Молдавија: Што значи ѕвечкањето со сабји од Москва?
2 март 2023Тоа беше многу значаен гест на американскиот претседател Џо Бајден. На состанокот на претставниците на девет членки на НАТО од Централна и Југоисточна Европа, што се одржа на 21 февруари во Варшава, тој ја покани и молдавската претседателка Маја Санду, иако Република Молдавија не е членка на НАТО и сѐ уште не објавила дека сака да се приклучи на Северноатлантската алијанса. За време на еден од говорите, Бајден директно ѝ се обрати на молдавската претседателка: „Горд сум што стојам на Ваша страна и на страната на слободољубивиот молдавски народ“, рече тој и ги покани присутните да ја поздрават Маја Санду со аплауз.
Овој гест има многу сериозна позадина. Република Молдавија, која се наоѓа помеѓу Украина и северозападна Романија, подолго време стравува дека ќе стане следна жртва на агресивната политика на Русија и во моментов се соочува со сѐ поочигледни и сè пожестоки воени закани од Москва. На почетокот на минатата недела, рускиот претседател Владимир Путин го анулираше декретот од 2012 година, со кој Кремљ го гарантира суверенитетот и интегритетот на Република Молдавија. Непосредно пред тоа, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија сака со државен удар да го смени проевропското државно раководство на Молдавија. Москва, пак, минатиот четврток (23.02) соопшти дека Украина планира воена интервенција во Република Молдавија.
Која е улогата на тоа ѕвечкање со оружје? И зошто малата Молдавија со три и пол милиони жители одеднаш сѐ повеќе и повеќе доаѓа во центарот на вниманието на воените случувања?
Стратешкото значење на Транснистрија
Молдавија беше првата земја каде што, по распадот на Советскиот Сојуз, Русија ги поддржа сепаратистите, предизвика повеќемесечна крвава војна (1992 година), а потоа создаде замрзнат конфликт: Во Транснистрија, тесна област на истокот на Република Молдавија, повеќе од три децении владеат сили лојални на Москва. Покрај тоа, таму се стационирани околу 2.000 руски војници. Во близина на транснистриското село Кобасна се наоѓа и најголемиот магацин за оружје во Европа со околу 20.000 тони муниција и воена опрема. Во 1999 година, Москва писмено вети дека ќе ги повлече своите војници од Транснистрија, но никогаш не го исполни тоа ветување.
Од почетокот на рускиот напад врз Украина, Транснистрија доби многу поголемо стратешко значење. Оттука Русија може да отвори западен фронт во Украина или, во најмала рака, да предизвика толку голем хаос во Република Молдавија што таа земја ќе стане сериозна кризна точка на југоисточната надворешна граница на НАТО и на западот на Украина.
Блокирани шверцерски рути
За вакво сценарио интерес би можеле да имаат и сепаратистичките сили во Транснистрија. Во последните децении, тие, меѓу другото, се финансираа со големи шверцерски зделки кои се одвиваа и преку украинска територија. Меѓутоа, од почетокот на војната, Украина ја затвори границата со Транснистрија. Затоа на тамошниот режим му се заканува економски колапс.
Во првите неколку месеци по почетокот на војната, молдавската претседателка Маја Санду и проевропската влада, која исто така беше проевропска, заземаа внимателен став на солидарност со Украина - тие не сакаа да одат премногу на конфронтирачки курс со Москва. Тоа се смени минатата есен. Москва продолжи да ја намалува испораката на гас за Молдавија и ги поддржа опозициските партии во обид да ја дестабилизира внатрешната политичка ситуација во земјата. Ова веројатно ги доведе претседателката Санду и нејзиниот државен врв до сознание дека сите обиди за спогодување со Москва се залудни.
Крај на неутралноста?
Затоа Република Молдавија почна брзо да се префрла на снабдување со гас и електрична енергија од други извори наместо руски. Освен тоа, во меѓувреме во таа земја се води отворена дискусија за тоа дали државата треба и може да го промени статусот на неутрална земја, што е запишано во Уставот. Се зборува и за вооружување на молдавската војска, која досега беше речиси без оружје. Германија пред неколку недели ѝ испорача на Молдавија оклопни возила „Пирана“.
Во моментов, Молдавија тешко би можела да се одбрани од сепаратистите, кои во Транснистрија веројатно имаат десетици тенкови и друго тешко оружје, како и големи залихи на муниција. Затоа Украина ѝ понуди помош на Молдавија во случај Москва и сепаратистите да предизвикаат конфликт. Дека Украина планира интервенција во Република Молдавија е бесмислено обвинување од Москва и во најдобар случај служи само како оправдување за Кремљ, бидејќи на Украина не ѝ одговара отворање на втор фронт и врзување на нејзините воени ресурси, кои се многу потребни на другата страна.
Но, рускиот претседател Владимир Путин веќе постигна едно нешто. Досега, политички главно неопределената, Молдавија се ослободува од давителската прегратка на Москва порешително од кога било во изминатите три децении. Покрај симболичните гестови на поддршка, како оној на американскиот претседател минатата недела во Варшава, поддршка доаѓа и од „постарата сестра“ Романија, со која Молдавија споделува заеднички јазик, култура и долга заедничка историја. Во економското одвојување од Русија, Романија во иднина ќе биде еден од клучните партнери на Молдавија.