѐ Алијансата да демонстрира единство.
Тој смета дека треба да се искористи моменталната слабост на Путин, по прекината побуна од платениците од „Вагнер". „Некои мои колеги сметаат дека силен Путин е помалку опасен од слаб Путин. Не се согласувам со тоа. Мора одлучно да постапуваме, затоа што сме на историски крстопат. Ако сега не сме здружени и одлучни, утре ќе биде доцна”, вели Наузеда.

Володимир Зеленски Софија Бугарија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во агитирачка мисија во БугаријаФотографија: Stringer/AA/picture alliance



Што Украина очекува од НАТО?

Украинскиот претседател Володимир Зеленски при посетата во повеќе членки на НАТО пред самитот, како и во многу прилики претходно неговата цел јасно ја формулира.„Ние сме подготвени да станеме членка на НАТОи чекаме кога НАТО ќе биде посготвена за Украина”, вели Зеленски и додава дека сфатил оти Украина не може да стане членка додека е војната во ек, но според него потребни се барем безбедносни гаранции од Западот.
„Безбедносните гаранции не се важни само за Украина, туку и за нашите соседи поради руската агресија во Украина и можната агресија против други делови од Европа”, вели Зеленски. Очекувањата на Украина се големи, но германскиот канцелар Олаф Шолц, исто како и други премиери, уште многу пррд самитот, го појаснија ставот на големите членки на НАТО. „За време на војна не може да има пристапување во Алијансата. Еден од предусловите за членство е да нема неразјаснети конфликти околу границите”, рече Шолц.

Дали брзо членство во НАТО е подобро?

Како би можеле да изгледаат безбедносни гаранции од големите НАТО земји како САД, Велика Британија, Франција и Германија непосредно по крајот на војната е нејасно и во Вилнус треба да биде барем дискутирано. Експертката за безбедносна политика при Фондацијата за наука и политика во Берлин, Клаудија Мајор, ставот на канцеларот го смета за премногу неодлучен. Таа препорачува делови од земјата кои се под сигурна контрола на Киев уште сега да се примат во НАТО. Така Украина станува вистински сојузник кој мора да биде одбранет.
„Тоа не е брз и едноставен процес. НАТО членство е поврзано со многу ризици. Но, ако сега речеме дека членство може да има дури по војната, тоа де факто е поттик за Русија бесконечно да ја води војната и фактички да има вето во слободниот избор на сојузниците”, рече Мајор за АРД.

Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО
Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО: Украина ќе добива поддршка додека е тоа потребноФотографија: Yves Herman/REUTERS


Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, чиј мандат неодамна беше продолжен за уште една година, неуморно ја повторува формулата дека НАТО земјите ќе ја поддржуваат Украина со оружје, муниција и обука онолку долго колку ќе биде потребно за да се протера напаѓачот Русија. „Очекувам на самитот нови најави за воена поддршка на Украина. Ќе гласаме и за повеќегодишна програма за подготивка за членство во НАТО. Мора да обезбедиме Украина да опстои во Европа како суверена, независна држава”, рече Столтенберг во Брисел.

За што се спори?

Меѓу 31 делегации на земјите членки непосредно пред самитот немаше согласност околу поединости на политиката за Украина, ниту за новите одбранбени планови за превенција и одбрана од можни руски напади врз територија на НАТО. Од дипломатски кругови се вели дека пред сѐ Турција ги „кочи” работите, а и Унгарија која е повеќе пријателски настроена кон Русија, малку е ангажирана во поддршката на Украина. Франција во поново време се залага за брзо членство на Украина во НАТО. Германија и други западни држави се воздржани, додека балтичките земји бараат повеќе оружје, муниција, повеќе од сѐ за Украина.
„Многу е симпатично да се оди на самит и да се каже дека сите се на иста страна”, рече поранешен високо рангиран стратег на НАТО, Штефани Бапст во интервју со литванската телевија, додавајќи дека „ù е жал, но тоа се глупости.  Секој може да види дека таму има различни ставови. И штом ние можеме да го забележиме тоа, може и претседателот Путин. И Кинезите и Иранците исто така.”

Улф Кристерсон Џо Бајден
Надеж за помош за влез на Шведска во НАТО - шведскиот премиер Улф Кристерсон и американскиот претседател Џо Бајден Фотографија: Evan Vucci/AP/dpa/picture alliance/dpa



Зошто Шведска мора да чека?

Клучно е како водечката сила во НАТО, САД, ќе се постави во однос на спорните теми. Американскиот претседател Џо Бајден се изјасни против тоа Украина веднаш да стане членка на НАТО, но сака да ù вети дополнителна воена помош. Бајден сака да влијае и на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоганво однос на неговиот отпор за членството на Шведска во Алијансата кое уште минатата година ù беше ветено на земјата. Ердоган уште пред самитот има средба со шведскиот премиер Улф Кристерсон, кој пак минатата недела на посетата во Вашингтон бараше поддршка од Белата куќа. Турција и натаму ù префрла на Шведска дека недоволно се ангажира против осомничени курдски терористи. Ниту унгарскиот парламент сѐ уште го нема одобрено членството на Шведска.
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, рече дека решение на проблемот е на повидок.

Олга Стефанишина Украина
Неуморно барање поддршка за Украина: вицепремиерката на Украина, Олга СтефанишинаФотографија: Attila Husejnow/SOPA/ZUMA/picture alliance



Како понатаму?

Вицепремиерката на Украина, Олга Стефанишина, изминатите недели патуваше низ Европа за да агитира за членство на нејзината земја во ЕУ и НАТО. Шансите да се добие јасна гаранција на самитот во Вилнус таа за ДВ ги оцени вака: „НАТО е многу специјална организација. Знаете, да добиете одговор од НАТО се разликува од тоа како дејствуваат други политички пријатели ширум глобусот”.
Ова веројатно треба да значи дека нештата остануваат нејасни.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија