1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
12 ноември 2022

Вистинската политичка тема сега е она што се случува во Градот Скопје. Во последната епизода таму имаше сѐ и сешто – од навреди, мачоизам, повикување полиција, а во некоја рака дури и мизогонија. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4JQQr
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и претседателот на Советот, Трајко Славески
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и претседателот на Советот, Трајко СлавескиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ќе има ли мнозинство или не за уставните измени? Таа издишана тема за ова време се држи на мускули за опозицијата да има со што да ја храни дневната агенда и да ја става власта во некаква постојано дефанзивна позиција да дава изјави проткаени со оптимизам за нешто кое ниту сега ќе се случува, ниту се созреани условите да се постави на дневен ред. Другите поважни теми, како инфлацијата и енергетската криза, се фрлени на вториот колосек – иако тоа е во срцевината на стравувањата на обичниот граѓанин. Власта нема решенија што брзо ќе го смират растот на цените, кои во голема мерка се билдаат од трговците кои се однесуваат како воени профитери во кризата која дојде однадвор, а опозицијата не умее да го пронајде наративот во оваа економска драма. Можеби енергетската криза го стигна својот врв, а можеби и не – но откако почнаа драматично да паѓаат цените на гасот во Европа, наеднаш оние контакти на Христијан Мицкоски, кои подоцна станаа „позиции“ ја загубија јавната привлечност и политичка капитализација. За нив сега речиси никој не зборува, па ни самиот Мицкоски. Така е во времето кога работите брзо се менуваат.

-Повеќе од авторот: Сто години од фашизмот

Вистинската политичка тема, додека СДСМ одржува граѓански трибини а ВМРО-ДПМНЕ саем на градоначалници (кои Мицкоски ги нарече „херои“) се тркала веќе два месеци во Градот Скопје. Некому тоа може да му изгледа како висока локална тема, но таа е токму спротивното – како со вуду игла таа криза го боде вмровскиот нерв и за тоа опозицијата (во исто време власт во Скопје) не само што нема вистински одговор, туку ги калапи како тутун штетите што ги трпи.

Да ја погледнеме само новата епизода во Советот на Градот Скопје. Тој примитивен водвиљ ѝ нанесе уште една сериозна штета затоа што во „дебатата“ (а тешко е дека така може да се нарече) со дополнителен сет лузни излегоа и вмровскиот првенец Трајко Славески и  градоначалничката Данела Арсовска.  И двајца произлезени од вмровскиот шинел. Таму имаше сѐ и сешто – од навреди, мачоизам, повикување полиција, а во некоја рака дури и мизогонија.

Штетата што си ја нанесува Трајко Славески

Најголемата можна штета ја претрпе Трајко Славески, уважуван економист, поранешен министер за финансии, а сега како претставник на вмровскиот врв претседавач со Советот на Град Скопје. Според неговите реакции на седницата на Советот, тој изгледа дека не е свесен за политичките штети што ѝ ги носи на партијата, туку како да мисли дека е во амфитеатарот на Економскиот факултет, а пред него се студентите кои треба беспоговорно да го слушаат својот професор.

По епизодата од една од претходните седници, кога Славески стана од неговата фотелја и го грабна микрофонот пред Арсовска, тој изгледа беше решил да се подготви подобро за таа седница во вторникот и смисли дека оние што поставуваат советнички прашања треба да седат покрај него на пултот. И оттаму на микрофон да ги поставуваат прашањата, а не на говорницата.

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска во клинч со Трајко Славески и со ВМРО ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Можеби сте ги гледале видео инсертите од тој водвиљ, но вреди да се повторат во пишана форма. Тоа е моментот кога Данела Арсовска излегува на говорницата.

Трајко Славески: „Овој микрофон (мисли на тој до него – н.з.) Ви е на располагање, а оваа фотелја Ви е поудобна од онаа на која седите во магарешките клупи назад“.

И потоа објави пауза од 15 минути „затоа што повторно имаме неовластено користење опрема“.

