Путин веќе не може назад. Ако ја загуби агресорската војна против Украина, ќе ја загуби власта, можеби и нешто повеќе. Слично важи и за политичарите во владата и во Думата, кои својата судбина безусловно ја поврзаа со шефот во Кремљ. Тие се во паника. Со оглед на успесите на Украинците во ослободувањето на нивната земја, на Москва вистински ѝ се заканува воен пораз. Нешто што во Москва никој не го очекуваше. Затоа Путин сега прогласува делумна мобилизација, сака да испрати на фронтот 300.000 резервисти, кои би го запреле напредокот на Украинците, напредок кој ја документира безизлезната состојба на руската армија.
Заслабен и изолиран?
Само до пред неколку дена, на маргините на средбата на Шангајската организација за соработка (СОЦ) во Узбекистан, Путин, обидувајќи се да биде лежерен, изјави дека на Русија не ѝ се брза во Украина. Во суштина, светот виде еден заслабен, изолиран Путин. Телевизиските камери прикажаа остарен човек, кој ги остави другите државници да го чекаат. Путин, седнат на каучот во мирна и благонаклона поза, сослуша што имаат да кажат другите. Турција, Индија, па дури и Кина оставија да се насети дека ја отфрлаат војната на Путин, преферирајќи територијален интегритет на Украина. Од добра причина: војната ја оптоварува светската економија и со тоа и власта на овие политичари на чија поддршка сметаше Путин за својата агресорска војна.
Промена на курсот во Кремљ
Од аспект на Кремљ, не може да се продолжи на овој начин. Враќајќи се во Москва, Путин побрза итно да го смени курсот. Конечно, делумната мобилизација е признание за руската воена слабост во источна Украина. Со најавата за одржување „референдуми" за припојување кон Русија во окупираните области за неколку дена, стана јасно дека Украинците не сакаат во Русија. Зашто, никој во светот нема да го сфати сериозно „гласањето“ пред нишанот на пушките, референдум во руините.
Путин сака да го осигура грабнатото. Освоените области треба да станат дел од Руската Федерација. Тогаш Путин со употреба на сите воени средства може да повика на одбрана на татковината. Временски и просторно ограничената „специјална воена операција“, со која мнозинството Руси немаат врска во своето секојдневие, реторички ќе се претвори во одбрана на „руската земја“ со сите средства – и со атомско оружје.
Крај на „специјалната воена операција“
Не треба да се биде голем пророк за да се предвиди скорашен крај на терминот „специјална воена операција“. Пропагандата на Кремљ ќе го погребе овој термин. На негово место ќе стигнат сѐ полуди, замрсени лаги, измислици, закани, со кои државно контролираната телевизија ќе се обиде да ги индоктринира Русите. Веќе сега се тврди дека Русија не води војна во Украина, туку се брани во Украина против САД и Велика Британија. Кој верува, верува.
Светските лидери, моментално собрани на Генералното собрание на ОН во Њујорк, сериозно ќе го сфатат најновиот потпал на Путин. Но, нивната политика кон Москва тешко дека ќе се промени. Киев и натаму ќе добива оружје, украинската армија ќе продолжи да се бори. А 300.000 руски резервисти? Тие никогаш досега не биле во војна, слабо се опремени и обучени. Тоа се семејни луѓе, мажи кои против своја волја ќе бидат оттргнати од своето секојдневие. Тие треба да ја бранат Русија во Украина – заедно со осудени криминалци и чеченски воени платеници. Тоа нема да излезе на добро. Тие со свои очи ќе видат дека Украинците не сакаат да припаѓаат кон Русија. Десетици илјади луѓе умираат за Путин и неговото опкружување да можат да останат на власт, за да не мора да се оправдуваат за своите злосторства кон сопствениот народ. Тоа е суштинската трагедија на најновата погрешна одлука на шефот на Кремљ.