1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Бегство на Русите - зошто некои го избираат Казахстан?

Мадија Торебајева
27 септември 2022

Поради делумната мобилизација, Русите ја напуштаат земјата во сите правци. Репортерот на ДВ, Мадија Торебајева, во Казахстан наиде пред сѐ на млади луѓе. Какви надежи поврзуваат тие со централноазиската држава?

https://p.dw.com/p/4HORI
Русија Казахстан мобилизација
Километарски колони возила на излезот од Русија и влезот во Казахстан поради мобилизацијатаФотографија: DW

Колони долги километри на руската страна од границата кон Казахстан, пред сѐ на граничните премини кои водат до Петропавловск Камчатски и Орал. На 7500 километри долгата граница меѓу Русија и Казахстан има вкупно 51 гранични премини. Од 21 септември, кога рускиот претседател Владимир Путин нареди „делумна мобилизација”  за војната против Украина, тука доаѓаат пред сѐ млади лица. Оној што ќе успее да прејде преку граничниот премин во правец на Орал, сосем на западот на Казахстан, отворено покажува фотографии и видеа на својот смартфон. На нив се гледа што се случува на другата страна од границата. 

Двајца мажи на околу 40 и 18 години се заморени од долгото чекање, но и радосни што конечно ја поминале границата. Возбудено раскажуваат што доживеале претходната ноќ. „Има многу луѓе, 500-600 возила. Веднаш по наредбата за мобилизација  сите авионски билети беа распродадени,  и покрај големиот пораст во цените - од 100 илјади на 300 илјади рубљи (односно од 1800 на 5400 евра) и тоа само во еден правец", раскажуваат мажите додека чекаат на своите пријатели кои сѐ уште се на другата страна од границата. Никој од нив претходно не бил во Орал. Од таму сакаат да продолжат кон Европа, некои имаат роднини, некои Шенген виза со која може да влезат во повеќето европски земји. 

Зошто заминуваат Русите?

Игор од 200 километри оддалеченото место Самара е програмер. Преку границата дошол пеш во Казахстан. Отворено кажува дека дома си ја оставил жената и двете деца. Чекал 12 часа во редицата за да влезе во централноазиската држава. „Одам во Орал за да го избегнам тоа што ми се заканува во родниот град. Мои познаници веќе  добиле покана за резервисти , јас сѐ уште не.  Не сакам да се борам, не сакам да убивам и не сакам да бидам убиен",  вели Игор за стравот што го има од воена служба. Но на прашањето дали го поддржува постапувањето на Кремљ во Украина, тој не одговара. Сега планира да работи во Орал и да ги следи случувањата во Русија. „Ќе се вратам кога ќе се смени ситуацијата", вели тој и повикува такси.

Игор е програмер и од Самара дошол пеш
Игор е програмер и од Самара дошол пешФотографија: DW

Санија, млада жена која никогаш не била во Казахстан, раскажува дека тргнала на пат со нејзиниот партнер за да ги стасаат неговите роднини кои тргнале еден ден пред нив и кои чекале само три часа на граница.

„Сакаме да бидеме сигурни,  заминавме поради мобилизацијата.  Лично уште не нѐ погодила, бидејќи дечкото ми е уште студент. Штом се смири ситуцијата, ќе се вратиме назад, но засега остануваме тука. Вкупно седум лица сме, сите сме млади. Но, за политиката на Кремљ нема да зборуваме", вели Санија. 

Преселба во Казахстан?

Пред еден хотел во Алмати, најголемата метропола и поранешен главен град на Казахстан, рано утрото застанува такси. И таму, длабоко на југоистокот од големата земја, доаѓаат млади Руси меѓу 20 и 25 години, набрзина излегуваат, ги вадат куферите, му плаќаат на таксистот и брзо влегуваат во хотелот. На прашањето од каде доаѓаат четирите момчиња не сакаат да одговорат. По убедување дека нема да ги снимаме ниту фотографираме, и сѐ ќе биде анонимно, конечно се решија да проговорат. Еден од нив вели:

„Само што дојдовме.“

ДВ: Дојдовте во Казахстан поради делумната мобилизација во Русија?

„Да.”

Како се викате?

„Николај“.

Зошто одлучивте да дојдете во Казахстан?

„Зашто беше наједноставно“

Како допатувавте? Авионските карти во меѓувреме се прескапи.

„Со автобус до Чељабинск (н.з. поголем руски град на југоистокот кај Урал) и од таму со автомобил до граница. Легално ја преминавме. Потоа со такси до Петропавловск Камчатски (н.з. во Северен Казахстан), а од таму речиси цел ден со воз до тука.“

Хотел Алмати во Казахстан - прво одредиште за многу дојдени млади Руси
Хотел Алмати во Казахстан - прво одредиште за многу дојдени млади РусиФотографија: Anatolij Weißkopf/DW

Не секој сака и да остане

По Николај и другите млади момчиња се охрабруваат да прозборат. Еден од нив доаѓа од Тула на 200 километри јужно од Москва, а другите двајца од главниот град. Сите се од ИТ секторот, па можат да работат и од далечина. Двајца имаат дури и сопствени компании. На прашањето дали би сакале да останат во Казахстан, едниот вели: „Не знам. Ќе ја следиме политичката ситуација. Ама сепак имам семејство дома.“ Другиот вели дека сѐ уште не знае како ќе ја среди дозволата за престој, но сака со друг пријател да отвори фирма во Казахстан.

Во моментов во Казахстан има многу млади момчиња од Русија. Дел од нив се дојдени со семејствата, дел сами. Но, не сите сакаат да останат таму. „Гледав на ‘Телеграм’ дека Киргистан и Узбекистан отвораат проекти за ИТ експерти, нешто како Технолошки паркови. Имаат различни програми за поддршка, па можно е да продолжам натаму,“ вели едно момче.

Социјалните мрежи денес се полни со огласи за работа, како и со совети за започнување бизнис или како да се дојде до дозвола за престој. Многу Руси дебатираат на овие теми на бројни „Телеграм“-канали. Други се обидуваат да останат во Казахстан преку склопување брак. Но, на речиси сите сега приоритет им е наоѓањето работа. „Радо би се преселил во Казахстан, но се плашам дека нема да најдам работа и нема да смеам да останам. Сѐ уште студирам и сакам да станам програмер,“ пишува еден од корисниците на „Телеграм“ под името Иван Фролов.

Граничен премин меѓу Русија и Казахстан
Граничен премин меѓу Русија и Казахстан, преминуваат стотици РусиФотографија: DW

Им се заканува ли протерување?

Најголемиот дел Руси кои доаѓаат во Казахстан се млади. Тие би биле опфатени во вториот или третиот бран на мобилизација. Некои од нив стравуваат дека руската влада може да донесе закон за „потера“ по луѓето кои ќе бидат повикани на воена служба. Она што ги плаши е дали во таков случај казахстанските власти би ги депортирале во Русија.

Казахстанските закони не предвидуваат депортација во странство поради мобилизација во друга држава. Членот 28 од Законот „За правата на странци“ вели дека странски државјанин може да биде протеран од Казахстан доколку организира или учествува во неовластени собири, поднесува лажни документи за добивање престој или државјанство, го прекрши законот на граничен премин или при повреда на миграциските закони.

Колку долго смеат да останат?

Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Казахстан, од јануари 2022 година во земјата влегле 1,66 милиони Руси, а 1,64 милиони повторно ја напуштиле. 3200, односно 0,2% од нив ги прекршиле миграциските закони поради што им се заканува депортација.

Во моментов во Казахстан се наоѓаат 200.000 руски државјани. Казахстанските власти уверуваат дека сите странци се уредно регистрирани на влез во земјата. Казасхстанското Министерство за надворешни работи посочува дека странци во земјата немаат право на дозвола за неограничен престој. И државјаните од царинската унија во која спаѓаат Русија, Белорусија, Ерменија, Казахстан и Киргистан, мора во рок од 30 дена да се пријават во миграциската полиција. Престојот во земјата од моментот на влез е ограничен на максимум 90 дена, доколку поинаку не си го регулираат.