Данела Арсовска: „Сметам дека не ви доликува да го браните овој циркус во овој Совет. Навистина е недолично тоа што го правите. Прво, го кршите Уставот; второ сте ситен лопов и сте човек којшто краде (веројатно мисли на микрофонот – н.з.)“.

Потоа Славески станува, застанува пред неа со заканувачки став и по размената за тоа кој што краде, си заминува. Потоа доаѓа неговата реплика.

Трајко Славески: „Почитувани, поради недоличното однесување во салата на Град Скопје и навреди кон претседателот ѝ одземам збор на градоначалникот Арсовска“.

Данела Арсовска: „Вие сте деспот и тиранин и ништо повеќе. Го тероризирате Градот преку вашите политички синдикати“.

Дали од нестрпливост, дали од неочекување дека една жена, на која постојано ѝ се обраќа во смешна конструкција во машки род – „ѝ одземам збор на градоначалникот Арсовска“ – може упорно да му се спротивставува, а тој нема адекватни политички алатки да ја сведе ситуацијата во своја корист, тој ѝ направи неколку мечкини услуги на својата партија. А и на самиот себеси.

Прво, споменувањето на магарешките клупи и фотелјата. Несоодветно, непристојно, неумесно, промашено. Тоа до него (како што се виде од преносот) е малку поудобно столче (но тој седи на фотелја). Поголемиот проблем за него (а и за партијата што ја претставува) е неговата оценка дека сите оние што седат во задните редови биле во магарешки клупи. Каква е таа оценка? Од образовниот систем од 1950-те години? Само тие што седат напред се вредни? А другите назад се од кастата на непослушните. Ни како професор не би можел да се однесува така кон своите студенти, а исто така ниту кон нивната кандидатка која сесрдно ја промовираше во кампањата за локалните избори. И која беше пречекана со зурли и тапани пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ во ноќта на изборната победа.

Што би можело да значи тоа – дека двајцата пратеници на Левица (со кои настапуваат усогласено во Собранието) седат во „магарешките клупи назад“ затоа што се на местата во последниот собраниски ред? Можеби на професорот Димитар Апасиев ваквата вербална гимнастика не би му пречела, но тоа не значи дека тоа не им пречи на неговите гласачи. Дали сите што седат во последните редови во Советот на Скопје се наредени во магарешки клупи? Без оглед дали се од градската власт или опозицијата.

Перцепциите се калапат како тутун

Втората работа е неговото заканувачко стоење на говорницата пред поситната Арсовска. Многумина тоа го посматраат како мачоизам. СДСМ се опече за време на кампањата кога објави дека Данела Арсовска наводно имала бугарско државјанство, поткрепувајќи го тоа со факсимили. Едната реакција беше дека тоа е непримерно мешање во приватните работи на една жена-менаџер која претходно немаше некои драматични политички изјави. А втората дека сака да примени некакви сила спрема „понежниот“ актер. Тоа предизвика одбивност кај многу жени гласачи. Она што го направи Трајко Славески во вторникот на говорницита беше многу погрубо, па дури и мизогонистички. Во интервјуто со Васко Ефтов, одговарајќи на прашањето за одземањето на микрофонот од претходната епизода, Славески рече дека тоа истото би го направил уште илјада пати. Во вторникот тој отиде и чекор понатаму, веројатно испровоциран од зборовите на Арсовска - „Господине Хитлер“. Испровоциран или не, но сликата од видеото со неговиот грб како ѝ се внесува во лицето на Арсовска е ужасна, особено за партијата чиј врвен претставник е.

Можеби ова се предолги експликации, но работите во перцепциите на гласачите се таложат една по една. А Трајко Славески не успева да го скрие гневот, лутината, нетрпението во пресметката со Данела Арсовска.  А и двајцата се дел од истото вмровско грне (без оглед што таа беше формално независна кандидатка).

