Владата тактизира со писмото до ЕУ
18 октомври 2024Владата тактизира со писмото коешто го најави дека ќе се испрати до ЕУ со предлози како да се одблокира процесот на евроинтеграциите. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека уште се прават анализи и дека избрзани чекори би можеле да бидат лош потег. Тој замоли за малку трпение, за да „можеме со ладна глава да отспиеме и да донесеме вистинска одлука“.
„Сѐ е во оптек. Патувам викендов во Австрија, ќе бидам дел од еден настан во Салцбург, потоа ќе имам средби со високи претставници на австриската Влада - претседателот и министерот за надворешни работи. Таму скоро имаше избори, па во тек е формирање на нова влада. Ќе видиме како ќе биде со актуелниот премиер, потоа доаѓа претседателката на ЕК, па имаме состанок на Европска политичка заедница во Будимпешта на 7 ноември, така што нека се направи една анализа да видиме како сето ова ќе функционира. Ако успееме на овој начин да ја постигнеме целта, јас не би брзал со носење“, рече Мицкоски при посетата на скопската населба Ченто.
Премиерот во повеќе наврати изминатиот период најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение, кое ќе биде достоинствено и согласно со националните интереси.
Пред два дена, Мицкоски по посетата на Берлин, рече дека има дилема дали да го пишува писмото до ЕУ со предлози како да продолжат пристапните преговори, по средбите кои што ги имал на самитот на Берлинскиот процес. Таму лично ги запознал сите со содржината на писмото, но не ги откри деталите за јавноста.
Постојат земји-членки на ЕУ кои не ги почитуваат европските вредности
Во однос на изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која ги повика македонските власти „да ги читаат европските вредности со поголемо разбирање“, Мицкоски вели дека постојат, за жал, земји-членки на ЕУ кои не ги почитуваат европските вредности.
„Ние како држава ги почитуваме и постапуваме доколку постојат такви пресуди од институцијата која што е одговорна да носи одлуки за почитување и непочитување на човековите права, тоа е Судот за човекови права во Стразбур. За жал, имаме земји членки во Европа коишто имаат десетици такви пресуди коишто не ги почитуваат. Претпоставувам тоа ќе важи и за земјите членки, не само за кандидатите. Јас би сакал да ја упатам Јотова овој совет да го даде и кон тие земји членки коишто треба конечно да ги почитуваат и коишто се испречени пред можни санкции за почитување на човековите права“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека има такви 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија. „Ги повикувам истите овие коишто ни даваат нам совет да ги советуваат и бугарските власти да може да дозволат македонската заедница барем да се организира во невладини организации. Ние не бараме да бидеме дел од Уставот, туку да се организираат во невладини организации. Колку што знам Бугарија како држава е потписник на Резолуцијата за заштита на човековите права“, рече Мицкоски.
Јотова, на настан во Ќустендил, ги повикала „колегите од Република Северна Македонија да ги читаат со поголемо разбирање европските вредности“, бидејќи тогаш, кога ќе започнат вистинските преговори за пристапување во ЕУ, „има едно основно, прво поглавје, а тоа се нарекува 'Основни права'“: „Тие основни права минуваат низ целиот преговарачки процес и ако има барем една држава, која смета дека не се почитуваат човековите права, особено тие на претставниците на различни нации и народи, тој процес никогаш нема да заврши“, рекла Јотова.