АфД во Бундестагот вработува повеќе од 100 десни екстремисти
13 март 2024За пратениците на АфД во Бундестагот работат повеќе луѓе од десноекстремниот спектар отколку што досега беше познато. Ова го покажува истражувањето на радио телевизијата Бајеришер Рундфунк (БР). Според него, парламентарната група на АфД и нејзините пратеници вработуваат повеќе од 100 луѓе кои се активни во организации кои од Службата за заштита на уставниот поредок се класифицирани како десноекстремни. Меѓу нив има активисти од „Идентитарното движење“, идеолози од „Новата десница“ и повеќе неонацисти.
Точниот број на вработени не е познат
Не е јасно колку точно вработени вработуваат 78-те пратеници на АфД: само неколкумина од нив го именуваат својот тим на нивната веб-страница. Управата на Бундестагот и пратеничката група на АфД не даваат никакви информации за ова. Според сопствените информации, самата пратеничка група има 182 вработени (заклучно со 16 февруари).
БР располага со неколку интерни списоци со имиња од Бундестагот. Покрај тоа, репортерскиот тим можел да ги види и тековните списоци на вработени од парламентарната група на АфД. На овој начин, истражувачкиот тим на БР идентификува повеќе од 500 луѓе кои, според достапните информации, работат за парламентарната група на АфД или за нејзините пратеници и истражуваше што стои зад тоа. Меѓу соработниците во пратеничката група и кај пратениците се вклучени лица кои се споменуваат во извештаите на Службата за заштита на Уставот и лица кои се на раководни позиции во организации кои се под опсервација. БР меѓу имињата наиде на учесници во неонацистички маршеви во Кемниц, Дортмунд, Дрезден, Магдебург и Цвикау.
Има и луѓе чии имиња се појавуваат во врска со групите „Граѓани на Рајхот“ или десноекстремната „препер“ група „Ендкампф“. Соработници основале локални филијали на Пегида и организирале демонстрации на т.н. „кверденкери“.
Повеќе од половина од пратениците на АфД вработуваат луѓе кои се активни во организации кои од Сојузната служба за заштита на Уставот се класифицирани како десноекстремни. Според истражувањето на БР, меѓу нив се лидерите на пратеничката група Алис Вајдел и Тино Хрупала. Пратеничката група, пратениците и нивниот персонал добија можност да коментираат. Повеќето прашања останаа неодговорени. Некои пратеници ја доведоа во прашање независноста на службите за заштита на уставниот поредок.
Повеќе од 30 милиони евра годишно
Пратеничката група напиша дека нема да коментираат поради „заштита на податоците и заштита на личните права“. Освен тоа, како што се вели оттаму, класификацијата на службите за заштита на уставниот поредок е „во основа само мерка на службата“, која нема никакви, а „сигурно не 'автоматски' правни ефекти".
Севкупно, пратеничката група на АфД и нејзините пратеници имаат на располагање повеќе од 30 милиони евра за вработените – годишно. Потпретседателката на германскиот Бундестаг, Катрин Геринг-Екарт (Зелени), за БР изјави дека вработените кои имаат врски со десноекстремни кругови се опасност и дека сакаат да ја поткопаат демократијата одвнатре. Резултатите од истражувањето, според неа, се „шокантни“. Мора да се размисли дали непријателите на Уставот кои работат во Бундестагот треба и натаму да се плаќаат со даночни пари: „Тоа треба да го промениме. Не можеме да дозволиме едноставно да оди вака“, бара Геринг-Екарт.
Актерите на „Новата десница“
Посебно забележливи се актери од спектарот на таканаречената Нова десница. Ова е струја во десничарскиот екстремизам која се залага за негова идеолошка обнова по националсоцијализмот. Како дел од „Новата десница“ може да се вбројат различни списанија, издавачи, тинк-тенкови, здруженија и активистички групи. Претставниците на „Новата десница“ се гледаат себеси како „претходница“ на АфД.
Дел од „Новата десница“ е и здружението „Еден процент“, кое себеси се смета за „најголема германска патриотска граѓанска мрежа“. Тоа собира донации и ги користи за поддршка на активисти од десничарскиот спектар. Минатата година, Сојузната служба за заштита на Уставот го класифицираше „Еден процент“ како „докажано десноекстремно“.
Околу 25 луѓе од „Млада алтернатива“
Пратениците на АфД во Бундестагот вработуваат и луѓе кои биле премногу екстремни за самата партија. На пример, Франк Паземан. Паземан беше пратеник во Бундестагот за АфД во претходниот легислативен период, но во 2020 година беше исклучен од партијата и пратеничката група. Во процесот на исклучување од партијата тој беше обвинет за однесување кое ѝ штети на партијата и антисемитизам. Според она што стои на вратата од една од канцелариите кои ги користи АфД, тој работи за пратеникот Јирген Пол. Паземан и Пол не одговорија на прашањата на БР.
Марвин Нојман е исто така вработен кај претставник на АфД. Поранешниот шеф на Млада Алтернатива (ЈА), младинската организација на АфД, поднесе оставка од партијата во 2021 година под притисок. Меѓу другото, тој беше обвинет дека дал изјава за „бела надмоќ“. Денес работи за Ханес Гнаук од Бранденбург. Нојман и Гнаук исто така ги оставија прашањата неодговорени.
Сојузната служба за заштита на уставотја класифицира ЈА како „докажано десноекстремна“, а организацијата во моментов се брани од тоа на суд. Според истражувањето, околу 25 членови на ЈА работат за пратеничката група на АфД или нејзините членови во Бундестагот. Покрај тоа, таму работат некои луѓе кои биле членови на ЈА, а сега се постари од 35 години. Според статутот, членството престанува кога лицето ќе наполни 35 години.
И покраинските ограноци на АфД во Саксонија, Саксонија-Анхалт и Тирингија исто така се класифицирани како десноекстремни од страна на службите за заштита на Уставот во тие покраини. За пратениците и пратеничката група на АфД работат десетици членови од овие покраински ограноци. Многу од нив се активни и во други антиуставни структури.
Додека Сојузната служба за заштита на Уставот сè повеќе ја зема во визир АфД, а членовите на владата и опозициските политичари сега дури дискутираат за забрана на партијата, истражувањето за првпат покажува до кој степен АфД им дава пристап до парламентот на непријателите на Уставот. Професорот по политички науки Армин Пфал-Траугбер, кој до 2004 година беше референт за десничарски екстремизам во Сојузната служба за заштита на уставот и оттогаш истражува на Универзитетот на Сојузот за јавна управа, за политичкиот магазин Репорт Минхен изјави дека е проблем што „десничарски екстремисти навистина седат во организациското срце на демократијата во Сојузна Република Германија“. Таму тие би можеле да „остваруваат влијание и да шират пропаганда“.
Истражување: Н. Армбруст, Ј. Бартел, С. Камис, А. Мејер-Финфингер, А. Наберт, В. Нирле, Ј. Штројле и М. Цирер, БР