1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМолдавија

Локални избори во Молдавија со руски предзнак

Витали Калугареану
6 ноември 2023

На локалните избори во Молдавија проруските партии постигнаа изненадувачки добри резултати. Сега проевропската централна влада мора да смета на остар контраветер.

https://p.dw.com/p/4YTQs
Молдавија локални избори
Проруските партии во Молдавија постигнаа изборен резултат што им овозможува да ја стават проевропската централна власт под уште поголем притисок од пораноФотографија: Dmitrij Osmatesko/SNA/IMAGO

Проруските партии во Молдавија на локалните избори во неделата (5.11) постигнаа изборен резултат што им овозможува да ја стават проевропската централна власт под уште поголем притисок од порано. Надежта за политичка одмазда против реформските сили на претседателските избори во 2024 година и парламентарните избори во 2025 година доби силен поттик од изборните успеси во главниот град Кишињев и други градови.

И покрај исклучувањето од изборите на партијата Шанса, која е под контрола на избеганиот олигарх, поврзан со Кремљ, Илан Шор, се чини дека функционираше „Планот Б“ на Кремљ, со брзо пренасочување на корумпираните гласачи кон преостанатите кандидати кои останаа во трката. Проевропските власти не направија ништо за да го спречат планот на Москва.

Локалните власти наспроти ЕУ

По успешното назначување на гувернер во гагаускиот автономен регион (во јужниот дел на Молдавија), Русија планираше победа на локалните избори во уште два важни града: Балти (на север) и Орхеи (во центаралниот дел од земјата), за да може овие региони подоцна да се користат како нови жаришта на сепаратизмот. Во Орхеи, сосема непознат кандидат за градоначалник победи во првиот круг на гласање. Во Балти, кандидатот премолчено поддржан од про-Кремљ група, успеа да се пласира во вториот круг на гласање. И овој кандидат беше целосно непознат до изборите, новинарите дотогаш го немаа видено.

На вчерашните избори Русија ја искористи тактиката на „регионализација“ со проучување на политичките и геополитичките преференции на гласачите во целните градови и со поставување кандидати (вклучително и под лажно знаме) врз основа на овие домашни изборни преференции. Преку групата Шор, Москва поддржуваше и кандидати за замена кои беа брзо активирани откако сите претставници на партијата Шанса беа исклучени од изборната кампања поради нелегално финансирање од Русија.

Молдавија локални избори
На вчерашните (5.11.2023) избори Русија ја искористи тактиката на „регионализација“ со проучување на политичките и геополитичките преференции на гласачитеФотографија: Elena Covalenco/DW

Москва за првпат ги тестираше своите технологии за поткуп на гласачи во 2021 година, во Балти , кога кандидатката на сега забранетата партија Шор, Марина Таубер, беше на чекор до градоначалничката фотелја. Сметката се оствари во мај 2023 година, во автономната област Гагаузија, кога на изборите за гувернер на регионот победи проруската кандидатка Еугенија Гутул. Кривичната постапка за корупција на гласачи, во која во визирот е Гутул, сè уште е во тек.

Победа под лажно проевропско знаме во Кишињев

„Тактиката за регионализација“ што ја користи Русија сега покажа резултати во главниот град на Република Молдавија. Градоначалникот на Кишињев беше реизбран во првиот круг со 50,52 отсто од гласовите. Актуелниот градоначалник и изборен победник Иван (Јон) Чебан, поранешен комунистички лидер кој подоцна стана проруски социјалист, овојпат се кандидираше под проевропско знаме како претседател на неговата нова партија МАН.

Молдавија локални избори | Иван (Јон) Чебан
Иван (Јон) Чебан се кандидираше под проевропско знаме како претседател на неговата нова партија МАНФотографија: Alexandr Burakow/DW

Во 2014 година, Чебан изјави дека договорот за асоцијација на Молдавија со ЕУ ќе ја втурне земјата „во катастрофа“. Тој се изјасни и против договорот за партнерство со НАТО, ја промени и својата реторика во однос на соседна Романија. По години континуирано пропагирање на рускиот став за постоењето на „молдавски јазик“, Чебан во 2022 година се предомисли и рече дека Молдавците зборуваат романски. Некои романски политичари побрзаа да го поканат во Букурешт и да го исчистат од имиџот на проруски политичар.

Главен противник на Чебан беше кандидатот на ПАС (владејачката про-ЕУ партија) Лилијан Карп. Тој доби само 28,23% од гласовите. Во градскиот совет, пак, ПАС и МАН (партијата на Чебан) ќе имаат ист број мандати - по 20. Социјалистите (проруски) добија шест, комунистите (проруски) два мандата. Три други партии (вклучувајќи две проруски) ќе имаат по еден мандат.

Молдавија локални избори
Кремљ нема да се откаже така лесно, уверен е првиот човек на молдавскиот парламент Игор Гросу (д.)Фотографија: Alexander Burakov/DW

Централната власт - во опозиција на локално ниво

На национално ниво, ПАС беше прв во 19 од 32 општински совети, но не постигна мнозинство во ниту еден од нив. Како што сега покажува изборната слика, во локалните совети низ целата земја може да се формираат алијанси дури и без ПАС. Со други зборови, партијата што владее на централно ниво може да биде испратена во опозиција на локално ниво. Со оглед на претседателските избори во 2024 година и парламентарните избори во 2025 година, ова би било драма за проевропската партија.

Резултатот од изборите во неделата е лош сигнал што Молдавците го испраќаат непосредно пред одлуката на ЕУ во декември 2023 година за почеток на пристапни преговори. Пред изборите, молдавските власти, како и ЕУ и САД, ги осудија обидите на Русија да го блокира европскиот пат на Молдавија преку дестабилизација на земјата.

Во петокот (3.11), шефот на Службата за разузнавање и безбедност на Република Молдавија, Александру Мустеата, зборуваше за „невидена закана за безбедноста на Молдавија“. Според него, Русија испратила огромни суми пари во Молдавија преку пребеганите молдавски олигарси Илан Шор и Владимир Плахотниуч за корумпирање на гласачи. Во последните денови од изборната кампања, молдавската полиција уапси неколку лица кои им делеле пликови со пари на потенцијални гласачи во градовите Балти, Орхеи и Комрат. На гласачите, наводно, им биле понудени коверти со  50 до 300 евра.

Молдавија локални избори
Вториот круг од локалните избори ќе се одржи за две неделиФотографија: Alexander Burakov/DW

„Кремљ нема да се откаже така лесно. Тој продолжува да влијае на политичките процеси во Молдавија“, изјави вчера (5.11) Игор Гросу, лидер на ПАС и претседател на парламентот. Затоа, вели тој, избирачите во вториот круг мора да гласаат „против оваа валкана политика на Русија“, која го блокира европскиот пат на земјата. „Влогот е многу поголем и немаме право да дозволиме некои криминалци и диктатори да одлучуваат за иднината на Молдавија“, рече Гросу.

Вториот круг од локалните избори ќе се одржи за две недели.