1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од Ванчо Михајлов

ДТЗ
18 октомври 2022

СДСМ и ВМРО се обвинуваат меѓусебно за фашизам, но во парламентот со здружени сили дадоа поддршка на законските измени со кои ќе се огранични регистрација и на здруженија и на партии поврзани со Третиот рајх

https://p.dw.com/p/4ILtS
бугарски клуб „Цар Борис“ протест Охрид
Пратеници и од власта и од опозицијата, едногласно ја изгласаа потребата по скратена постапка да се донесат измените во Законот за здруженија и фондацииФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Власта и опозицијата се обединија околу потребата да се ограничи регистрацијата на спорни бугарски здруженија и фондации во земјата, но меѓусебно се обвинуваат и не можат да се усогласат околу сосема исто законско решение коешто би важело и за политичките партии. Законските измени вчера ги поднесе координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, само еден ден откако сосема исти законски решенија предложи опозицијата но за измени на Законот за здруженија и фондации. Суштината на двата предлози е да се забранат здруженија, организации и партии да користат имиња или обележја поврзани со фашизам, со што еднаш за секогаш ќе се стави крај на намерните провокации. Митрески денеска повторно апелираше до пратениците да дадат поддршка за законот. 

Предложените измени на Законот за политички партии предвидуваат политичките партии во своите програми, имиња, статути и обележја, да не може да користат или да бидат насочени кон разгорување на национална, расна или верска омраза, етничка нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, ширење или промоција на фашизам, нацизам, национал-социјализам или Третиот рајх. Исто така, и да не може да се повикуваат на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам или Третиот рајх. 

„ВМРО- ДПМНЕ се повикува на континуитет во своето делување, а дел од тој континуитет е и Ванчо Михајлов како некогашен  претседател на таа партија. Гледаме дека таа иста политичка партија има осуда за отворањето клубови кои го носат името Ванчо Михајлов, од друга страна пак таа партија отвори Музеј во Ново Село, Штип каде Ванчо Михајлов го спомнуваат како херој и револуционер и таа партија треба д ги објасни овие различни толкувања“, посочи Митрески и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни за новото законско решение кое е доставено до Собранието. 

Parlament in Skopje Mazedonien Umbenennung zu Republik Nordmazedonien
Власта и опозицијата се обединија околу потребата да се ограничи регистрацијата на спорни бугарски здруженија и фондации, но меѓусебно се обвинуваат за законско решение коешто би важело и за политичките партииФотографија: Reuters/T. Georgiev

Меѓусебни обвинувања 

Одговор пристигна од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој на прес-конференција во Собранието порача дека ваквата иницијатива на СДСМ е „дефокусирање на јавноста“. „Оваа тема ја отвораат за да се сокријат дека аминуваат фашизам. Многу поискрено е да кажат дека доколку не сакаат закон со строга регулација за формирање на здруженија и на невладини организации, да застанат тоа да го кажат јавно, а не начинот на којшто го прават“, вели Мицевски.

Сепак, партијата вчера даде поддршка во парламентот за потребата да се изгласаат законски измени кои ќе се однесуваат и на регистрацијата на партиите. На пленарна седница, пратеници и од власта и од опозицијата, едногласно со 84 гласа „за“ ја изгласаа потребата по скратена постапка да се донесат измените во Законот за здруженија и фондации. Со 76 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ се изгласа и потребата по скратена постапка да се донесат измените во Законот за политички партии.

Мицевски денеска потврди дека остануваат на тоа дека даваат целосна поддршка за продолжување на постапката за измена на ова законско решение.  Но, порача дека „ВМРО е константа на борбата на македонскиот народ за слобода и еднаквост, за разлика од СДСМ во чие што време е промовиран фашизмот, а во чиј што статут се повикува на комунизам“.

„Тоа значи дека тие во наследство го преземаат целокупниот прогон против десетиците македонски патриоти и херои коишто денеска ги славиме како држава, а она што се обидува СДСМ е замена на тези, со цел затскривање на својата политичка кичма кон Бугарија, дури и по цена на отворање клубови за промоција на фашизам во Македонија“, вели Мицевски. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема