Убијте го летното сметање на времето!
28 октомври 2021Поранешната канцеларка Ангела Меркел при напуштањето на европската бина по 16-годишен перманентен кризен менаџмент беше испофалена од речиси сите колешки и колеги на самитот на ЕУ минатата недела. Но, една криза и наводната „машина за компромиси“ Меркел не успеа да ја совлада - летното сметање на времето.
И овој викенд времето повторно ќе се смени. Целата ЕУ ќе ги премести стрелките на часовникот за еден час наназад и од летно ќе премине на зимско сметање на времето, или како што уште се нарекува - нормално сметање на времето. Ваквата промена на сметањето на времето секои шест месеци треба да се укине, оценија граѓаните на Унијата во една онлајн-анкета во 2018 година. Европската комисија и Европскиот парламент се согласија со тоа. Само Советот на ЕУ, значи претставништвото на 27-те земји членки, уште од 2019-тата не може да се усогласи. Ангела Меркел и колегите во Европскиот совет го игнорираат жешкиот костен, даваа изговори дека прво би требало да се погрижат за Брегзит, климата, короната и други важни работи.
Лош изговор, зашто во случајов станува збор всушност за желба на граѓаните и недвосмисленото ветување пред европските избори во 2019 година за укинување на несаканото, непотребно менување на сметањето на времето во март и октомври. Тоа не би требало да е толку тешко, би помислил обичниот смртник, кој не ги познава и не сака да се занимава со длабочините на бирократијата на ЕУ и мешаницата од интереси на земјите членки.
На моменти - сомнеж во способноста да се дејствува
Некои од земјите членки на Унијата сакаат засекогаш да го задржат летното сметање на времето. Некои од државите сакаат да се држат до зимското сметање на времето. На едни им е предолго светло, на други - прерано им се стемнува. Се вртат табели со траење на сончеви часови и времиња на заоѓање на сонцето. Се укажува на тоа дека географски погледнато цела Франција всушност припаѓа на друга, повеќе западна временска зона, а Полска на повеќе источна временска зона. Некои европратеници претпоставуваат дека ќе следел временски хаос и крај на европскиот внатрешен пазар доколку се дозволи секоја земја да се однесува со сметањето на времето како што ѝ одговара. Се разбира, тоа е бесмислица, зашто единствено летно/зимско време во ЕУ има само од 2002 година до денес. Па континентот и претходно си функционираше.
Мачното натегање за едно инаку едноставно прашање ги покажува основните проблеми на ЕУ и кога се работи за пристапот кон големи теми како корона, клима, Кина или владеењето на правото во Полска. Земјите членки главно одредуваат во која насока ќе се оди. Ако една, две држави се инаетат, ништо не мрда напред. Едноставно не постои диктаторска централна сила во Брисел, за која популистите во Полска и Унгарија сакаат да фантазираат, која би можела да уредува макар едноставни прашања како промената на времето. За сѐ е потребен компромис и време, многу време, за да се дојде до решение.
Однадвор погледнато оваа комплексна убавина на работниот механизам на ЕУ изгледа вознемирувачки, дури и катастрофално. Една заедница која по три години расправање не може да се усогласи ниту за едно сметање на времето, сака да биде соиграч во светот, да има надворешнополитичка тежина и да води? Смешно!
Оваа промена на сметањето (во недела, 31.10.2021) на времето би морала да биде последна. Како се вели - доаѓа време, доаѓа совет (со значење: ако трпеливо се чека, ќе се најде решение). Овојпат тоа е Советот на ЕУ, кој е одговорен за овие глупости.