Има ли „огнени“ фракции во етничко-македонските политички партии, по теркот или слични на огнената групација во Демократската унија за интеграција? По јавното обзнанување на Изет Меџити дека отсега натаму ќе делуваат како фракција во рамките на ДУИ – чинам, прва таква на нашата политичка сцена - одговорот би бил дека такви нема во македонските партии. Поточно, ги нема службено. Но по секој друг критериум, евидентно е дека „огнени“ фракции има и во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ, и тоа повеќе од една или две во секоја од нив. А сепак, и таа оценка би била избрзана или прелесно дадена.
Процесите кои се одвиваат во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ помалку наликуваат на оние во ДУИ и повеќе на состојбите во албанскиот политички кампус во последната година или две на владеењето на Никола Груевски. Во која како не филмска лента се одвиваа процесите на двоење на ДПА од која се отцепи (или исфрли) Зиадин Села, се разбиваше пајтон партијата на Националната демократска преродба (РДК) и формираше опозициската Беса како стартна формација од која ќе се издвојата Касами и Алтернатива. Споредбено, таа состојба од албанскиот кампус денеска се отсликува во создавањето на Левица, двоењето на кумановската група од СДСМ и најавата за партизација на тнр. скопско крило под водство на Никола Димитров, т.е. Бранко Црвенковски. Во таа пресметка не ги вклучувам галамџи-партиичките во сателитски орбити на поголемите партии во кои сем звучните концепти, интегри, десници нема да најдете озбилна политичка понуда.
Сепак, и овие полугласно-полујавно најавени појави во очекување не се доволни за осознавање на комплексните односи во двете најголеми македонски партии. Не е никаква тајна дека фракциите во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се веќе етаблирана реалност која сеуште се држи во дискреција единствено поради несигурноста во постигнување на посакуваниот ефект пред членството и во општеството. Расплодот на групировни фракции низ бихаќчка од премиерци, заевисти, бранковисти, оливерци, максимовци, шеќераши е интересен за членовите кои во фракцијата ја гледаат опцијата за самопромоција до моќ. Истото подеднакво важи и за мицковистите, груевистите, поповите, муцињата растрчаните од подрум до таван на белата палата, секој уверен во фикс резултатот кој носи промоција „штом се вратиме на власт”. Тоа се нормални процеси за секоја партија, колку и да сакаат да не убедат дека "обединението е силно и слогата нескршлива”. Тоа е партиската службена логика. Но партиската реалност укажува дека процесот на огнени фракционерства ќе следи непосредно по следните избори, не како резултат на односот победници-губитници, туку како нус-ефект на смената на генерациите и – побитно – еволуцијата на профилот на политичарот во изменети околности.
Македонската партиска сцена во моментот е во надолната појдовна точка на зенитот на ерата на големите политички прашања врз кои се прекршуваат минатото и иднината, вообичаеното и новото, автократијата и авторитетот, пропагандата и реалноста. А со нив, и разликата помеѓу политиката на удоволување и политиката на испорачување како дистинктиви на досегашниот карши современиот политичар. Решавањето на спорот со Грција, зачленувањето во НАТО, реал-политичката реформа на меѓуетничките односи, спорот со Бугарија и зачленувањето во ЕУ се корупсот на тнр. големи политички прашања кои нанесоа потреси, изнудија промени и допрва ќе предизвикаат далекусежни последици на македонската партиска сцена. Слични на оние во албанскиот политички кампус, подраматични од оние во демократската унија за интеграција и – доколку не извлечат поука – со позагрижувачки последици како за нив посебно така и за земјата севкупно.
Пред неколку години, еден надежен македонски кандидат за претседател на републиката оцени дека популарноста негова на социјалните мрежи е доволна причина и аргумент да ја објави номинацијата како кандидат за шеф на државата. Неколку недели подоцна, неколку пропаднати обиди да собере доволен број на потписи за подршка и неколку совети "да батали ќорава работа”, кандидатот скрушено призна дека виртуелни 5.000 лајка во реалноста се преведуваат во 50 гласа на подршка. Епизодата, битна но заборавена и неразбрана како поука, е убава илустрација за динамиките кои следат во македонскиот кампус и процесите на филтрација помеѓу пропагандно-виртуелното и реал-општественото во изборот на претставништвото. По таа линија на селекција, македонската политичка сцена може да се подели на фејсбуковски класицизам и твитеровски модернизам. Проблемот е што надвор од социалните мрежи, најголемата политичка матрица во подем е општествениот скептицизам надвор од алгоритмите на соц-мрежите и клиентелистичкиот трансакционизам.
Искуството со сегментацијата во албанските партии и фракционерството во ДУИ е само делумно податно за вадење поука или модел за користење. Албанците први ја разбраа неозбилноста на социјалните мрежи во политиката преку соочување со првата генерација на алгоритам-политичари (Села, Груби, Таравари, Касами, Гаши, Реџепи) умешни да понудат се што уво сака да слушни а око да завиди, но некадарни да испорачаат а притоа не станат како нивните претходници. Затоа, модернизацијата на албанските партии не крахираше поради недостаток на квалитетни млади кадри, туку поради нивното исклучување од политиката од страна на алгоритам-политичарите кои модернизацијата ја сведоа на визулена имитација како авангарден тапет врз зидови од цигли и блато. Парадоксално, таа генерација на псеудо-модернисти наместо да донесе прогрес, ги потсети и им разјасни на албанските гласачи дека се што е на телевизија не е вистина, се што е убаво на слика не е раскошно на улица и дека оние кои се способни не се слаткести и не се заводливи – но во политиката се техничарчиња. Накусо кажано, демагогијата на модернистите од фејсбук-генерацијата политичари ги принуди албанците да се навратат кон корените на маалска микро политика. Во која ниту Груби, ниту Османи, ниту церемонијал мајсторот им Ахмети па дури ни извиканата им Израелска ПР агенција на нудење трули компири како помфрити – не можат да соберат повеќе од шоферите и телохранителите им во локалното кафуле.
Имаат ли СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тркачи на теренот какви што се огнените од ДУИ? Судејќи според излезноста по „средбите со граѓаните” на Ковачевски и традиционалната „патувачки циркус” стратегија на шлепање сиромаси по митинзи на Мицкоски, се чини дека во двете партии т'нка е работата со такви кадри. Груевски, Заев, Ковачевски ја прекинаа и искоренија логиката на напредување „од пред задруга, преку општина, до државна канцеларија” и ја заменија со веќе тешките за отстранување култури на сервилност, клиентелизам, помодарство и сите под-групи на науката на лигавење пред Шефот. Неубавите, зној-смрдливите, сељачки облечените, тркачи кои обезбедуваат гласови (но не се за пред камери) одамна заминаа за Германија или пак се пишаа Албанци за да најдат работа. Односот на фракционерите во СДСМ и во ВМРО во фаворизирање згодни и слаткести ликови само ја потврдува таа промена и ја нагласува отуѓеноста на двете партии од реалноста и од граѓаните од кои бараат поддршка – уште еднаш, на алаш вереш.
Албанците раскинаа со ДУИ во часот кога разбраа дека успехот на Ахмети е успех само за него лично и неговите слуги, но не и за нив, не за Албанците. Оние кои сакаа да пробат од формулата на Ахмети, формираа партиички и си избраа слуги. Оние со поголемо искуство и познавање на реалноста на победите на Ахмети и оние кои го имаа увото најблиску до тлото, навреме ја разбраа алармантната промена на расположението и му дигнаа ппбина во партијата. Алгоритам-генерацијата изградена врз сезонска перцепција, фондацијска идеологија и проектирана карактерност го имаше својот Икаров лет на брзо и прелесно доаѓање до топлите фотељи на власта. Таквите алгоритам-политичари сега испаничено гледаат како жгољавите им раце претат по воздух додека стрмоглаво паѓаат надолу. И во тој слободен пад, се разминуваат со Сизифите кои повторно го буткаат каменот нагоре, низбрдо. Македонците нека подразмислат за таа претстава и распределба на улогите. Час поскоро, навреме. Без паника и без еуфорија. Од искуството на мудроста, не од чемерот на „јавноста”. Бидејќи, гледано од страна, пред нив понудата засега ќе биде саде Икари. И ниеден Сизиф. Велат дека некаде во 2014 година му го украле каменот и од него направиле споменик. На некој коњ.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.