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со поумерени тонови кон Арсовска
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со поумерени тонови кон АрсовскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Изгледа дека Христијан Мицкоски разбра дека штетата од  пресметката со Арсовска  само ја затегнува спиралата, па во четвртокот во интервјуто со Гоце Михајлоски на Канал 5 се обиде да биде поумерен. Зборувајќи за Арсовска тој рече:  „Еден човек создава многу конфликти, те со синдикат,  те со овој, те со оној. Тоа не значи дека ти си најисправниот. Значи дека нешто не чини кај тебе ако нон-стоп правиш конфликти на сите страни и имаш проблем со себе“. И уште во тон за сороботка додаде: „И покрај сѐ најважно е градоначалничката Арсовска да се држи до победничкиот концепт ‘За модерно Скопје’ и ќе ја има поддршката на ВМРО-ДПМНЕ“.

-Повеќе од авторот: Риши Сунак и македонската опозиција

Ова зборови на професорот Мицкоски се сосема поумерени од „магарешките клупи“ на професорот Славески. Дали ќе бидат доволни да се смири тензијата во Градот Скопје и штетата што ја трпи ВМРО-ДПМНЕ е прашање на кое тешко може да се одговори. Како што тешко може да најдат одговори вмровските првенци како можеа да ја поддржат кандидатурата на Данела Арсовска без да направат дју-дилиџенс дали нејзиното одметништво, некомуникација со јавноста, запирање на сите круцијални проекти, острите и непријатни зборови може да им донесат непредвидена штета. Па дури и нивниот крал во егзил, Никола Груевски, да пишува од Будимпешта дека „лажна е и шпекулацијата дека на некаков начин јас сум лобирал во партијата за  Данела Арсовска да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје,  како и за почесен конзул на Унгарија во Штип или пак претседател на стопанската комора во времето кога бев премиер.

За нејзиниот избор за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за градоначалник на град Скопје  дознав од медиумите. Ниту некој од раководството на партијата ме прашал за мислење за таа одлука, ниту сум дал мислење, а најмалку сум лобирал. Како раководството на партијата дошло до таа одлука, како и преку кого претседателот на партијата се сретнал и запознал со идната кандидатка, тие најдобро знаат и доколку се процени дека има потреба, можат да ѝ соопштат на јавноста“.

Сите  во ВМРО-ДПМНЕ сега мислат дека мора да се ослободат од Арсовска  која е за нив залепена како краста (па дури и Груевски на одреден начин им се потсмева на таквата одлука – дали тој, навистина, не лобирал е сосема друга работа) и Мицкоски со внимателни зборови сака да ја намали штетата која секој ден е сѐ поголема и на некаков начин да ја врати Данела Арсовска во таборот. За да се оствари победничкиот концепт „За модерно Скопје“ од кое сега нема ни трага ни глас. Има само конфузија, и политичка, и идејна, и визионерска.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Имаше уште неколку други интересни детали од интервјуто на Мицкоски за Канал 5 (како објаснувањето зошто вмровците не протестираат против  бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“  – озлогласениот Михајлов бил дел од континуитетот на ВМРО и тоа мора да се почитува, објаснуваше Мицкоски), но толкувањето за тоа што би правеле со преговорите со ЕУ ако дојдат на власт во најмала рака е чудно. Михајлоски повеќе како констатација рече: „Таму (во Бугарија) се менуваат околностите, те беше една влада, па друга. Бог знае што ќе биде таму за две години?“

-Повеќе од авторот: За бугарскиот цар... уште еднаш

Како да ја чекаше таквата констатација Мицкоски се обиде да поентира:

„Точно. И ние го чекаме тоа и ќе работиме да ги смениме тие околности да дојдат некои други луѓе таму, некаде на друго место, за да го прикажеме нашиот став, нашата вистина. Тоа можеме да го направиме ако сме посветени дома“.

Ај, оди, сфати го ова. Ќе работат да ги сменат околнистите во Бугарија за да дојдат други луѓе во власта таму и тоа ќе го направеле ако се посветени дома. Еден вид политичка алхемија. А дотогаш, ако ЕУ ги замрзне преговорите додека не се промени уставот, каде ќе седиме сите ние – во европските магарешки клупи?

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар