1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Инсталациите на СДСМ и ДУИ во судството се жилави

ДТЗ
11 ноември 2024

Обвинителите имаат стомачни проблеми, главоболки, температура и така натаму, во моментот кога ќе треба да се преземе акција против криминалци, вели премиерот Христијан Мицкоски

https://p.dw.com/p/4mshD
Христијан Мицкоски
Мицкоски: Инсталациите на СДСМ и ДУИ во судството се жилави, борбата ќе биде исцрпувачкаФотографија: Government of North Macedonia

Борбата против инсталациите на СДСМ и ДУИ ќе биде долга, исцрпувачка и жестока, но македонските граѓани ќе ја добијат заслужената правда, порача премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Тутунскиот комбинат АД Прилеп.  

Коментирајќи ја одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која остро реагираше дека именувањата на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители се спротивни на Законот за спречување на корупција и има судир на интереси, премиерот вели дека не очекува дека ќе биде лесна борбата во обвинителството и во судството. „Затоа што нивната цел, да дадат сѐ од себе за да го уништат обвинителството и судството за да можат нивните вистински стопани, тие малкумина обвинители и судии да ги заштитат, добива епски размери“, вели Мицкоски, кој изминативе месеци често упатува критики до судството. 

„Обвинители се разболуваат кога треба да преземат акција“ 

„Често пати во изминативе еве, речиси пет месеци од како сме Влада, се случува да некој од обвинителите имаат стомачни проблеми, главоболки, температура и така натаму, во моментот кога ќе треба да се преземе акција против криминалци коишто беа симбол на едно минато владеење седум години и коешто не треба да ни се повтори“, вели премиерот. 

Според него, малкумина во обвинителството и судството уште се слепи послушници на претходната Влада од СДСМ и ДУИ. „Но можам да ви кажам дека ќе победиме. Македонските граѓаниќе добијат правда, онаква каква што заслужуваат, а не неправда од страна на малкумина октруирани послушници на претходната Влада на СДСМ и ДУИ, коишто во последен момент секогаш добиваат стомачни напади, вируси и главоболки“, вели премиерот. 

Изјавата следи откако Антикорупциската комисија минатата недела порача дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба да преземат мерки со кои ќе ги стават вон сила своите одлуки за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Според ДКСК, одлуките се спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Согласно членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не смеат да вршат функции во органи на управување кои располагаат со државен капитал. Судирот на интереси се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалби на кандидатите за судии и јавни обвинители.