Ќе има ли одговорност за бегството на Блерим Рамадани?
16 август 2024Случајот со поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани, кој побегна од куќен притвор, ќе го испитува посебна комисија на Судскиот совет. На итна седница е донесена одлука да се формира комисијата која што ќе треба да ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на Блерим Рамадани кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка.
„Дали има нешто, што се случувало, дали е Судот виновен или не, да не прејудицираме. Реакцијата на Судскиот совет во овој момент согласно неговата надлежност е таа, да ја испита состојбата, ништо да не се прејудицира“, рече на седницата во петокот (16.08) претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
Се бараат одговори од судството
Одлуката на Судскиот совет следува по бегството од куќен притвор на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани. Тој во јули беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска побара одговори од судството околу овој случај. „Одлуката во 2019 година од Врховен суд е многу јасна, кога тогашното лице кое било во екстрадициски притвор е ослободено. Зошто овој судија кој во минатото е познат по многу контраверзни судски одлуки и онаа за упадот во М-НАВ, носи одлука со која ја суспендира судската пракса и одлуката на повисокиот суд. Тоа е прашање кое треба да се разгледува“, изјави Мицкоски.
Според него, се додека вакви судии се дел од правосудниот систем, нема да има правна држава. „А, ако немаме правна држава ќе немаме силна економија, а со тоа ќе немаме пари во буџетот. Да не дозволиме нашите соседи да покажуваат мускули кон нас“, рече Мицкоски.
Лоцирање на вината
Додека партиите се препукнуваат кој е одговорен за бегството на Рамадани, на социјалните мрежи се појави фотографија со бегалецот на Косово, но нема потврда дали станува збор за стара или за нова фотографија.
ВМРО-ДПМНЕ вината за случајот ја бара кај судиите, а СДСМ повикува на одговорност и оставка на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Од ДУИ, пак, порачаа дека пропаднал планот на Вучиќ и моноетничката влада за екстрадиција на поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани од Косово, кој е прогонуван по налог на српската влада, а беше уапсен во Скопје.
„Меџити и Таравари, губитниците на изборите и омилени вазали на ВМРО, се пофалија дека го ослободиле Блерим Рамадани, измамувајќи ја албанската јавност“, соопшти партијата.
Вицепремиерот Изет Меџити на новинарско прашање дали како Влада располагаат со повеќе информации во однос на бегството на поранешниот војник на ОВК, упати на повеќе информации во МВР. „Тоа е веќе трета одлука, имаше и за Дуголи во минатото и за Морина и веќе тоа станува судска пракса и таа пракса треба да нè насочи како држава да делуваме и како сите други европски држави, дека Србија дава неточни информации и не треба да се сфатат сериозно“, вели Меџити.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ побара објаснување од македонските власти за бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Блерим Рамадани од домашен притвор, порачувајќи дека неговото бегство е скандалозно.