1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски чека „сигнал“ за да се направи чекор напред кон ЕУ

ДТЗ
30 октомври 2024

Доставување на предлог-уставни измени до Собранието пред да се формира влада во Бугарија, според премиерот Христијан Мицкоски, би било „наивно“ и ќе ја загрози евроинтеграцијата.

https://p.dw.com/p/4mOUM
Христијан Мицкоски
Мицкоски чека „сигнал“ за да се направи чекор напред на патот кон ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Обврската за уставни измени останува како една од главните пречки за патот на Северна Македонија кон Европската Унија. Но, премиерот Христијан Мицкоски нема да брза - ќе чека да се формира стабилна Владата во Бугарија со цел да се добие јасен сигнал како ќе се движат работите понатаму. 

Доставување на предлог уставни измени до Собранието пред да биде формирана влада во Бугарија, според премиерот, би било „наивно“. „Таков унилатерален потег би значел целосно загрозување и на така загрозените евроинтеграции на државата поради авантурите на претходната влада“, вели тој. 

Во однос на Бугарија, Мицкоски вели дека треба „да добиеме каков било сигнал за да почнеме да одиме напред“. „Сигурно нема да влеземе во каква било авантура. Ние не сме ниту Бујар Османи, ниту Маричиќ, ниту Ковачевски да бидеме лековерни и наивни да веруваме на интересите на трети страни. Наш интерес се македонските граѓани, државата и евроинтегративните процеси и тука стоиме во првата линија и ќе ги браниме и ќе се бориме“, вели тој.

Мицкоски е дециден: „Имаме заедничка цел, а тоа е Македонија еден ден да биде дел од европското семејство“. 

Нема „вин-вин“ решение

Според Мицкоски, „егзибицијата“ на Бујар Османи, Бојан Маричиќ и Димитар Ковачевски ќе ја следи земјата цело време, но прашањето е дали тоа ќе биде последната жртва или на овој пат ќе има нови препреки.

„Ние не сме во овој процес влезени без да има јасно видлив крај. Сѐ додека нема јасно видлив крај, немаме намера ниту еден потег да правиме. Првата наша фаза беше од позиција 'тоа е тоа на маса', до позиција 'дајте да бараме решение'. Втората фаза е да имаме политичка влада кај нашиот источен сосед, која ќе може да земе и политичка одговорност“, вели премиерот.

Тој смета дека ова се ситуации во кои не може да се најде „вин-вин“ решение.

„Не може двајца да победат. Секој по нешто ќе загуби. Но, вака како што е претходно конципиран францускиот предлог, ние губиме сѐ, а не добиваме ништо. Не мислиме да влеземе во процесот, и по шест месеци, година, три години, повторно некое прашање од средниот век да ни биде пречка да можеме да влеземе во 22 век. Тоа нема да го дозволам додека сум претседател на Владата“, порача Мицкоски.

ЕУ, Македонија
Мицкоски е дециден: „Имаме заедничка цел, а тоа е Македонија еден ден да биде дел од европското семејство“Фотографија: DW/M. Maksimovic

Натпартиски став за уставни измени?

Премиерот одговарајќи на новинарски прашања по посетата на општина Ѓорче Петров, околу можноста да се изгради натпартиски став за уставните измени со одложено дејство, рече дека во својот говор на 23 октомври повикал на „натпартиска позиција за многу од отворените прашања“.

„Секој е добредојден, вратата е отворена, секој што ги споделува овие стравови, секој оној што е загрижен, вратата е отворена, може да ни се приклучи“, изјави Мицкоски и додаде: „Имаме јасен план и јасна стратегија што треба да се направи. Мораме да се обединиме ако сакаме да успееме и да ја исправиме грешката од претходно“. 

Ваквиот став следи откако претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, во гостување на Само Вистина во Канал 5, ја поддржа идејата на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени со одложено дејство.

„Позициите на ЛДП се дека во последните заклучоци ништо не нѐ спречува ние да ги спроведеме уставните измени, односно да ја почнеме постапката за донесување на уставните измени, за да стигнеме до таа последна фаза за уставниот закон, каде што самите предвидуваме кога истите би стапиле на сила“, вели Зајкова.

Таа додава дека точка 4 се однесува на тоа дека Македонија треба да ги спроведе уставните измени, точка 6 е дека ќе се одржи втората меѓувладина конференција без политичка одлука, откако ќе се заврши процесот на уставни измени согласно домашната процедура. „Тоа остава можност за пошироко толкување, кое што нѐ води до она одложено дејство за кое што зборуваме и дека тука, ако тоа ни се позициите, треба да изградиме сите заедно една државна позиција дека да, еве ние сме ја завршиле нашата обврска, меѓутоа истите ќе стапат на сила откако сите земји членки, вклучително и Бугарија, ќе гласаат 'за'“, вели Зајкова.

Тоа ги подгреа шпекулациите во јавноста за евентуалното приклучување на Моника Зајкова и ЛДП кон владеачкото мнозинство. Но, таа во изјава за медиумите вели дека продолжува да делува независно. „Ние како партија уште во мај донесовме одлука дека ќе делуваме независно, додека пак за локалните избори кои следуваат догодина ќе се одлучува на ниво на партиските тела како ќе настапиме, не е исклучено да настапиме и како независна партија“, појаснува таа.

Според Мицкоски, секој што ги поддржува и споделува политиките на Владата може да се приклучи кон нив.