1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу нејаснотии за „дилот“ на Мицкоски со Орбан

ДТЗ
12 јули 2024

Договорот меѓу премиерите Мицкоски и Орбан за државен заем од 500 милиони евра, укажува на „нечиста совест“, вели професорот Ванчо Узунов за Дојче Веле. Филипче смета дека заемот не е воопшто поволен.

https://p.dw.com/p/4iCy4
Северна Македонија Унгарија Христијан Мицкоски Виктор Орбан
Премиерите на Северна Македонија и Унгарија, Христијан Мицкоски и Виктор Орбан во ВашингтонФотографија: Regierung Nordmazedonien

Премиерот Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан на средба во „четири очи“ во Вашингтон договорија специјална економска соработка меѓу двете земји, а првите плодови треба да се наберат наскоро - со најавена позајмица од половина милијарда евра. Договорот склучен „на нозе“, за кој информираше во четвртокот Мицкоски, предизвика бројни полемики и дилеми во Северна Македонија. Самиот факт што ветениот заем од една милијарда, преку ноќ се стопи на половина, заобиколувањето на официјалните меѓународни институции за земање на кредит, како и бројните непознаници околу условите и каматната стапка која што ќе треба да ја отплаќа земјата, уште од самиот старт овој „дил“ го ставија под будното око на јавноста и експертите.

Специјална финансиска соработка со Унгарија 

„Денеска заедно со премиерот на Унгарската Влада, господинот Виктор Орбан имавме исклучително квалитетна и плодна средба.Разговаравме за неколку теми меѓу кои и темата којашто можеби за македонските граѓани е најважна, а тоа е дека двете влади се договорија во иднина да воспостават специјална економска соработка, нешто што ќе значи сигурност и нешто што ќе значи финансиска стабилност за нашата македонска економија“, најави Мицкоски по средбата со Орбан во Вашингтон (11.07).  Според тоа што е јавно објавено, договорено е министерствата за финансии на двете Влади веднаш да отпочнат процес во којшто Унгарската Влада ќе и позајми на македонската Влада сума од 500 милиони евра под следните услови - а тоа се камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години.

„Имајќи предвид дека воспоставуваме специјална економска соработка, тоа ќе подразбира дека во иднина кога ќе има потреба од такво нешто, ќе можеме повторно да се обратиме до нашиот специјален економски партнер, а тоа е Унгарската Влада и да побараме поддршка дополнителна што ќе биде потребна за македонската економија“, вели Мицкоски. 

Овие 500 милиони евра, според најавите на премиерот, ќе бидат употребени на следниот начин: 250 милиони евра директно поддршка за македонската економија под истите услови, 3.25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Другите 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти кои што ќе бидат изведени во општините и ќе бидат исклучиво наменети за потребите на граѓаните. 

Чиста политика 

Најавите за помошта од Унгарија, според универзитетскиот професор Ванчо Узунов се „чиста политика“, и во моментов имаат малку допирни точки со економијата. 

„Јас би почекал да ги дознаеме сите можни елементи кои ќе бидат утврдени за да може калкулацијата околу условите и исплатата на кредитот да биде издржана. Сега за сега ова е чиста политика и нема врска со економија. Првин беше милијарда, па сега сумата се преполови. Каматата сега е 3%, а може да испадне и 7 проценти. Не се знае. Не се знае ниту колкав ќе биде грејс периодот, бидејќи има тука многу мали керефеки коишто можат драстично да ја сменат работата“, вели Узунов за ДВ.

Тој смета дека најпрво треба „конкретно да видиме што ќе се договори меѓу двете земји, па дури тогаш ќе може да се направи калкулација дали кредитот е поволен или не за земјата“. 

Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан на средба во „четири очи“ во Вашингтон договорија специјална економска соработкаФотографија: Government of North Macedonia

Страв од задолжување 

Во меѓувреме, постои страв кај експертите поради задолжување од држава, а не преку финансиските институции. „Во принцип мене ме плаши тоа, затоа што укажува дека владата сака да бега од дисциплината што ја имаат тие институции кога даваат заем. Тоа за мене е нечиста совест. Ако немаш скриени намери - зошто би ти пречела дисциплината на ММФ“, вели Узунов. Негова претпостапка е дека тогаш најверојатно би се довеле во прашање ветувањата за зголемување на пензиите за 5.000 денари линеарно, што не би поминало толку лесно кај ММФ. 

„Директното позајмување од држава носи голем број ризици - ако држава се задолжува треба закон за тоа да се донесе кој ќе помине во парламентот. И зошто се доволни пола милијарда евра, а не и 400 милиони? Сумата е исто така паушално определена. ако се има предвид дека првично беше најавена една милијарда. До моментот на потпишување на договорот, сумата би можела пак да се намали“, вели Узунов.  

Резерви околу договорот 

Резерви околу договорот имаат и од опозициската СДСМ. Новоизбраниот лидер Венко Филипче за ДВ изјави дека е загрижен дека потезите на премиерот Христијан Мицкоски ја водат земјата кон политичко заложништво во однос на Унгарија и вели дека стравува дека Мицкоски сака да го имплементира системот на Виктор Орбан во Македонија.

Венко Филипче
Венко Филипче е загрижен дека потезите на премиерот Христијан Мицкоски ја водат земјата кон политичко заложништво во однос на УнгаријаФотографија: SDSM

„Јас сум навистина загрижен дека станува збор за една форма на политичко заложништво кон Унгарија и директно од Виктор Орбан. Очигледно е дека тој сака да стане патрон на Христијан Мицкоски. Да потсетам дека неговата партија е исфрлена од европското семејство ЕПП и сега таа партија од Унгарија соработува со партиите на радикалната десница. Стравувам дека под диктат на Виктор Орбан такви политики Христијан Мицкоски ќе почне да имплементира тука кај нас“, вели Филипче. 

Лидерот на СДСМ вели дека кредитот не е поволен ниту од економски аспект, и наведува дека владата на неговата партија му дала кредит на стопанството од 150 милиони евра преку Европската банка за обнова и развој, со каматна стапка од само 1,6%.

СДСМ бара итно повлекување на ВМРО-ДПМНЕ од оваа идеја и започнување преговори за финансирање од проверени и контролирани извори. 

Северна Македонија веќе користи кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој со каматна стапка од 1,6% со грејс период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години и дополнителни 100 милиони со 3,5% каматана стапка. 

Виктор Орбан
Многу полемики и дилеми околу заемот од ОрбанФотографија: NurPhoto/IMAGO

Зошто се потребни овие средства? 

Но, владејачката ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека ова се едни од најдобрите услови што можат да се добијат. „Обвинувањата за неодговорно задолжување се неосновани и се резултат на дезинформации. Ние се задолжуваме под многу поволни услови, секогаш водејќи сметка за интересите на граѓаните и државата“, порачаа од партијата.

Александар Николоски, заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт, во телевизиско гостување на Алфа телевизија појасни зошто се зема позајмицата од Унгарија.

„Овие средства ни се прво за да го поддржиме стопанството. Под исти услови под кои што ги земаме овие средства ќе ги пласираме во стопанството. Тоа е за првите 250 милиони евра, а додека пак другите 250 милиони евра ќе ги користиме за општините за да ги развиеме општините. Постигнат е одличен договор и Унгарија покажа дека е еден од најдобрите пријатели на Македонија. Виктор Орбан покажува една прекрасна визија за Македонија. Интерес на Унгарија е единствено стабилна Македонија, развиена Македонија. Нивниот интерес е Македонија да стане членка на ЕУ, истакна Николоски.