1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК ќе предложи укинување на различното сметање на времето

ЕМФ /агенции
31 август 2018

Шефот на ЕК, Жан-Клод Јункер, е за укинување на промената на сметањето на времето. Веќе денеска ЕК ќе донесе заклучок за откажување од летното и зимското сметање на времето.

https://p.dw.com/p/3454e
Zeitumstellung Sommerzeit
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Willnow

Брисел во онлајн-анкета, која заврши на средината од август, ги праша граѓаните дали се за укинување на праксата на поместување на стрелките на часовниците за еден час нанапред или наназад секои шест месеци. Граѓаните покажаа огромен интерес за прашањето и на анкетата учествуваа околу 4,6 милиони луѓе. Мнозинството се изјасни за укинување на праксата на различно сметање на времето налето и назима.

Повеќе: Промена на времето? Не, благодарам!

Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, денеска изјави дека ќе се почитува волјата на граѓаните и дека ЕК веќе денеска ќе донесе соодветен предлог. „Луѓето тоа го сакаат, ние тоа ќе го направиме“, изјави Јункер за германската телевизија ЗДФ. Според него, нема смисла луѓето прво да ги прашате за нешто, а потоа да се правите „како ништо да не кажале“, изјави Јункер. Инаку, досега ЕК постојано повторуваше дека анкетата ниту е обврзувачка ниту е репрезентативна. За предлогот на ЕК за укинување на различното сметање на времето согласност ќе мора да дадат државите на ЕУ и Европскиот Парламент.

Jean-Claude Juncker EU Kommissionspräsident
Јункер: Луѓето се изјаснија и ние тоа ќе го направимеФотографија: picture-alliance/dpa/V. Mayo

Поддршката од страна на Европскиот Парламент важи за сигурна, но меѓу ЕУ-државите ситуацијата не е толку јасна. Сепак, и тука „не гледам мнозинство против укинувањето“, изјави пратеникот на ЦДУ, Петер Лизе. Дел од државите членки и онака веќе се позиционираа. Литванија, Естонија и Летонија се за укинување на зимското и летното време, исто како и Финска. Германија досега нема изнесено став.

ЕК досега не ги објави јавно резултатите од анкетата за сметањето на времето, но во текот на изминатата недела протекуваа одредени податоци, како оној дека над 80 проценти од граѓаните биле „за“ укинување на промената. Од оние што се изјасниле „за“, мнозинството биле да се задржи само летното сметање на времето.

Повеќе: Ќе се укине ли летното сметање на времето? Граѓаните на ЕУ имаат збор!

Во Германија летното и зимското сметање на времето е воведено во 1980 година. Од 1996 година луѓето во сите држави на ЕУ ги поместуваат стрелките на часовниците во последната недела од март и последната недела од октомври. Идејата која се крие зад различното сметање на времето е подобра искористеност на дневната светлина и со тоа - заштеда на енергија. Вистинската полза од промената на времето, меѓутоа, е спорна. Освен тоа, многу луѓе се жалат на здравствени проблеми.