1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на погрешен пат во надворешната политика

24 јули 2024

Владата во Скопје го нема луксузот да оди спротивно на европските текови, а ако тоа не го сфати ќе плати висока цена во надворешната политика. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4idvy
Линкот на Скопје со унгарскиот премиер Орбан (десно), е само непотребен луксуз за Мицкоски (лево), далеку поголем од патувањето со бизнис класа во САД.
Линкот на Скопје со унгарскиот премиер Орбан (десно), е само непотребен луксуз за Мицкоски (лево), далеку поголем од патувањето со бизнис класа во САД.Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Во политиката наголемо се врти нова страница. Во Северна Македонија дојде друга власт, во Велика Британија и во Франција се консолидираат централно-левичарските партии, ЕУ доби старо-ново раководство, НАТО во октомври добива нов шеф во холандскиот премиер Марк Руте, а САД во ноември ја чекаат неизвесни претседателски избори кои предизвикаа сеизмички потреси дури и пред да се одржат.

Како се снаоѓа новата Влада во Македонија во овие промени на фигурите во шаховското поле? Како слон во стаклена соба – е првиот впечаток. Непотребна ескалација на односите со Грција, продолжување на тензиите со Бугарија и нешто што многумина ги изненади - воспоставување неформално сојузништво со Унгарија од каде ќе дојдат првите пари во знак на поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Кон тоа треба да се додадат и шемите со луѓе блиски до американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, што е заземање страна пред есенските избори. Оние што сериозно се занимаваат со дипломатија добро знаат колку тоа може да биде штетно на долгорочни патеки во надворешно-политичките релации. 

Мицкоски порачува дека на Орбан треба да му се даде орден и да се прогласи за херој затоа што и помага на земјата. Добро, но што станува со евроинтеграцијата на Македонија за што Владата според најавите ќе бара „попуст“ за бугарските барања?! И колку е паметно да се брца во око на Брисел во пресрет на дипломатската офанзива на нашето МНР за забрзување на патот на Македонија кон членство во ЕУ. 

Мицкоски (лево) во Вашингтон се сретна Ричард Гренел (десно), контроверзниот дипломат и поранешен в.д. координатор на американските разузнавачки служби за време на претседателствувањето на Доналд Трамп
Мицкоски (лево) во Вашингтон се сретна Ричард Гренел (десно), контроверзниот дипломат и поранешен в.д. координатор на американските разузнавачки служби за време на претседателствувањето на Доналд ТрампФотографија: Nordmazedonischer Premierminister Hristijan Mickoski

Од европската престолнина веќе пристигнуваат вести за растечко незадоволство од претседателот на владата на Унгарија Виктор Орбан, кој според првите изодени чекори во рамки на ротирачкото претседателство на неговата земја со ЕУ, оди против воспоставената надворешна политика на блокот. Тој ги посети Русија, Украина, Кина и отиде на средба со Трамп во Флорида, без да се усогласи за тоа со ЕУ. Незадоволството е толку големо што шефот за надворешна политика и безбедност на Унијата, Жозеп Борел, бара казна за унгарскиот лидер. 

Борел контра Орбан 

Казната треба да биде испорачана преку неформалниот состанок на шефови на дипломатии и министри за одбрана на ЕУ од 28-30 август кој наместо во Будимпешта би се пренасочил во Брисел. „Повторените некоординирани чекори на Унгарија да зборува против единството на ЕУ мора да имаат некои формални последици“, рече Борел. Тој во понеделникот (22.07) порача и дека „секоја земја-членка е суверена на својата надворешна политика но тие мора да ги почитуваат договорите“. 

Таа изјава треба да биде внимателно прочитана во Скопје бидејќи премиерот Мицкоски на критиките за заемот од Унгарија одговара дека е тоа внатрешна работа на Македонија и дека ЕУ нема зошто да се меша во тоа. Вистина, Македонија не е членка на ЕУ, но како кандидат за членство сега си го пишува досието за афинитетите во надворешната политика, а сојузништвото со Унгарија не говори во прилог на усогласеноста со политиките на Унијата, како формални така и неформални, барем кога е во прашање Орбан. 

Растечко незадоволство во Брисел од претседателот на владата на Унгарија Виктор Орбан
Растечко незадоволство во Брисел од претседателот на владата на Унгарија Виктор ОрбанФотографија: Sefa Karacan/Anadolu/picture alliance

Оттука, линкот на Скопје со Орбан, во овие моменти кога земјите од ЕУ го градат првиот впечаток за надворешно-политичките преференции на новата влада на Северна Македонија, е само непотребен луксуз за Мицкоски, далеку поголем од патувањето со бизнис класа во САД. А знаеме дека луксузот скапо се плаќа. Во време кога Македонија нервозно чека во чекалницата на ЕУ, необјаснива е логиката да му се подаде рака на Орбан, особено што тоа е човекот кој го прими Груевски на азил во Будимпешта. Притоа ВМРО-ДПМНЕ може бесконечно да објаснува дека расчистил со Груевски, бидејќи парите од Унгарија даваат поинаква слика.

Србија напред, Македонија назад 

Некогашниот советник за финансии во претходната влада Бранимир Јовановиќ во интервју деновиве за тоа дава јасна дефиниција преку многу просто прашање: „Зошто Унгарија ни дава заем, кога не е позната како земја која плива во пари, туку напротив, како земја која е зависна од ЕУ фондовите?" 

Според досегашните настани, на тоа прашање може да се надоврзе и прашањето дали Македонија ќе ја замени Србија која досега важеше за лошото момче во регионот? Станува јасно дека тектонските промени или подобро кажано стравот за енергетската иднина не ја одминуваат ни ЕУ, па Србија е на пат да стане бриселски миленик по потпишувањето на договорот со ЕУ за ископување на литиум. Аналитичарите во Белград со право на овој договор му припишаа историско значење повикувајќи се на енергетската безбедност која стана најважна тема и предизвик на ЕУ, при што потенцираат дека Србија со својот потпис потврдила дека го става своето рудно богатство во функција на европската безбедност.

Од потпишувањето на договорот ЕУ- Србија за ископување на литиум во Белгад на 19 јули, 2024
Од потпишувањето на договорот ЕУ- Србија за ископување на литиум во Белгад на 19 јули, 2024Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Какви анализи прави владата во Македонија додека земји со нагласен евроскептицизам како Србија, тргуваат со ЕУ со своите природни богатства со цел да ја променат децениската игра со блокот и да ја претворат во пријателство и поддршка? Па, прави погрешни чекори обидувајќи се со пари да ја задржи наклонетоста на избирачите, според принципот дека парите немаат мирис ни вкус туку дека имаат само употребна вредност. Но парите брзо ќе бидат потрошени. Во меѓувреме можеби нашето државно раководство ќе ја увиди потребата од константна и стабилна надворешна политика затоа што само тоа носи успех на долги патеки. Владата го нема луксузот да оди спротивно на европските текови, а ако тоа не го сфати ќе плати висока цена во надворешната политика а тоа ќе се прелее и дома. Политиката на Груевски е добар пример за тоа. 

Најпосле, Македонија треба да добие околу 850 милиони евра преку европскиот План за раст на Западен Балкан. Таа сума е близу до милијардата која се најавуваше од Унгарија, а значително повеќе од првата рата од 500 милиони евра што е на пат да пристигне, додека втората рата со иста сума е само на ниво на можност. Доколку продолжат излетите во надворешната политика средствата од Планот за раст може да бидат загрозени бидејќи една од клаузулите е добрососедството кое засега не е силна страна на надворешната политика на нашата Влада.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар