Ахмети ги пофали министрите, тие го кренаа до ѕвездите
21 март 2023Со голема посетеност и бројни пораки синоќа се одржа бомбастично најавуваниот собир на ДУИ во Чаир. Лидерот на партијата Али Ахмети влезе во салата во придружба на претседателот на Собранието Талат Џафери, првиот вицепремиер Артан Груби и шефот на дипломатијата, Бујар Османи. Во обраќањето пред присутните доминираа пораки за единство, помирување и обединување, за интеграцијата во ЕУ, за визијата на Ахмети, за иднината на Косово, но и за судбината на казината во земјава! ДУИ и во партиско соопштение ги испрати клучните делови од обраќањата на лидерот и партиските функционери и министри.
За помирувањето
Иако „огнените“ изјавија дека не биле поканети на партискиот собир, според првиот вицепремиер Артан Груби, токму целта на собирот била - помирување и обединување.
„Овде сме вечерва затоа што ни треба помирување и обединување, а не поделба и скараност. Раката ми останува подадена, затоа што немам огорченост или гнев. Навикнати сме да бидеме заедно затоа што така сака времето и тоа е вистинскиот момент. Сите заедно ги згуснуваме патиштата на ДУИ за интересите на нацијата, а не на поединецот, затоа што ДУИ е на сите, а не на малкумина (...) На видеото видовме тунел со светлина на крајот. Обично светлината симболизира надеж, но јас би рекол: На возот не може да му се застане на патот " порача Груби.
Ахмети „возот" го замени со „ураган", и објасни зошто е важно обединувањето.
„Нашата мисија започна за обединување, да им го дадеме на Албанците тоа што историски го заслужиле, слобода, правда, еднаквост, бидејќи слободниот говор и мисла без граници е анархија! (...) Во 2001 година ми рекоа - што ти требаат Арбен Џафери и Имер Имери? Ни требаа затоа што ни требаше сојуз и единство повеќе од кога било. Се надминавме себеси по многу прашања, бидејќи единството ве прави важен, затоа што имаме морална и национална одговорност Албанците да бидат таму каде што заслужуваат. Не доаѓаме од канцеларии или телевизиски екрани, туку од војски и војни, за да урнеме стар систем и да воспоставиме систем на еднаквост. Никој не треба да се плаши од фронтот на ДУИ. Зборував со многу политички лидери - ви кажав да ги оставите на страна гневот и незадоволството. Да се обединиме и да ја направиме оваа земја Европа, бидејќи членството на нашата земја во ЕУ е најголемата услуга што можеме да им ја направиме на албанските семејства со запирање на емиграцијата. Патот кон ЕУ не се запира со пропаганда, затоа Артан, ние не сме воз туку незапирлив ураган, не дозволувајте ураганот да ве прегази“, порача Ахмети.
За Косово
Охридскиот дијалог меѓу Белград и Приштина беше една од темите во обраќањето на лидерот на ДУИ.
„Сакам вечерва да споделам радост со сите вас за историското достигнување што Косово го постигна на 18-ти март во Охрид, отворајќи ги патиштата за членство во меѓународните институции од ЕУ, НАТО до ОН. Ова е договорот кој го обезбедува сигурниот пат на Косово, затоа честитки до премиерот на Косово, Албин Курти и целиот народ, бидејќи Косово имаше легитимитет, но сега Косово има легитимитет, суверенитет и е суверена држава“ порача Ахмети.
Според Османи, токму присуството на Ахмети во Охрид, и неговата средба со делегацијата од Косово, му дале „тежина“ на настанот.
„Охридската сабота беше ден на гордост. Видов колку сум горд што сум со Али Ахмети, поради фактот што Охрид е избран за дијалог и договор каде ќе се прифати државјанството на Косово, договор со посредство на Вашингтон и Брисел. Ние сме водечка земја во ОБСЕ, ние сме во НАТО, ние сме земја на големи договори и ќе бидеме во ЕУ. Самото присуство на Али Ахмети и даде тежина на саботата, кога тој и порача на косовската делегација дека сме со вас во секоја прогресивна одлука за државата“, ги сподели впечатоците Османи.
За култот на личноста
Во обраќањата на Груби и Османи беа изречени многу пофални зборови за лидерот на ДУИ, со речник типичен за градење култ на личноста.
Груби, говорејќи во контекст на надминувањата на разликите, и Чаир, и Скопје му ги „препиша“ на Ахмети, и откри чиј дух ќе биде вечен, и кој е последниот преродбеник на Албанците.
„Чаир не е леб, Чаир и Скопје се на Али Ахмети. Само слабите се плашат од конкуренцијата. Ништо не започнало и нема да заврши ниту со мене, ниту со некој друг, само духот на Али Ахмети треба да биде вечен, затоа што е најдобро за Албанците. Она што го правиме денес нѐ дефинира денес и утре во иднина, затоа сакаме да се потсетиме дека застанавме покрај последниот преродбеник на нашиот народ, Али Ахмети“, рече Груби.
Османи им се заблагодари на Чаирчани за големото присуство на собирот, а посочувајќи ги остварените резултати рече дека секој ја почувствувал „топлата рака на Али Ахмети“.
