1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рокас: Политичките сили да се обединат за уставните измени

ДТЗ
1 ноември 2024

Северна Македонија ќе ја добие поддршката на ЕУ и одржува високо ниво на амбиција да се придвижи кон пристапните преговори, но за да го унапреди процесот треба да ги усвои уставните измени

https://p.dw.com/p/4mU66
Михалис Рокас, Орхан Муртезани
Михалис Рокас: Политичките сили да се обединат за уставните измени Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Политичките сили во Северна Македонија треба да се обединет за да се спроведат уставните измени. Ова е пораката којашто ја повтори во Скопје, еврамбасадорот Михалис Рокас, по објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Тој на прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ја цитираше претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која пред само една недела беше во посета на Скопје и регионот и ги повтори нејзините пораки во однос на европската иднина на земјата. 

„Кога претседателката на ЕК,Урсула фон дер Лајен беше тука, на истава оваа говорница таа кажа јасна порака. Прво, имаше дискусија за одличната соработка и таа секако се заблагодари на Северна Македонија за тоа. И потоа цитирам рече: „Имаме јасна цел да се отвори Кластерот Основи што е можно побрзо, речиси сме стигнати до таму. Знаеме дека се работи за уставните измени коишто вашата земја се обврза да ги спроведе. Сега, потребни ни се заеднички напори, соработка и дијалог и се надевам дека сите политички страни во земјата ќе се обединат и ќе го преземат овој решителен чекор нанапред“, потсети Рокас на изјавата на Фон дер Лајен, која меѓу другото изрази увереност дека можат да се надминат сите пречки во однос на ова прашање.

Тој додаде дека Северна Македонија ќе ја добие поддршката на ЕУ и одржува високо ниво на амбиција да се придвижи кон пристапните преговори, но за да го унапреди процесот треба да ги усвои уставните измени, со цел да ги вклучи граѓаните коишто живеат во границите на државата и кои се дел од други народи како што се Бугарите, а на што се согласи дека ќе го направи. 

Михалис Рокас, Орхан Муртезани
Северна Македонија ќе ја добие поддршката на ЕУ, но ќе има придвижување во преговорите ако ги усвои уставните измениФотографија: Petr Stojanovski/DW

120 заклучоци за Македонија 

Европската комисија деновиве го објави „Пакетот за проширување“ за 2024 година, кој вклучува и Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат. Во него има препораки и 120 заклучоци кои Северна македонија треба да ги спроведе во наредната година. Станува збор за список на реформи кои Владата се согласи да ги спроведе, а чија имплемнентација ќе овозможи распределба на значителна финансиска поддршка, вели Рокас. 
Покрај потребата од усвојување на уставните измени, во Извештајот се потенцира дека со „добра волја“ треба да се спроведуваат билатералните договори со соседните земји - Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Рокас вели дека во извештајот на ЕУ има поинаква структура со цел да може полесно да се чита, па оттаму Преспанскиот договорот и Договорот за добрососедство и пријателство се наоѓаат од првата страница на Извештајот со ЕУ.

„Добрососедските односи, регионалната соработка остануваат како суштински елемент од процесот на проширувањето“, рече Рокас. 

Објективен пресек на состојбите 

Според него, земјата треба да продолжи паралелно да ја испорачува имплементацијата на реформите поврзани со ЕУ, особено во Кластерот Темели – поточно судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, а довербата во правосудниот систем треба да биде засилена, а додаде, корупцијата треба да се решава преку добар след на случаите во судовите и во обвинителствата. 

„Комисијата се стреми кон следење на скрининг извештајот по однос на основите, како и патоказите кои се усогласени со Преговарачката рамка со цел да се отвори првиот кластер што е можно побрзо и кога ќе бидат исполнети релевантните услови. Особено што се однесува до нашата проценка оваа година има извесен напредок што е постигнат во областа против организираниот криминал од страна на земјата и ограничен напредок во судството, каде пто се бележи подобрување во споредба со минатата година кога не беше забележан напредок. Зборував за борбата против корупција каде што за жал нема напредок, но има позитивни елементи и тие се забележани во областа на земјоделството, руралниот развој, риболовот, транспортните и регионалните политики“, рече Рокас.

Мошне позитивен дел од извештајот е тоа што земјата останува целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, смета дека извештајот е објективен пресек на состојбите и напредокот на земјата во однос на претходната година. „И покрај сите предизвици со коишто се соочуваме, остануваме на стратешката определба за членство во ЕУ и извештајот треба да биде поттик повеќе за да ги испорачаме потребните реформи“, вели Муртезани.