1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД: Бјерн Хеке и националсоцијализмот

Ханс Пфајфер
18 април 2024

Еден од најрадикалните германски политичари, Бјерн Хеке одговара на суд поради употреба на забранети националсоцијалистички слогани. Речникот на Хеке е полн со термини од нацистичко време.

https://p.dw.com/p/4esyz
Бјерн Хеке од АфД
Бјерн Хеке од АфД - еден од најрадикалните германски политичариФотографија: imago images

Кривичното дело за кое се товари Бјерн Хеке формално гласи: „Користење на симболи на поранешна националсоцијалистичка организација“. Ова е обвинението против Бјерн Хеке чие судење започнува денеска, 18 април, во Регионалниот суд во Хале.

Станува збор за настап на Хеке во рамките на изборната кампања на 12 декември 2023 година во Гера, покраината Тирингија. Во ресторанот Валдхаус, пред преполна сала, во организација на градското здружение на Алтернатива за Германија, партијата на Хеке.

Во текот на настанот, Хеке очигледно прави вербална игра со своите поддржувачи. Тој објаснува дека мора да се појави на суд поради обвинение од 2021 година. „Затоа што еднаш предизборната кампања ја завршив со реторичка тријада: „Сѐ за нашата татковина! Сè за Саксонија-Анхалт! Сè за...“ гестикулирајќи, Хеке потоа ја охрабрува својата публика да ја заврши изреката. Таа гласно вика со аплауз и воодушевување: „...Германија!“ Хеке стои насмеан и задоволен на бината.

„Сè за Германија“. Тоа е слоганот на злогласната паравоена организација на Хитлер, „Јуришни одреди“ („Sturmabteilung") или скратено СА.

Хитлеровата СА - паравоена терористичка организација

СА беше особено активна на почетокот на националсоцијализмот, во периодот на доаѓањето на власт на Хитлер и неговата партија, НСДАП, во 1933 година. Во оваа рана фаза, таа ја зави Германија во терор: убивање, мачење и заплашување - особено комунистите и Евреите.

Со падот на самопрогласениот „Трет рајх“ и крајот на германските масовни убиства низ Европа во 1945 година, СА, како и сите други нацистички организации, беше забранета.

Злогласната паравоена организација на Хитлер, „Јуришни одреди“ („Sturmabteilung")
Злогласната паравоена организација на Хитлер, „Јуришни одреди“ („Sturmabteilung"), архивска фотографија од 1938 година Фотографија: picture alliance/dpa

Подоцна, во новооснованата Сојузна Република Германија беше забранета секаква пропаганда во духот на националсоцијалистичката идеологија и нејзините организации, вклучително и употребата на слоганот на СА: „Сè за Германија“.

Дали Хеке го знаел значењето?

Но, дали Бјерн Хеке знаел каков слоган користи? Да, тој го знаел тоа. Со сигурност барем при вториот пат, на неговото појавување во Гера. Затоа што тој самиот тука се повикува на обвинението.

Уште нешто: Бјерн Хеке по професија е наставник по историја. Студирал историја и предавал на оваа тема многу години пред да влезе во политиката за АфД, која делумно важи за  десно екстремна,  и стана еден од нејзините најрадикални претставници.

Она што е упадливо е колку дејствувањето на Хеке постојано се поврзува директно или индиректно со нацистичката ера. Тој го критикува споменикот на Холокаустот во спомен на убиството на шест милиони европски Евреи од страна на националсоцијалистите како „споменик на срамот“.

Или во 2016 година: Хеке на митингот на АфД ја сожалуваше озлогласената негирачка на холокаустот Урсула Хавербек, која мораше да отслужи подолга затворска казна како повторна престапничка.

Фиксиран на националсоцијализмот

Во 2017 година, Хеке отиде особено далеку: во говор пред помладите членови на партијата од Млада алтернатива, тој го критикуваше начинот на кој Германците се справија со нацистичката диктатура. Тој тоа го нарекува „глупава стратегија за справување“. Притоа тој побара: „Потребен ни е пресврт од 180 степени во политиката за сеќавање“. Ако критикуваната политика на сеќавање на нацистичката ера е критичка, предупредувачка или опоменувачка, тогаш Хеке повикува на спротивното: позитивна во која било форма.

Хеке ги објави своите размислувања во форма на книга во 2018 година. Во неа тој го нарекува погрешно тоа што „Хитлер е прикажан како апсолутно злобен“, тврдејќи дека работите не се толку „црно-бели".

Бјерн Хеке АфД
Бјерн Хеке сака да стане премиер на покраината ТирингијаФотографија: Michael Reichel/dpa/picture alliance

Книгата е полна со радикални изјави: Хеке вели дека крајно е потребен нов лидер, зашто на Германија ѝ се заканува „национална смрт преку размена на население“. А за оние кои размислуваат поинаку во германското општество, важи следново: „Дека гангренозните екстремитети не можат да се излечат со вода од лаванда, знаел уште Хегел".

„Хеке е фашист“

Изјавите во неговата книга се толку радикални што Управниот суд во Мајнинген тоа го искористи како основа за својата пресуда пресуда од 26 септември 2019 година, според која изјавата „Хеке е фашист“ не е произволна, туку е заснована на проверлива фактичка основа.

Келн: Илјадници луѓе протестираа против десничарската АфД

Она што е впечатливо во медиумското внимание за Хеке и дебатите за него како политичка фигура е: Бјерн Хеке е политичар кој не извршува политичка функција во Германија и никогаш не ја извршувал. И кој не е ни претседател на партија или дури ни во нејзиниот сојузен извршен орган.

Сепак, тој стана апсолутна  точка на иритација во германската политика,  при што се расправа за неговите мисли, светоглед и политички постапки.

Човек без функција

Причината: дали со или и без оглед на неговиот радикализам,  Хеке ја доведе АфД  до таков степен на успех во неговата покраина Тирингија, што таа стана најсилната политичка партија  според анкетите.  И немањето на функција може да се промени во 2024 година: Бјерн  Хеке сака да стане премиер во Тирингија.

Тој одамна го диктира тонот во својата партија, дури и без да извршува функција на сојузно ниво. Тешко дека може да се направи нешто против Хеке кога станува збор за пополнување места и позиции. Во партијата која германските безбедносни власти сѐ повеќе ја наведуваат како  „сомнителен десноекстремен случај“.  Регионалниот огранок на АфД во Тирингија, предводен од Бјерн Хеке, не е наведен како сомнителен случај од Сојузната служба за заштита на Уставот, туку како „докажано десничарско екстремистички".