„Многу ви благодарам што бевте овде вечерва и што бевте толку многу, што се собравте за нашата гордост, за лидерот Али Ахмети. Благодарен сум му на господинот Ахмети за довербата што ми ја даде да бидам координатор на оваа активност. Секој жител на Чаир ја почувствува топлата рака на Али Ахмети, инвестираше во образованието, во обука на кадри кои нѐ прават горди, па ви благодариме Али Ахмети. Активистите од Чаир се лојални на вашите политики и мисии, визионерски политики кои секогаш триумфираат. Али Ахмети не се грижи за насловите на весниците туку за судбината на Албанците и денес и утре“, рече Османи.
И генералниот секретар на ДУИ, Фатон Ахмети, не заостана во пофалите за лидерот визионер и преродбеник.
„Оттука ја даваме пораката дека стоиме зад последниот преродбеник, визионерот Али Ахмети. Кога скептиците ги негираа нашите напори за членство во НАТО, ние победивме. Сега е мисијата на ЕУ, и повторно ќе победиме. Од оваа сала ви порачуваме дека Али Ахмети никогаш зад себе не оставил отворени рани и недовршени работи. ДУИ отсекогаш била одговорна за работите со кои раководела, така што секогаш сме биле успешни. Мудроста и умот на нашиот лидер секогаш и служат на националната кауза. Ние имаме среќа да учиме од Али Ахмети, многу генерации се израснати и професионализирани со неговиот труд и можност. Ова е Али Ахмети, тој што го трасира патот за новите генерации", порача Фатон Ахмети.
Ниту Ахмети не штедеше пофални зборови за сопартијците, особено за министрите на ДУИ.
„Јас, Талат Џафери и сите како нас, мора да работиме да го трасираме овој пат и да го направиме просперитетен за новите генерации, бидејќи времињата се сменија. Денеска се бара образование, квалитет и професионализам, затоа сум многу горд на тимот што го има ДУИ во Владата, а оваа гордост се зголемува кога добивам комплименти од меѓународни претставници за тоа колку добар имиџ имаме. Сите тие професионални кадри треба да ги поддржиме да ги покажат своите вештини, а не да ја задушиме ДУИ, затоа што имаме 100 илјади до 152 илјади гласачи овде и во следните 20 години“, рече Ахмети за тимот на ДУИ во Владата.
За казината
Набројувајќи ги значајните инвестиции во инфраструктурата, Груби во неговиот говор, накусо се осврна и на казината.
„Ниту еден проект не заглавува поради владини процедури, напротив инвестираме во албански средини! Ќе бидат отстранети и казината на 500 метри од училиштата и џамиите“, рече тој.
На истата тема се осврна и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Нема да зборувам многу, но ќе спомнам едно прашање. Ни рекоа - држете ги рацете подалеку од казината. Имаме раце надвор од тие работи, но правиме сѐ што е можно тие казина да се оддалечат од населбите и местата каде што се учи. Не зборуваме, туку со закон ги спроведуваме итните барања на граѓаните. Мисијата што ја презедовме ќе ја извршиме до крај, бидејќи не се занимаваме со клевети и празни зборови, туку остваруваме и спроведуваме", најави Џафери.
Распеани, разиграни
Во пресрет на собирот, Артан Груби на неговиот фејсбук-профил објави видео на кое Али Ахмети пее. Ова е втора таква „распеана снимка" на лидерот на ДУИ, која уследи по неодамнешната во која министри на ДУИ се релаксираат во кабинетот на Груби со играње фудбал, во време кога ДКСК за некои од нив отвори предмет за користењето на службени возила за партиски активности.
„ДУИ покажува аздисаност од власт и час поскоро сметам дека граѓаните на следните парламентарни избори треба да го казнат за таквото однесување. Во контиунитет се зборува за злоупотреба на државни ресурси. Каде е собирот? Во државен објект. Како дојдоа? Со државни коли" рече градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, на ТВ 21.
„Тоа што тие го манифестираат во континуитет, апсолутно не е за одобрување. Тоа што денеска се случуваше со пеење по кабинети.., јас не плаќам даноци за вие како мој избраник да седите и пеете. Па и да пеете доколку граѓаните се среќни, но во Македонија на сите анкети граѓаните не се чувствуваат среќни, а политичарите им пеат“, рече Димитриевски.
Тој го покани Али Ахмети да дојде и да запее во техничкото училиште на албански наставен јазик СОУ „Сами Фрашери“, и да види во какви услови се учи.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска вчера одговарајќи на новинарско прашање, рече дека врз основа на документацијата што ја добиле од ДКСК, изрекле опомени за првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за надворешни работи Бујар Османи и тогашниот министер за животна средина Насер Нуредини.
„Ќе провериме дали откако им беа изречени опомените имало нови вакви ситуации и што би можеле да преземеме“, рече Грковска.
Според неа, играњето фудбал во канцелариите на вицепремиерот Груби, не е начин на кој треба да се однесуваат функционерите.
„Не сметам дека е тоа начин на којшто функционерите би требало да се однесуваат и сметам дека треба да се има малку повеќе сензибилитет за тоа како функционерите би требало да се однесуваат и каква слика даваат пред граѓаните“, изјави Грковска.