1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се заштеди ли струја со летно сметање на времето во зима?

ДТЗ
10 октомври 2022

Министерството за економија во наредните денови треба да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на летното сметање на времето, со цел - заштеди во потрошувачката на електрична енергија.

https://p.dw.com/p/4HzBf
часовник време
Министерството за економија ги разгледува можностите околу евентуално продолжување на летното сметање на времетоФотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert

Со цел да се заштеди електрична енергија, можно е годинава часовниците в недела на 30 октомври да не се поместуваат од летно во зимско сметање на времето. Министерството за економија во наредните денови треба да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на летното сметање на времето, со цел - дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека постојат различни европски искуства околу продолжувањето на летното сметање на времето, но сите тие се анализираат, по што ќе биде донесена одлука. 

„Би сакал да ги видам анализите, во моментов повеќе има про оставање на летното сметање на времето, но ќе ги видиме сите анализи. Пред крајот на месецот, кога треба да се донесе таа одлука, ќе видиме дали ќе продолжиме со истото сметање на времето, како до сега или ќе ја направиме промената“, рече Ковачевски.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека до крајот на неделата би требало да бидат готови анализите што ги прави Министерството за економија за можноста да остане летното сметање на времето со цел поголеми заштеди на електричната енергија.

Дилеми

Зимското сметање на времето треба да почне в недела на 30 октомври, кога стрелките треба да се поместат еден час наназад, а летното сметање на времето треба да се врати на 27 март идната година. Со промената на времето се добива повеќе дневна светлина во утрата, но и порано стемнување во попладневните часови. Но, анкетите покажуваат дека  промената во летно сметање на времето напролет и во нормалното, или зимско, сметање наесен, не е омилено кај луѓето. Истражување на германската здравствена осигурителна куќа ДАК покажа дека дури 72 отсто од испитаниците се против промената на времето. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека владиниот предлог за продолжување на летното сметање на времето, ќе смени повеќе од два до три проценти од вкупната слика од состојбата во државата. „Тоа не е доволно“, оценува Мицкоски. 

 

Странски искуства 

Ваква мерка воведе Германија уште во 1980 година, поради заштеда на енергија. Но, критичарите велат дека промената на сметањето на времето не ја исполнува оваа цел, затоа што заштедата на енергија е маргинална. Имено, промената на времето во летно сметање треба да донесе заштеда на енергија во потоплите месеци. Убедувањето е дека поместувањето на стрелките за еден час напред ќе ја намали потрошувачката за осветлување. Но, според експертите, ефектите се незабележливи

Дневната светлина и особено сончевите зраци се „главните тајмери“ на внатрешниот часовник на човекот и многу важни за ритамот на будење и спиење. Според експертите, токму зимското сметање на времето тоа најдобро го обезбедува.

Со поместувањето кон летно сметање се заканува недостаток на сон, што води кон недостаток на концентрација и намалена продуктивност, како и до повеќе несреќи.