1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМолдавија

Молдавија: Локални избори и геополитички интереси

Витали Калугареану
4 ноември 2023

Во Република Молдавија во недела на 5 ноември ќе се одржат општи локални избори. Властите ја обвинуваат Русија за масовно влијание на изборите преку партиско финансирање и пропаганда во медиумите.

https://p.dw.com/p/4YNLk
Локалните избори во Република Молдавија ќе се одржат на 5 ноември 2023 година
Локалните избори во Република Молдавија ќе се одржат на 5 ноември 2023 годинаФотографија: Gavriil Grigorov/dpa/TASS/picture alliance

Шефот на молдавската разузнавачко-безбедносна служба (СИС), Александру Мустеата, во понеделникот (30-ти октомври) ја потврди информацијата што е одамна позната: СИС има оперативни информации и докази дека Руската Федерација ќе влијае на изборите што ќе се одржат во Република Молдавија во недела.

„Тоа се прави преку различни методи, вклучувајќи и незаконско финансирање на партиите за време на изборната кампања, купување гласови и корупција на кандидати, но и преку кампањи за дезинформација“, вели првиот човек на СИС.

Во овој контекст, Мустеата ја повика Комисијата за вонредни ситуации веднаш да затвори шест телевизиски станици и 31 интернет портали вклучени во „информативните напади врз Молдавија“.

Претходно, лиценците на шест други телевизиски станици беа суспендирани, а десетици веб-страници кои ја оправдуваат војната на Русија против Украина беа блокирани.

Компликуван геополитички контекст

Според тоа, локалните и општинските избори на 5 ноември 2023 година се од големо значење, бидејќи ја тестираат перцепцијата на населението по две години проевропско владеење - период во кој Република Молдавија успеа да стане кандидат за членство во ЕУ, додека беше во сенка на руската агресија врз Украина.

Импресивен про-ЕУ собир во Кишињев (21 мај 2023 година)
Импресивен про-ЕУ собир во Кишињев (21 мај 2023 година)Фотографија: Aurel Obreja/AP Photo/picture alliance

Меѓутоа, војната во непосредна близина значително се одрази на економијата на малата земја меѓу Романија и Украина. Во 2022 година, како резултат на руската уцена, Молдавија ја доживеа најтешката енергетска криза во својата историја, што резултираше со инфлација од над 30 отсто.

И натаму исклучително силната руска пропаганда, го искористи ова покачување на цените за да ја компромитира проевропската влада. Иако владата, со помош на ЕУ и други надворешни партнери, минатата зима успеа да надомести 50 отсто од сметките на граѓаните, финансискиот товар на семејствата остана многу висок, што, според анкетите, го наруши угледот на владејачката Партија на Акција и солидарност (ПАС). Сепак, граѓаните и натаму имаат најголема доверба во оваа партија на реформистичката претседателка Маја Санду.

И покрај сите проблеми, Молдавија излезе посилна од енергетската криза иницирана од Русија во 2022 година. Се чини дека луѓето станаа свесни за потребата од неповратен прекин со Русија, така што со огромно мнозинство ги поддржаа енергетските проекти иницирани од актуелната влада. Повеќе од една година Кишињев нема купено ниту еден кубен метар гас од руската корпорација Газпром, а во наредните две години ќе бидат пуштени во употреба две високонапонски линии кои ќе го поврзат енергетскиот систем на земјата со Романија.

Молдавскиот гасовод поврзан со Романија е веќе во функција. Тоа значи дека земјата повеќе нема на кој било начин да зависи од рускиот гас, ниту од производството на електрична енергија (кое се базира на руски гас) во електраната Кучиурган, која е под контрола на прорускиот сепаратистички режим во Придњестровје.

Infografik Karte Republik Moldau DE

Главна тема: Претседателски избори 2024 година

Локалните избори кои ќе се одржат во недела се важни со оглед и на претседателските избори во 2024 година. Од почетокот на руската инвазија на Украина, Кремљ презеде многу напори да ја дестабилизира Молдавија и да го собори уставниот поредок на земјата, со цел да го блокира нејзиниот европски курс. На Русија ѝ помагаа и сè уште ѝ помагаат партиите на корумпираните олигарси кои избегаа од земјата по неуспешниот обид за пуч во 2019 година.

Лицата кои се веќе делумно осудени или се на меѓународни потерници, со поддршка на Москва, го здружија својот финансиски капитал и вложуваат големи суми пари во различни партии и кандидати. Нивна цел е подоцна да искористат добар резултат за да предизвикаат хаос, социјална поларизација и политичка освета.

Иако нивните кандидати досега им служеа само на проруските партии и беа одлучни противници на процесот за приклучување на Република Молдавија во Европската унија, некои од нив сега тврдат дека се орјентирани проевропски. Некои се свртуваат кон средината на општеството, додека други ги фалат суровите постапки на Русија и Путин во Украина. Според анкетите, 30 отсто од Молдавците ја оправдуваат руската инвазија на Украина.

Она што ги обединува сите овие кандидати, без разлика на нивната партиска припадност, е нивната омраза кон проевропската влада, особено кон западно ориентирана претседателка Маја Санду. Поради тоа, лошиот резултат на проевропските сили на локалните избори би можел да има влијание и на претседателските избори во 2024 година.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен (лево) и молдавската претседателка Маја Санду пред самитот на Европската политичка заедница во Република Молдавија
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен (лево) и молдавската претседателка Маја Санду пред самитот на Европската политичка заедница во Република МолдавијаФотографија: Andreea Alexandru/AP/dpa/picture alliance

Проценките на власта се јасни: криминалната група сака да ја врати контролата врз земјата за да му ја стави на располагање на Путин. Откако Уставниот суд ја забрани партијата СОР на избеганиот олигарх Илан Сор, која е класифицирана како криминална организација, тој во актуелната изборна кампања активираше неколку други партии кои постојат само формално, а за кои молдавското обвинителство тврдеше дека се финансирани со целосно незаконски методи.

Речиси секоја недела полицијата врши рации при што пронаоѓа огромни суми пари. Парите биле внесени во земјата во готово, со курир, понекогаш во консултација со граничната полиција или преку кредитни картички издадени во Дубаи.

Илан Сор, кој најверојатно е во Израел, е на списокот на меѓународни санкции на ЕУ, САД и на други земји - како и Владимир Плахотниук, уште еден олигарх баран од молдавското правосудство за грабеж на земјата во периодот од 2014 до 2019 година. Плахотниук ги контролираше државните институции преку парламентарното мнозинство корумпирани пратеници за време на озлогласеното „ограбување милијарди“. Во тоа време од молдавскиот банкарски систем исчезнаа околу една милијарда долари. Засега нема сигурни информации за тоа каде се наоѓа олигархот.

Битка за главниот град

Најважната политичка борба на изборите на 5 ноември ќе се води околу главниот град Кишињев. За градоначалничката функција се пријавија 27 кандидати - рекорден број. Повеќето од нив се статисти кои беа испратени во изборната трка да ги украдат гласовите на проевропското гласачко тело и да ги искористат изборните дебати за дискредитација на актуелната власт. Кандидати со најдобра перспектива се актуелниот градоначалник Јон Чебан, кој води во актуелните анкети и кандидатот на ПАС Лилијан Карп.

Градското собрание во Кишињев
Градското собрание во КишињевФотографија: DW/Simion Ciochina

Чебан, некогаш водечки член на Комунистичката партија, стана градоначалник во 2019 година со поддршка на социјалистите предводени од прорускиот претседател Игор Додон. Сега тој е лидер на новата партија наречена „Алтернативно национално движење“, која официјално ја поддржува европската интеграција.

По потпишувањето на Договорот за асоцијација меѓу Република Молдавија и ЕУ во 2014 година, Чебан рече дека договорот ќе ја одведе земјата „до катастрофа“.

Неговиот главен противник Лилиан Карп е член на партијата ПАС во молдавскиот парламент, претседател на парламентарната комисија за национална безбедност и поборник за обединување на Молдавија со Романија.

Според последните анкети, владејачката партија ПАС може да очекува околу 20 отсто од гласовите. Следува блокот на комунисти и социјалисти со нешто помалку од 12 отсто и движењето Чебан со околу шест отсто од гласовите.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема