1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиТурција

Млади Руси наоѓаат прибежиште во Истанбул

Бурку Каракаш
3 февруари 2023

Млади Руси кои одбиваат да се борат во Украина, бегаат во Истанбул, откако Москва објави делумна воена мобилизација во септември минатата година. ДВ разговараше со двајца пријатели кои направија ваков чекор.

https://p.dw.com/p/4MdHM
Рекламна кампања за учество во војната во Украина на билборд во Москва
Рекламна кампања за учество во војната во Украина на билборд во МоскваФотографија: Olga Maltseva/AFP/Getty Images

Пред речиси една година силите на рускиот претседател Владимир Путин ја нападнаа Украина. Венјамин се сеќава на 24 февруари 2022 година, како да се случило вчера.

„Тоа беше голем шок. Се случи најлошото нешто што можеше да се случи. Бев парализиран.“

28-годишникот вели дека никогаш не мислел оти може да избие војна и покрај зголемените политички тензии и репресии. По тоа утро, кога се разбудил со видеа од руски ракетни напади споделени на групни разговори, ништо повеќе не било исто. Исто како и на неговиот соученик Александар, уште еден подоцнежен датум засекогаш ќе го промени животот на Венјамин: 21 септември 2022 година. Тоа беше денот кога Русија прогласи делумна воена мобилизација.

Пиеме турски чај во трговски центар во центарот на Истанбул со Венјамин и Александар. Двете млади момчиња студирале политички науки на Вишата економска школа во Москва, еден од најдобрите универзитети во Русија. Тие се меѓу околу 700.000 луѓе кои ја напуштиле земјата од почетокот на мобилизацијата, според извори од Кремљ, а цитирани од Форбс Русија.

Пред да дојде во Турција во октомври, Венјамин работел на пазарот за еСпорт, додека Александар имал работа во голема енергетска компанија.

„Или би умрел или би одел во затвор“

Венјамин почнал да штеди пари набрзо по започнувањето на војната, за да има средства да ја напушти земјата ако е потребно. „Не можев веднаш да избегам од земјата поради финансиски причини. Но, кога беше објавена делумната мобилизација, работите се променија. Или ќе умрев или ќе одев во затвор. Сакав да живеам“.

Венјамин решил да ја напушти Русија откако Путин најави делумна воена мобилизација
Венјамин решил да ја напушти Русија откако Путин најави делумна воена мобилизацијаФотографија: Burcu Karakas/DW

На денот кога започна мобилизацијата, тој купил авионски билети за Белорусија. Пакувајќи ги само најважните работи, како што се пар чевли и четка за заби, тој заминал од Москва во белорускиот главен град Минск носејќи само ранец. Откако останал кај пријател еден месец, му се јавил на Александар да договорат каде да се сретнат.

„Јас  ја мразам политика и сè околу неа. Го мразам Путин“, вели Венјамин.

Младите момчиња за ДВ велат дека се против војната која е во тек и причината поради која ја напуштиле Русија е тоа што не сакале да бидат дел од неа.

Според последните податоци на турското Претседателство за управување со миграцијата, во моментов во Турција има близу 150.000 руски државјани со дозволи за престој. Приближно 37.000 од нив живеат во Истанбул. И Венјамин и Александар им се придружија на илјадниците Руси во изборот на турската метропола. 

Тоа не беше лесна одлука, вели Александар. 

„Бев како зомби, сите беа во шок“, вели тој, зборувајќи за првиот ден од руската инвазија. Не е само финансиската состојба таа што го задржала во Москва до објавувањето на мобилизацијата, туку и емотивниот товар од напуштањето на домот. Тој не бил сосема сигурен што да прави следно.

„Заминувањето од Москва беше најтешката одлука во мојот живот. Беше емотивно многу тешко. Купив билети за град блиску до границата со Казахстан. Имав пет дена пред заминувањето. Размислував [за тоа] до тој ден“.

Во последен момент тој донел одлука и се упатил кон аеродромот. По пристигнувањето Александар се качил на воз за да ја помине границата кон Казахстан. По разговорот со Венјамин, двајцата се одлучиле за Турција како нивна дестинација.

Александар вели дека била тешка одлуката да се напушти Москва
Александар вели дека била тешка одлуката да се напушти МоскваФотографија: Burcu Karakas/DW

Концертните постери и руските графити станаа вообичаени 

Повеќето од Русите кои побегнаа во Турција по Путиновата инвазија врз Украина се самци под 30 години со мали заштеди.

Основачот на компанијата за советување „ТотамТотут“ - лице кое побара едноставно да биде идентификувано како Д. - вели дека живиот кварт Кадикој на азиската страна на Босфорот е дом на најголемата руска заедница во Истанбул. Во текот на изминатите шест месеци, концертните плакати и графитите на руски јазик станаа вообичаени на улиците на Кадикој.

По најавата за делумна воена мобилизација во септември, „ТотамТотут“ започна да им помага на руските мигранти за сместување, апликации за дозволи за престој и за интеграција преку групи на Телеграм. Токму компанијата на Д. им помогнала на Венјамин и на Александар да се преселат во Турција.

Основачот Д., кој ја напушти Русија во март минатата година, е исто така новајлија во Истанбул. Досега „ТотамТотут“ поврза повеќе од 300 руски граѓани во Истанбул. Компанијата дури има воспоставено дигитална мрежа на руски јазик за услуги како што се чистење и други работи.

Во последно време, некои руски мигранти имаат потешкотии да добијат дозволи за престој во Турција. Д. тврди дека турските власти сè повеќе ги отфрлаат руските барања за престој. Александар е еден од одбиените, додека Венјамин сѐ уште чека на одлука.

Србија: Високи станарини поради доселените Руси

„Невозможно е да се прават долгорочни планови“ 

Во септември 2022 година, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу најави дека 300.000 резервисти ќе бидат повикани во војската. Еден регрут бил роднина на Александар. Тој вели дека 45-годишнкиот бил испратен во Украина на новогодишната ноќ, по само два месеци обука.

„Како оженет човек со деца, тој имаше воспоставен живот во Русија. Не е лесно да се напушти земјата во таков случај“.

Во ноември 2022 година, генералот на американската армија Марк Мили тврдеше дека речиси 100.000 руски војници биле убиени или повредени во Украина.

И покрај тоа што двајцата руски пријатели на почетокот го сметале Истанбул за хаотичен, сега тие уживаат да живеат во градот. Двајцата руски пријатели велат дека имаат доволно заштеди за да преживеат една година - потоа немаат поим што ќе се случи. И покрај тоа што би сакале да се вратат во Русија, тие велат дека тоа би било невозможно да се направи пред да заврши војната.

„Не можете ни да правите планови за утре. Невозможно е да се прават долгорочни планови“, вели Александар. Тој вели дека толку многу му недостига домот во Москва, што деновите ги поминува гледајќи ги во живо на Јутјуб нејзините улици.

Имињата на Венјамин и на Александар се променети за да се заштити нивниот идентитет.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема