Уставни измени, судство и реформи - три клучни пораки од ЕК
30 октомври 2024Северна Македонија треба да ги спроведе суштинските реформи поврзани со членството во ЕУ, да одржува добри односи со другите земји опфатени со процесот на проширување, како и да го продолжи својот ангажман во регионалните иницијативи. Ова се наведува во најновиот годишен Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата на европскиот пат.
Покрај потребата од усвојување на уставните измени, во Извештајот се нагласува дека со „добра волја“ треба да се спроведуваат билатералните договори со соседните земји - Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Во извештајот се нотира дека нема напредок во борбата против корупцијата, но и се изразува сериозна загриженост поради најавите за распуштање на Судскиот совет.
„Пакетот за проширување“ денеска беше усвоен од страна на Колеџот на комесари, по што на прес-конференција во Брисел од страна на високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји беа презентирани главните поенти од извештајот, кој е последен на оваа комисија.
Не е постигнат напредок со уставните измени
Во извештајот се нагласува дека и покрај обидите, досега не е постигнат напредок во усвојувањето на уставните измени, кои земјата се обврза да ги започне и спроведе, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите, како што е наведено во Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.
„По успешното завршување на процесот на скрининг, Северна Македонија треба да продолжи да ги зајакнува своите преговарачки структури со ЕУ и да постигне здрава координација меѓу ресорните министерства и институции, истовремено развивајќи ја експертизата поврзана со правото на ЕУ низ јавната администрација. Потребни се постојани и решителни чекори за да се забрза имплементацијата на реформите во ЕУ и да се придвижи напред во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Меѓупартиската соработка останува од витално значење во овој поглед“, се потенцира во Извештајот.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија, ЕК наведува дека „се очекуваат опипливи резултати во имплементирањето на билатералните договори, вклучувајќи го Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија и неговите протоколи“ и дека таа обврска останува важна. „Изминатите месеци односите меѓу двете земји беа негативно погодени од изјавите дадени од индивидуални политичари. Потребни се натамошни чекори да се промовира атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување“, препорачува ЕК.
Во документот се нагласува дека земјата и натаму е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската агресија врз Украина, испраќајќи јасен сигнал за нејзиниот стратешки избор за пристап во ЕУ и уште еднаш докажувајќи се како доверлив партнер. Тоа на прес-конференција во Брисел го потенцираше и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
„Сакаме да ги браниме своите вредности, да обезбедиме регионална стабилност и да го заштитиме глобалниот поредок. Сакаме нови држави, но сакаме да сме силни заедно со нив. Не може да се одржуваат односи со Русија и да се правите дека ништо не се променило, и да очекувате дека вашата земја ќе стане дел од У. Не може и едно и друго - треба да изберете. Некои наши партнери во целост се усогласени со нашата надворешна политика - како Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Косово“, рече Борел.
Политичка поларизација во парламентот
Во документот се наведува дека претседателските и парламентарните избори одржани оваа година биле спроведени „главно задоволително“, биле конкурентни и на нив биле почитувани основните слободи, а изборното законодавство дава соодветна рамка за одржување на демократски избори. Сепак, постигнат е ограничен напредок во однос на спроведувањето на препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) и на Венецијанската комисија. Северна Македонија треба да ги спроведе препораките брзо, пред следните избори.
Во врска со Собранието се нагласува дека тоа ги извршува своите овластувања на претежно задоволителен начин, но дека и натаму продолжува политичката поларизација во него и беше одложено усвојувањето на важни реформи и неколку именувања. Се советува, парламентот внимателно да ја планира и усвои својата агенда и да ја ограничи употребата на брзи законодавни процедури или несоодветната употреба на процедурата „европско знаменце“, што беше пракса досега. Меѓупартиската соработка е од суштинско значење за да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ во интерес на граѓаните.
Во однос на реформата на јавната администрација се оценува дека земјата останува умерено подготвена и е постигнат ограничен напредок во текот на извештајниот период, особено со усвојувањето на измените на Законот за државна организација, кои донесоа подобрувања преку појаснување на одговорностите, воведувањето проценки на влијанието за формирањето нови државни органи и намалување на бројот на примарни буџетски корисници.
Сериозна загриженост за плановите за распуштање на Судскиот совет
Во врска со правосудството се посочува дека земјата е „меѓу одредено и умерено ниво на подготовка“ за примена на правото на ЕУ и на европските стандарди во оваа област и дека генерално е остварен ограничен напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита на основните права.
„Најавите на новата Влада за планови за 'распуштање' на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители предизвикуваат сериозна загриженост, бидејќи таквите активности ќе ја нарушат независноста на судството. Зголемениот дефицит на човечки ресурси во судството предизвикува загриженост за влијанието врз квалитетот и ефикасноста на правдата“, се вели во извештајот.
Во делот на судството се посочува дека треба да се донесе нов Закон за парнична постапка, во согласност со европските стандарди и да започне имплементација на новата стратегија за реформи во судството, да се зајакне Судскиот совет и да се обезбеди дека АКМИС системот е целосно функционален и компатибилен со нивото на сложеност на судските случаи.
Назадување наместо напредок во борбата со корупцијата
Северна Македонија, како што се наведува во извештајот, е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка и не постигна напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање што предизвикува сериозна загриженост.
Според ЕК, институционалната рамка за борба против корупцијата е поставена и е задоволителна во однос на превентивните мерки, сепак потребно е подобрување на спроведувањето на законите.
„Измените на Кривичниот законик од септември 2023 година ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво. Многу тековни случаи беа прекинати или поради истечен рок на застареност, или поради тоа што конкретни прекршоци, како што е злоупотребата на службената положба при јавните набавки, веќе не постојат“, се додава во Извештајот.
Потребен е нов Кривичен законик
Комисијата препорачува дека треба да се донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, да се подобри имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и да се обезбедат човечки и финансиски ресурси на Основното јавно обвинителство за организиран криминал, како и да се подобри проверката на имотните листови на избраните и именуваните функционери и надзорот над финансирањето на изборната кампања.
Во Извештајот се оценува дека правната рамка за заштита на основните права е делумно усогласена со правото на ЕУ и европските стандарди, како и дека земјата продолжува да ги исполнува своите општи обврски за почитување на основните права, но законодавството треба да се спроведува на систематски начин.
Северна Македонија е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка за слободата на изразување и има ограничен напредок во оваа област, се наведува во документот и се препорачува да продолжи усогласувањето на правната рамка што ги регулира медиумите со правото на ЕУ и европските стандарди, особено со воведување правила за целосна транспарентност во сопственоста и рекламирањето на медиумите, конкуренцијата и државната помош и правата на интелектуална сопственост, да спроведе стратегијата за реформирање на Јавниот радиодифузен сервис и да продолжи да се справува со сите закани и акти на насилство врз новинарите и да обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, се наведува во документот.
Претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен неодамна при посетата на Скопје, во рамките на неколкудневната турнеја во регионот, рече дека патот кон ЕУ води преку усвојување на уставните измени на коишто се обврза земјата.
Европската комисија во јунскиот Извештај за владеење на правото во ЕУ за 2024 година, во кој годинава за првпат беа вклучени и државите опфатени со процесот на проширување, изрази загриженост за независноста на судството во Северна Македонија, но и за големиот ризик од корупција кој останува распостранет во многу области.
„Објективна слика, потсетник и патоказ“
Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, им го предаде Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата за 2024 година на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и на премиерот Христијан Мицкоски.
Претседателката Сиљановска Давкова оцени дека извештајот претставува објективна слика, потсетник и патоказ за реформските приоритети и областите во кои е неопходен натамошен напредок и изрази надеж дека дава избалансирана оценка на севкупните достигнувања на земјата.
Претседателката се надева дека новиот пристап на постепена, фазна интеграција ќе продолжи паралелно со процесот на пристапување, што ќе придонесе за поголема вклученост на земјата во процесите, политиките и програмите на ЕУ и ќе помогне за зголемување на севкупната подготвеност и поефикасно преземање на обврските од идното членство.
Таа ја посочила и важноста од објективна евалуација на спроведувањето на реформската агенда и забрзување на македонските евроинтеграции врз основа на принципот на заслуги и Копенхашките критериуми.
„Полноправното членство во ЕУ е наша стратешка цел и не гледаме друга алтернатива. Потребен е фер процес на пристапувањето во ЕУ, во кој ќе се почитува националната гордост и националниот идентитет на македонските граѓани“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
Премиерот Христијан Мицкоски по добивањето на Извештајот соопшшто дека „нема отстапување од реформите, бидејќи тоа е единствениот начин за да го подобриме животот на нашите граѓани и да го зајакнеме македонското досие на патот кон членство во ЕУ. Не само заради технократско исполнување на условите, туку заради суштествено помрднување напред и европска трансформација во вистинска смисла на зборот“:
„Тоа е наша обврска за обезбедување подобра сегашност на сите нас и подобра иднина за следните генерации“, оцценува премиерот Мицкоски.
Тој додава и дека знае оти „граѓаните се уморни од целиот процес, и дека неоправдано сме во чекалницата, но единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во Европската Унија.“