1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград бара објаснување од Скопје за бегството на Рамадани

ДТЗ
15 август 2024

Бегството на припадникот на ОВК, Блерим Рамадани од домашен притвор во Северна Македонија, според српскиот министер Ивица Дачиќ е „скандалозно“

https://p.dw.com/p/4jW9e
Ivica Dacic I serbischer Außenminister
Фотографија: Roman Pilipey/Pool/AP/picture-alliance

Бегството на Блерим Рамадани, кој беше приведен на Јажинце по потерница на Интерпол издадена по барање на Србија, предизвика реакции и во Скопје и во Белград. Партиите во Северна Македонија се препукнуваат и бараат одговорност за бегството на припадникот на ОВК, а Белград бара објаснување за случајот. 

Блерим Рамадани минатиот месец беше уапсен на Јажинце по потерница на Интерпол и спроведен во затворот Шутка на 30-дневен екстрадиционен притвор. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен припадник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродима. Србија бараше од скопските власти да го екстрадираат Рамадани во Белград.

Но, македонскиот надлежен суд во август му ја преиначи казната во куќен притвор до 16 август. Во меѓувреме беше обелоденето дека тој избегал.  

„Скандалозно бегство“ 

„Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој кој е уапсен со валидна потерница да избега од домашен притвор. Или меѓународната правда не важи за албанските терористи и воени злосторници, кога убиваат Срби, се е дозволено и простено“, изјави српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ.

Бегството на Рамадани од домашен притвор во Северна Македонија, според него е „скандалозно“.

Македонското МВР потврди дека поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово избегал од куќен притвор од домот на роднини во земјава. „Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот.  МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето“, велат од МВР. 

Рамадани, според косовските медиуми, е третиот државјанин на Косово како поранешен војник на ОВК, уапсен во Северна Македонија врз основа на српска потерница. Гафур Дуголи и Томор Морина беа уапсени во минатото, но со судска одлука беа ослободени. 

Албин Курти, Христијан Мицкоски
Барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК беше една од темите на средбата на премиерот Христијан Мицкоски со неговиот косовски колега Албин Курти на 5 август во СкопјеФотографија: Government of North Macedonia

Кој е одговорен за бегството? 

Опозицискиот СДСМ одговорноста за бегството ја лоцира кај  министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според нив,  откако тој дошол на власт, „државата била претворена во хотел промаја, а криминалците бегале како ќе им текне“.

Тошковски, пак, смета дека во случајот со бегството на Рамадани вистинското прашање треба да биде зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен притвор наместо во ефективен притвор.

„Лицето му беше предадено на судот по барање на Интерпол, што е во согласност со позитивните законски прописи. СДСМ да престане со празни обвинувања, а ние и понатаму ќе бидеме фокусирани на вистински решенија за подобрување на состојбата во државата“, вели Тошковски.

Премиерот Христијан Мицкоски побара да се остави да се произнесат обвинителството и судовите. Оцени дека е уште една причина што поскоро да се спроведат  реформите во правосудството. На прашањето како случајот ќе се одрази на односите со Србија, посочи дека како Влада сакаат да градат добрососедски односи со сите држави без исклучок и без оглед дали е тоа Албанија, Грција, Србија...