Кра се повлекува од европските избори и врвот на АфД
22 мај 2024На две недели пред европските избори, деснопопулистичката партија АфД го загуби својот главен кандидат. Максимилијан Кра соопшти дека се повлекува од раководството на партијата и нема веќе да се појавува во предизборната кампања. Според соопштението на неговиот тим, тој тоа го објавил во видео разговор со раководството на АфД. Повлекувањето на Кра доаѓа по неговите контроверзни изјави за Ес-Ес и спорот што избувна со француската десничарска партија Национална алијанса (порано Национален фронт).
Раководството на АфД раскинува со својот шпиценкандидат
Канцеларијата на Кра дистрибуираше изјава од политичарот на АфД, во која се вели: „Примам на знаење дека моите фактички и диференцирани изјави се користат како изговор за да ѝ се наштети на нашата партија“. АфД, како што се вели, мора да го задржи своето единство. „Поради оваа причина, сега се откажувам од секое понатамошно појавување во изборната кампања и поднесувам оставка како член на сојузното раководство (на партијата, н.з.).“
Раководството на АфД, пак, исто така раскинува со својот главен кандидат. Сојузното партиско раководство донесе забрана за настапи на Кра, потврди партиски портпарол за весникот „Билд“. Кра за италијанскиот весник „Ла Република“ изјавил дека не биле сите членови на Ес-Ес криминалци. „Никогаш нема да кажам дека секој што носел униформа на Ес-Ес автоматски бил криминалец“, изјави Кра за весникот. На прашањето дали Ес-Ес биле воени злосторници, тој одговори: „Сигурно имало висок процент на криминалци, но не биле сите криминалци“.
Национална алијанса се дистанцира од АфД
Национал-социјалистичката Ес-Ес ги надгледувала и управувала, меѓу другото, концентрационите логори и во голема мера била одговорна за воени злосторства. На Нирнбершките процеси, по завршувањето на Втората светска војна, таа беше прогласена за криминална организација.
По интервјуто на Кра, француската Национална алијанса објави дека во иднина веќе не сака да биде во иста пратеничка група со АфД во Европскиот парламент.
Кра на платформата X објаснува:
„Не може да се падне подлабоко отколку во Божјата рака. Примам на знаење дека моите фактички и диференцирани изјави се користат како изговор за да ѝ се наштети на нашата партија. Последното нешто што ни треба во моментов е дебата за мене“.
Не е јасно што ќе се случува натаму со кампањата на АфД за изборите за Европскиот парламент. Според желбата на раководството на партијата, човекот број два на европската листа, Петр Бистрон, нема веќе да настапува поради истраги на јавното обвинителство. Во меѓувреме, Бистрон најави дека засега ќе се откаже од настапите во кампањата, наведувајќи семејни причини за овој чекор.
АфД во Европскиот парламент работи во пратеничката група ИД заедно со Националната алијанса (РН) и италијанската Лега. Меѓу АфД и РН подолго време има несогласувања. По откритијата на медиумската компанија Коректив за состанок на десничарски екстремисти во Потсдам во јануари, Марин Ле Пен изрази јасна критика.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик